ЈАС СУМ МАРСОВЕЦ

Децата, кога ќе пораснат, ќе треба да изберат дали повеќе ја сакаат мајката или таткото.

ЈАС СУМ МАРСОВЕЦ

1 Ќе си се пишам Марсовец во личната карта. Не знам, некако така ми дојде. Го следев слетувањето на сондата на НАСА, малку се возбудив и одеднаш Марс ми се приврза на душата. Како да ми е дома. Како да потекнувам од таму.

Што? Нема да смеам да се пишам така оти Марсовците не се наведени во Преамбулата на Уставот? Па таму пишува едни, други, трети, четврти…. и реченицата завршува со „и други“. Еве, јас сум од тие другите. Еве, имам пријатели што се среќни оти се меѓу првите вакцинирани против ковид-19 и тие сакаат во личната карта да им пишува етничка припадност Фајзер. Иако и тоа може да предизвика раздор во семејствата оти брачниот другар сака да се пише Бионтек. А Спутник смее ли да се пише? Или, тие етнички заедници не влегуваат во категоријата „други“, туку во „ептен други“.

Какво време дојде, се будиш еден ден и треба да решиш што да се пишеш за наредните 10 години додека ти трае личната карта. Децата чии родители се од различна националност, уште од 14  години ќе треба да изберат дали повеќе ја сакаат мајката или таткото.

Ај баш да видам кој ќе се осмели да ми забрани да се пишам Марсовец? Не есапам ни Комисија за спречување дискриминација. Нит пак на Уставен суд губам време да барам правда. Штом законот во Собрание се  води по брза постапка оти има европско знаменце, и јас ќе се однесуам европски. Одам директно на суд во Стразбур.

Собранието, политичката елита и јавноста бараат логика во нешто што е сосема нелогично среде пандемија. Гледате каков бесмислен муабет водиме? Прекрасно. Забавата допрва следи на Собранискиот канал на јавниот сервис.

Сондата тргна во јули 2020 и по седум месеци, вчера слета на Марс. А што сработија нашиве политичари за тие седум месеци? Етничка припадност во лична карта. А да. Ќе заборавев уште еден успех – и тројазични табли на патиштата. Двојно остварување.

2 Премиерот Зоран Заев вели дека тоа било ветување што го дал на партијата Беса за да направат предизборна коалиција, ама не сфаќам и зашто во Беса би биле среќни со вакво бележење. Како животот на гласачите на Беса ќе стане поубав со тоа што во личната карта ќе им пишува дека се Албанци? Толку ли се задоволни од сѐ друго во државата, па од политичарите бараат само уште ова да им го овозможат? Толку ли Беса немаше ништо друго да понуди за подобар живот на граѓаните, па само ова им остана? Ќе се пишуваме по националност во личните карти, оти работата за инспектирање на таблите ни ја зема ДУИ.

Заев уште вели и дека на овој начин „водиме сметка за правата на етничките заедници и за помалите етнички заедници“.

Со што е тука унапредено правото на различните етнички заедници? Кој забранил некому да си каже што е во оваа држава? Излези на плоштад и викај „Јас сум Марсовец“. Тетовирај се и на чело ако баш толку сакаш да си обележан. Стави си лента на ракавот, беџ на реверот, нека ти пишува што си. Ама личната карта? Со што ти го дига националното чувство нешто што ти стои во џеб или во чанта и ти го гледат само шалтерски службеници или полицајци за да ти ја споредат сликата? Што? Кога ќе одиш во банка и кога ќе видат што националност си ќе ти дадат повеќе пари? Кредитот ќе ти го репрограмираат? На повеќе рати ќе отплаќаш? Или ќе ти се плашат и ќе ти попуштаат? Аууу, дојде овој, знаете што му пишува на личната карта?

Треба ли шалтерскиот службеник во банка да го интересира што си по националност? Треба ли полицаецот што ќе ти побара лична карта да го интересира што си по етничка припадност? Треба ли  службеникот во јавна администрација да знае што си за да си ја завршиш работата за која си отишол кај него? Или, ќе треба секој да си си оди кај „својот“ службеник.

Ова нема никаква врска со идејата за „едно општество за сите“ што го промовира Заев. Од што сака на сите да им угоди, ќе направи апартхејд. Да си бидеме сите бележани, да се знае кој е кој. Денес по етничка припадност, утре по нешто друго.

Извинете, ама јас навистина не можам да најдам ни емотивна, а ни практична потреба од бележењето по етничка припадност.

3 Претседателот Стево Пендаровски во интервју за МКД.МК рече дека „не постои демократска држава во светот во која во личната карта на граѓаните е впишана етничка или религиозна припадност. Но, не мислам дека ако законот биде донесен со таква одредба, дека ќе има негативни последици“.

Ако претседателот вели дека никаде во светот нема ваква будалаштина како што побарала Беса, а Заев дал беса дека ќе ја исполни, тој може да не го потпише законот. Нека им го врати во Собрание по втор пат нека го дискутираат и нека го гласаат кога веќе немаат друга попаметна работа. Европската регулатива од август годинава ќе забрани споделување лични податоци во кои се наведени расна, етничка, религиозна и политичка припадност, а пратениците ќе ни носат закон со европско знаменце, демек усогласуваат стандарди со ЕУ.

Така што, сосема ми е неважно мислењето на Пендаровски ако стави потпис на нешто за што не е сигурен дека треба да го стави. Што фајде има државата од мислењето на граѓанинот Стево? Граѓанинот Стево може да си споделува мислења на кафе со пријателите.  Ама граѓаните очекуваат од претседателот Пендаровски кога ги споделува мислењата со нив и да направи нешто врз основа на тие мислења. Оти така и мислењето би било државничко.

4 Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за емисијата „Трилинг“  рече дека откако сме ја вратиле динамиката на комуникација со Бугарија му се разјаснило оти „од Бугарија не ги спорат идентитетските атрибути, односно јазикот и етничката припадност на граѓаните кои припаѓаат тука, односно идентитетот на граѓаните“.

Тука!? Бујар Османи ли го зборува ова? Или Екатрина Захариева? За кој тим игра? За Заев или за Борисов? Што му станало јасно на македонскиот министер за надворешни работи? Им го прифати наративот на бугарските власти дека тие не го негираат идентитетот, а ставија вето баш поради тоа што се противат во преговарачката рамка да стојат македонски народ и македонски јазик.

Е па, фино штом е така ко што вика Османи. Штом нема никаков проблем, тогаш нека прифатат македонски јазик, македонски народ како што напишаа Германците во преговарачката рамка и како што се согласија 26 земји-членки на ЕУ, нека ја дигнат блокадата и да почнеме со преговори. Кај и да е, ќе стасаме и до поглавјето со податоците на личните карти. Тука.

5 Ова со ЕУ веќе сѐ повеќе губи смисла. Не е само до вакцините, оти гледаме дека и сами се зафркнаа. Тие само дојдоа како капак на разочарувањето од бугарското вето. Бугарија е најголемиот виновник што тука веќе сѐ помалку се возбудуваме околу таа тема. Колку и да си проевропски, колку и да си разумен, некогаш ќе превладаат емоции. Едноставно, не можеш да бидеш рамнодушен ако Бугарија те понижува, а нејзините партнери се немоќни да ти помогнат.

И што се случува? Ќе почнеме преговори? Чекаме датум? Не може додека Португалија е претседавач, ама Словенија ќе го врати проширувањето на дневен ред? Германија не се откажува? Е добро де, во ред е. Не ни објаснувајте.

Порано имавме некаква надеж, па ќе нѐ фатеше еуфорија, па ќе дојдеше разочарување, па ќе поверувавме на некое ветување, па ај уште малку, па уште нешто да направите, па ај ние да се средиме… А сега? Сега сме во ситуација кога не е дека не ти е гајле, ама некако преовладува  рамнадушноста. Тие си зборат, ама во едно уво влегува, од друго излегува. Ниту си лут, ниту си гневен, ниту пак имаш енергија и желба нешто многу да се објаснуваш. Онака, сеедно ти е. Како кога ќе раскинеш со девојка. Прво се секираш, па те јаде јанѕа, ја мислиш со кого е, кај оди, што прави… И доаѓа време кога ќе помине покрај тебе со друг дечко, а ти не се ни завртуваш да ја погледнеш.

Животот можел да биде убав и без неа.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира