КАМШИКАРОТ ТРОКИРА

Дај да товариме што може уште да се товари.

КАМШИКАРОТ ТРОКИРА

1 Бујар Османи не можеше да ја скрие радоста, кога министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг рече дека ако не се донесат уставните измени Македонија ризикува да се доведе во опасност од изолација. Демек, еве ако не ми верувате мене, слушајте што имаат да ви кажат тројца мои колеги, од Австрија, Чешка и Словачка, испратени во името на ЕУ да ги охрабрат македонските политичари да се договорат за внесување на Бугарите во Уставот како услов за почеток на преговорите со ЕУ.

Австрија, Чешка и Словачка никогаш не правеле проблем за македонската евроинтеграција. Чешка и Словачка дури и официјално се спротивставија на внесувањето на идентитетски и историски прашања во процесот уште при првото бугарско вето во 2020. Па и сега би требало да му се заблагодариме на чешкиот министер Јан Липавски. Тој искрено си кажа дека никој не може да гарантира оти и по промената на Уставот во процесот нема да има нови билатерални барања.

И што треба ние да кажеме на ова искрена изјава? Ако, де. Дај ние, за секој случај, уште еднаш да си го смениме Уставот, па после нека бараат друго нешто Бугарите.

Работава е – ние од ЕУ  ја измамивме Македонија и се зафркнавме што ѝ дозволивме на Бугарија и на Радев како истурена рака на Путин да наметне преговарачка рамка што нема никаква врска со таканаречени европски вредности, ама дај сега со сила да ја оправиме белјата што ја направивме. По кого ќе удри стапот? Нормално, по послабиот.

Божем било проблем да смениме Устав. Ние име на држава сменивме, па нема Бугари да внесеме во Преамбулата!?

Добро, ама барем по посетата на европскава тројка пријатели, расчистени ни се две прашања.

Првото – дали ќе има промена на Устав? Ќе има.

Второто – а дали по промената на Уставот Бугарија ќе има нови барања? Ќе има.

2 Австрискиот министер Шаленберг, кој сега ни се закани со изолација, пред помалку од два месеца, кон крајот на мај, на една конференција во Братислава за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан рече дека „треба да сме луди да им дозволиме на други земји да влезат таму“.

Зборувајќи дека историјата ги научила оти нестабилноста на Југоисточна Европа значи и нестабилност на Средна Европа, тој рече: „Или ќе успееме да го извеземе и забетонираме засекогаш нашиот модел на живот, или ќе бидеме соочени со други модели на живот, кинески, турски, руски, какви било, но тоа нема да ни се допадне“.

Е па, не ѝ го оставајте регионот на Кина, Русија и Турција. На Бугарија оставете ѝ го. Еве, Румен Радев нека се бави со регионот.

Знаете што е извртено во целава оваа глупоштија што ѝ ја наметна Бугарија на цела ЕУ, а нашава власт понизно ја прифати спакувана како француски предлог? Тоа што дојдовме до дереџе заканите да ни доаѓаат од пријателите и сојузниците. Не ни се заканија тие што не ни се сојузници и тие за кои пријателите ни викаат дека ни се непријатели.

3 Синким досега сме биле интегрирани, па отсега ќе бидеме изолирани. Не може да постои закана за изолација, кога ние онака сме изолирани 30 години баш поради ваквото однесување на ЕУ. Ние со ништо не сме заслужиле да бидеме казнети.

Да не ставеше Франција вето на проширувањето во 2020, и тоа од најсебични причини оти на Макрон му идеа локални избори, ќе го фатевме ветрот од Преспанскиот договор и ќе си ги почневме преговорите со ЕУ без простор за други услови.

Нејсе. Самите преговори и не се толку важни. Поважно е дека македонската власт тогаш можеби ќе ја искористеше шансата за суштински промени и за подобро и почесно владеење. Арно ама, прво француското, па после и трите вета на Бугарија ѝ дадоа на власта алиби да не работи добро дома, а оправдание за сè да биде уште една промена на Уставот.

Заев барем си беше искрен. Викаше: „Нам ни треба камшикар“.

Е па, камшикарот трокираше.

СДСМ имаше историска шанса, по 11-те години злосторничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ, со благонаклоноста на толку многу луѓе кои дури не беа ни нивни гласачи, од Македонија да направи нормална држава. На страна Бугарите, на страна ковид кризата, на страна ЕУ со изневерените очекувања и изгубени вредности, требаше ако ништо друго, барем чесно да владеат. А не на секоја критика да одговараат: „Сакате Груевски да ви го вратиме?“. Сега, кога власта е при крај на мандатот, веќе не се ни кријат што им е приоритет. Дај да товариме што може уште да се товари.

Тоа е големата историска штета за Македонија по 30 години тормозење на патот за ЕУ.

4 Кога ги слушам вработените на судската администрација кои бараат повисоки плати како се закануваат дека „не ќе можете да извадите ниту една потврда, па ќе видите тогаш“, се прашувам:  Кому се закануваат дека нема да издаваат потврди за неосудуваност? Нам ли ни се закануваат? Исто како што ни се закануваат цариниците дека ќе ги затворат границите и вработените од УЈП дека нема сите да земеме плати?

Забораваат дека се јавна служба. Забораваат дека се сервис на граѓаните. Такви закани испраќајте си во партијата каде што сте лепеле плакати за да ја добиете државната работа.

Владата го врати во процедура Законот за солидарен данок, за компаниите кои во ковид кризата направиле профит од 10 милиони евра. На истата седница, донесе одлука на јавната администрација од септември да ѝ ја покачи платата за 10 проценти и да ѝ исплати К-15 од 10.000 денари до крајот на годината. А министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека парите од солидарниот данок ќе ги потроши за развој. Овој закон нема да биде дел од даночниот систем, туку ќе важи само оваа година и ќе се протурка со европско знаменце за побрзо да легнат парите. Работава е – ај да не ви праќаме инспекции по фирмите, платете ни колку што ни треба до крај на годинава, оти размазенава јавна администрација ни се лути дека ние си ги покачивме платите за 78 отсто, а немаме пари ним да им дадеме барем 10 отсто.  Башка, и избори идат.

Баш му личи името – солидарен данок. Солидарен со кого? Со тие што ни се закануваат и нам граѓаните како поединци и на приватниот бизнис дека нема да ни даваат услуги. Во оваа држава штрајкуваат само тие што ги трошат парите, а не тие што ги прават. Лесно им е на оние што се со обезбедена државна плата да се закануваат: „Нема да издаваме потврди, па ќе видите“. А ние еднаш да се заканевме: „Нема да плаќаме даноци, па ќе видите кога останете и без тие плати што ги имате“.

5 Општина Струга забрани шетање по бикини и гаќи за капење на кејот на Дрим и низ чаршијата, па дури изработи и постави специјални сообраќајни знаци со пречкртани гаќи.

За неморалот од дивоградбите, узурпираните плажи, палењето на трската, платформите во езеро се грижи македонската држава. За неморалот на градоначалникот се погрижи американската држава. И што ѝ остана на Општината? Да ја штити Струга од неморалот на туристите.  Патем, ќе се сврти и некоја пара од новите знаци.

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира