КУРИР И КУРИР

Додека Катица беше во Грција, немаше опасност од бегство.

КУРИР И КУРИР

1 Нешто ми е познато ова чувство на исчекување значајни датуми за добивање датуми. Сега ќе чекаме да дојде 15 октомври, па да видиме што ќе кажат министрите на земјите членки на ЕУ за датумот за почеток на преговори со ЕУ. Па тие нема да решат, па ќе следат анализи, дебати на телевизиите, анкети на граѓани, цитирање високи дипломатски извори, па што кажал Антонио Милошоски, па колку лобирал Александар Николовски. Па ќе го чекаме 17 октомври, па Емануел Макрон ќе одлучел во последен момент…

Исто беше и пред 14 години. Ноќта помеѓу 16 и 17 декември 2005 во Брисел, Европската унија на Македонија ѝ одобри статус на земја кандидат за членство. Европските лидери расправаа до 3 сабајле, а веста дека „Македонија постигна забележителни резултати“ ја објави тогашниот премиер Тони Блер. Претседател на Франција, која и тогаш си имаше свои проблеми, беше Жак Ширак.

Тони Блер веќе 12 години не е во политиката. Жак Ширак умре пред неколку дена. А ние уште чекаме датум. Не за влез во ЕУ. За преговори.

Не сакам ни да помислам дека нема да добиеме датум овој 17 октомври. Ако го добиеме, ќе мораме да почнеме да се бавиме со реформи во сите области. Ако не го добиеме, ќе бидеме осудени наместо со реформи и следните години да се бавиме со контрола на штетата.

Туку, си викам, ај со себап овој пат белким ќе добиеме датум. Па да почнеме за друго да правиме муабет. Таман застуде. Ќе треба да се  грееме. Наместо за датум, пак ќе зборуваме за загадувањето.  Ама, изгледа само ќе зборуваме.

2 Како ќе одат реформите во судството можеме да предвидиме според последната седница на Судскиот совет. За 6 места во скопскиот Апелационен суд се пријавиле 96 судии. Членовите на Советот прво со телефоните в рака се групирале по канцеларии, за на крај да отидат сите кај претседателот Киро Здравев, а меѓу нив бил и в. д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани. На крај, од Кабинетот на Здравев соопштија дека седницата за избор на судиите во Апелациониот суд се одлага на неодредено, оти немало доволна координација меѓу членовите кого да изберат.

Сепак, членовите на Судскиот совет успеаја да изберат нови управни судии. Пред гласањето, Виолета Богоевска од Советот рекла: „Колеги, апелирам овој пат да ги избереме најстручните и најдобрите кандидати“.

Овој пат!? Ама, овој пат стварно да ги изберете. Оти тефтерчето на Гоца се исцрпи од штиклирање. Па нови тефтерчиња се појавуваат.

Оваа изјава на член на Судскиот совет делува оптимистички. Барем еден член на Советот е свесен дека минатите пати не ги избирале баш најстручните и најдобрите за судии во Апелациониот суд.  Што е добра стартна позиција за реформите во судството.

3 Тоа е истиот Апелационен суд кој го одби барањето на Катица Јанева да се брани од слобода, или да се префрли од затворот во Шутка во куќен притвор. Образложението е дека осомничената не може да влијае на сведоци, оти истрагата е завршена, ама постои опасност од нејзино бегство.

Катица беше две недели на одмор во Грција, откако Боки 13 и Зоки Кичевскиот веќе беа во притвор за „Рекет“. Се врати дома, ама на притворање мораше да чека да им заврши колективниот одмор на обвинителите и Вилма Рускоска да се врати на работа.

Додека Катица беше во Грција, немаше опасност од бегство.

4 Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ќе прави кампања за правилно управување со отпадот, откако Градот купи нови контејнери за ѓубре.

Многу кампањи се изнагледавме. Многу амбасадори се изнаредија чистејќи ни го ѓубрето. И многу работни акции на граѓани за чистење се направија. А земјава ни е сѐ повалкана и сѐ позагадена.

Ако Петре мисли дека само со кампања ќе ги натера Скопјани да не валкаат, тогаш си живее во рекламата што ќе му биде дел од кампањата. Возејќи се со тротинетчето, не гледа ли дека во Скопје не е како на филм?

Не е до кампањата. До казнувањето е. И нека престанат веќе партиите неказнувањето да го користат како средство за умилкување кон гласачите. Гласачи кои не се срамат дека амбасадори им го чистат ѓубрето и им се потсмеваат на сограѓаните кога чистат, па уште и им фаќаат сеир оти не зачистиле како што треба, не се превоспитуваат со реклами. Со казни се воспитуваат. Навиките мора да се сменат со сила.

И нека не се жалат локалните власти дека немаат доволно инспектори. Наместо да ги молат да доаѓаат на работа тие што не доаѓаат и наместо да ги преквалификуваат неспособните за да им ги утрапат на приватниците, нека си ги преквалификуваат за себе. Нека ги направат инспектори. Нека ги пуштат на терен, нека ловат кој валка и загадува и нека казнуваат. Така и ќе си ја заработат платата. Добро за нив, добро и за нас.

5 Ич не сакам да ве заморувам со состојби во новинарството. Искрено, веќе ми е збоктисано да се објаснувам на таа тема. Ама, ме загрижи ставот на министерот Роберт Поповски кој во интерву со колешката Сашка Цветковска, во кое што таа му укажа дека Владата на Заев ги рехабилитира злосторниците во медиумите и соработниците на режимот на Груевски, одговори: „Пазарот ќе каже кој е добар новинар, а кој не е“.

Факт е дека Роберт Поповски одамна не е во новинарството. Ама, не ми се верува дека до толку има изгубено контакт со реалноста.  И дека не знае што е јавен интерес.

Кој пазар ќе каже кој е добар новинар, министре Поповски? Пазарот на Стојменови и на Ѕинговци? Или пазарот на Боки 13? Или пак, пазарот на сопругот на советничката на Заев што купува портали во кои работат новинари од државната МИА и ги окрупнува во голема медиумска компанија?

Дали е вашиот „Курир“ или нивниот „Курир“ исто ми се фаќа. Јавниот интерес секако е загрозен.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари