ЉУПЧО И РАМИЗ

Парите на чесните мора паметно да се потрошат. Да се наградат нечесните.

ЉУПЧО И РАМИЗ

1 Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 4 лица за злосторничко здружување и загрозување на криминалниот поредок на државата.

Првообвинетиот Н. Н. изградил доградба на семејна куќа врз основа на добиено одобрение за градба согласно важечки Детален урбанистички план усогласен со Генералниот урбанистички план и платил комуналии, со што придонел во општинскот буџет да се префрлат ххх денари.

На второобвинетиот М. М., кој е градоначалник на Општината на чија територија се извршило кривичното дело, му се става на товар дека строго го почитувал Законот за градба и со тоа ја злоупотребил службената положба и овластувањата и сторил кривично дело „Совесно работење во службата“.

Другите двајца обвинети А. А. и В. В. заедно со инвеститорот на доградбата и градоначалникот, во својство на одговорни лица – раководител и заменик-раководител на Сектор за урбанизам – формирале злосторничко здружение, на начин што на инвеститорот му дозволиле да гради и да плати комуналии со почитување на законите. Совесно вршејќи ги своите овластувања и должности, тие грубо ги прекршиле Законот за легализација на нелегално изградени објекти и му овозможиле на првообвинетиот Н. Н. да се стекне со легален објект. Со овие дејствија злосторничкото здружение инсистирало на систематско почитување на Уставот, законите и другите позитивни законски акти, со што грубо го загрозиле криминалниот поредок на државата.

2 Ете, вака ќе изгледаат соопштенијата од обвинителствата ако стапи на сила Законот за легализација на дивоградбите кој сложно си го изгласаа пратениците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Фино е тоа што претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише Законот и го врати во Собранието. Но, дури и како циничен оптимист не се надевам дека истите пратеници нема пак да го изгласаат. Од кога во Собранието не се изгласало нешто со дури 72 гласа „за“? Да не мислевте дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се договорат за вакцините, за помошта за здравството среде пандемија, за пакет мерки за стопанството и за населението да се преброди ковид-кризата, за отпремнина за војниците… Не, бре. По прашањето на генералната политика „Чесните се будали, нечесните се паметни и затоа секоја чесност треба да биде казнета“ и врз основа на историската изјава на премиерот Заев од 2019 дадена во Охрид – „Дури и да е противправно, не може не бива, ќе се најде начин“ и власта и опозицијата се усогласени.

Со консензус донесоа закон за непочитување на Уставот и законите. Овојпат дури и Христијан Мицкоски излезе кооперативен, па неговите пратеници го прифатија предложеното решение од власта. Дури давале и свој придонес во расправата. Вмровците предлагаа амандмани, а сдсмовците им ги прифаќаа. Џанам, парламентарна идила. Сè во духот на политичкиот дијалог и процесот Жан Моне во Собранието.

Со прифатените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ се запираат сите судски постапки што се водат против тие што граделе нелегално. Така што, тие што го кршеле законот сега можат и да ја тужат државата како оштетена странка. Државата ќе треба да им плати отштета затоа што ги гонела за незаконско градење.

Со чии пари ќе им плати државата на тие што не ги почитувале законите? Нормално, со парите на тие што ги почитувале законите. Парите на чесните мора паметно да се потрошат. Да се наградат нечесните.

3 Највозбудлив ќе биде моментот кога законот ќе треба да се спроведува, особено ако дивоградбите се во национални паркови и заштитени подрачја во близина на извори на вода. Владата ги распрсна сите грижи и сомнежи. Велат, „нема да се легализира сè и сешто“. Туку „за да се легализира, на пример во заштитено подрачје, треба согласност да се добие од надлежен орган, министерство или друга институција, ако градбата не го загрозува тоа подрачје“.

Кои се тие „надлежни институции“? Тоа се истите институции што досега го овозможувале дивото градење. Да не ги донесете институциите од Норвешка? И инвеститорите да не имаат норвешка свест? Зошто некој би градел во заштитена зона на извори на вода во Македонија ако нема норвешка свест? Или, некое норвешко министерство ќе ја контролира имплементацијата на свеста и на инвеститирите и на локалната и централната власт во Македонија, па „нема да се легализира сè и сешто“.

Штета што Норвешка не е во ЕУ. Инаку, имплементацијата на Законот за легализација на дивоградбите ќе беше одличен твининг проект и уште еден чекор до стандардите на ЕУ.

4 Тоа „надлежните институции“ многу убаво изгледа напишано на хартија. Како што убаво звучат зборовите на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Кога ќе каже дека, на пример, со градоначаникот на Струга Рамиз Мерко разговарале за „потребата од спроведување на мерките од Планот за борба против корупцијата кои се однесуваат на локалната самоуправа“, тоа така сериозно звучи што веднаш помислуваш дека нема корупција.

Вицепремиерот и градоначалникот „се согласиле дека битката со корупцијата мора да ги вклучи сите општествени чинители, а соработката со локалната власт е клучна“.  Љупчо и Рамиз сложно ќе се борат против криминалот. Дека градоначаникот на Струга не е истата „надлежна институција“ што изјавува: „Ние ќе градиме, и не само што градиме ќе доградиме сè. Овие навладини од Охрид што напаѓаат во Струга, за тоа баш ме брига“.

5 За разлика од Мерко кого „баш го брига“ за дивоградбите во Струга, неговиот сопартиец Артан Груби ќе води туѓи „бриги“. Па кога нема со црево да ја мие калдрмата во скопската чаршија, ќе се грижи за Грузија да ги реформира судството, обвинителството и безбедносните структури по наш урнек.  Груби тоа ѝ го кажал на грузиската претседателка Саломе Зурабичвили, која беше во официјална посета. Тоа е оној урнек според кој 214 странски криминалци од МВР добиле легални фалсификат македонски пасоши. И според кој мораше да се создаде Специјално обвиниителство, затоа што нормалното обвинтелство одбиваше да се меша во својата работа. Според тој урнек специјалната обвинителка заврши в затвор поради корупција од осомничен во еден од нејзините случаи.

Во кој свет живее Артан Груби? Како во кој? Па во светот на прв вицепремиер кој самиот си го создаде.

Исто како и Љупчо Николовски. Си изградил самиот свет на антикорупција и си живее во неговиот свет на борба против корупцијата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира