1 Премиерот Христијан Мицкоски на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта му рече: „Не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека Уставот ќе биде сменет, а Бугарија да не ги имплементира пресудите на Европскиот суд. Кога ќе имаме чиста позиција од ЕУ и од сите членки во врска со идентитетот и јазикот, тогаш ќе разговараме за сè“.
Многу јако.
Го ислуша Кошта Мицкоски, му кажа дека има разбирање за нашите фрустрации оти сме менувале и знаме и име и замина за Тирана каде што изјави дека „ако Албанија продолжи да испорачува со иста стапка, сосема е можно да се приклучи на ЕУ пред 2030 година“.
Кај и да е, ќе помине една година откако ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се на власт. Тоа што СДСМ и ДУИ ја направија белјата – ја направија. Францускиот предлог е лош, ама ете, „робустната дипломатија“ на Мицкоски не успеа да ја смени Преговарачката рамка со ЕУ. Помина година дена, и тоа што секојдневно Мицкоски плаче дека сме заложници и потсетува дека она што ни го прави ЕУ не е фер, не успеа да ги премисли членките на ЕУ да не се солидарни со Бугарија.
Па и тоа што Кошта вели дека „понатамошните напори за напредок кон пристапување мора да бидат водени од фундаментални принципи: доследност и доверба“ се тралалајки кои тука веќе ретко кој ги сфаќа сериозно. Ние немаме доверба во Бугарија дека нема и понатаму да нѐ малтретира злоупотребувајќи ја силата на ЕУ, а знаеме и дека ЕУ ќе биде доследна и пак ќе застане зад Бугарија кога ќе продолжи да нѐ тормози.
За жал, тоа е реалноста. И навистина, не е фер. Ама, на сите поплаки тука, дека меѓународната политика не е фер, сетете се на само еден еден збор: Газа.
На крајот на краиштата, и тие промени кои сме биле приморани да ги направиме имале целисходност. Прифативме привремено да ни се обраќаат со „Бивша Југословенска Република Македонија“ за да станеме членка на Обединетите нации. Го сменивме знамето за да се спасиме од ембаргото од Грција, да го намалиме ризикот војната од бившојугословенските простори да се пресели кон нас, а башка и две години само нашата држава не можеше да закачи свое знаме на јарболите пред ОН во Њујорк. Ѝ додадовме „Северна“ на Македонија за да станеме членка на НАТО.
Да не биде до толку тажна, тажната приказна за Македонија.
Така што, што подолго чекаме, тоа што треба да го голтнеме ќе станува сѐ погорчливо.
2 Мицкоски се прашува како ќе им каже на граѓаните дека ако сакаме да ги почнеме преговорите со ЕУ ќе мора уште еднаш да го смениме Уставот.
Како ќе им каже? Исто како што ќе им каже дека македонските граѓани ќе треба да се откажат од ЕУ ако не го направиме тоа што е веќе договорено, да ги внесеме Бугарите во Преамбулата.
И тоа е фер избор. Нема ЕУ. Ај да си бараме друго чаре. Да не се залажуваме со сликања по разни Самити, па после да викаме дека не е фер и кога Албанија ќе стане во позиција да ни стави вето.
3 Ај ЕУ што не ја научи лекцијата од 2008 кога Грција ни стави вето за влез во НАТО – баш им е гајле, тие си се ЕУ. Ама, ние што не ја научивме?
Не е ова нешто што не сме го виделе и што не сме го преживувале кога ВМРО-ДПМНЕ било на власт. Ќе си живееме во сопствениот меур во партиски заробена држава.
Сѐ повеќе ме потсетува на 2008. Еве, дури и на Самитот „Македонија 2025“, гостинот кого Мицкоски со месеци ни го претставува дека е од „периметарот на Трамп“ блесна со изјавите дека е заинтересиран да вложува во археологија, оти чул дека во близина на Битола некој го нашол гробот на бабата на Александар Велики.
Дури и таа опседнатост на македонската власт со Трамп, како контратежа на превртливата и лажлива Европа, ме потсетува на 2008. Демек, Америка ќе нѐ спаси од залошништвото на ЕУ. Во април 2008, американскиот претседател Џорџ Буш беше уверен дека на Самитот на НАТО во Букурешт покана за членство ќе добијат Хрватска, Албанија и Македонија. Оти нели, трите земји бевме нераздвојната „јадранска тројка“ и летавме заедно „со јато во НАТО“. И оп, и покрај изјавите на Буш, и покрај неговиот најавен говор на плоштад во Загреб, веднаш по завршувањето на Самитот на кој требаше да се прослави приклучувањето на трите балкански земји, Грција стави вето, Хрватска и Албанија набрзо станаа членки на НАТО, а јатото се растури.
Така што и сега, кога од 2025 се враќаме во 2008, нам ни преостанува да копаме гробови и да го бараме Александар.
А и да го најдеме, големо фајде ќе видиме. И тоа што досега сме го нашле го уништуваме, не знаеме ни да го чуваме, ни како прикаска да го продадеме. А богами ни да го исчистиме од ѓубре.
АУДИО ПОДКАСТ