МУРТИ И КУРТИ

Фала ти, СДСМ, што за седум години успеа да нѐ доведеш до тоа дереџе ВМРО да ни зборува за горда Македонија.

МУРТИ И КУРТИ

1 Ај сега, на распуст. Одиме на избори. Бог да чува. Средите кога ќе се одржуваат изборите се прогласени за неработни денови. Со одлука на Владата. Со образложение – непречено да се одвива изборниот процес. А производствениот процес – не е битен.

Па добро бре, треба ли вработените во приватните компании да заработат плата? За да може и на јавната администрација да ѝ обезбедат плата. А и за партиите да заработат пари за  автобусите со кои ќе ги шетаат партиските приврзаници навака-натака по митини. И за рекламите со кои нѐ засмејуваат треба да се заработи.

Зошто воопшто некој да сопира производствен процес на ден на избори? Гласањето е од 7 сабајле до 7 навечер. Дека празник на демократијата, па и празнични дневници да поделиме? Кој сака да гласа, има време да оди на гласање. За тие што се во избирачките одбори во име на државата – се знае, тој ден тоа им е работа. Ама за другите? Нека си земат неплатен ден ако им одобри шефот, или ден од одмор. За денгубење по штабови работодавците не предвиделе пари за дополнителни два неработни дена во буџетот за плати.

Е ова уште еднаш покажува колку партиските лидерства немаат контакт со реалноста. Односно, живеат во паралелна реалност во која им се најважни партиските послушници на кои им ветуваат работни места за да ни служат нам, а не ни служат. Е со тие лидерства си имаме работа. Не се ни кријат кого сервисираат.

2 СДСМ води кампања за Европска унија. Велат дека имаат визија, знаат како и знаат кога ќе влеземе во ЕУ. Како? Со промена на Устав за кој не знам како мислат да обезбедат 80 пратеници. А кога? Тоа ни Европска унија не го знае. Можеби затоа и во пропагандниот спот се искачуваат на некој врв, ама кога ќе се искачат го гледаат знамето на ЕУ на некој друг врв, во далечината. Па од планината се симнуваат до полето и играат фудбал. И Димитар Ковачевски шутира во празен гол. Па луѓе мои, ЕУ ѕид ни стави пред голот, можеше партијата во спотот да му смисли барем некој голман со бугарски дрес да се фрлеше по топката.

Не треба да шутираат во празен гол. Нека ветат дека сега ќе ги почитуваат законите што веќе ги имаме и дека тие закони ќе важат за сите подеднакво. Што направи СДСМ за време на своето владеење да ја донесе државава до позиција пред шут на гол? Ѓубрето не успеаја да го соберат, паркирањето на пешачки зони не можат да го казнат, кафеанската узурпација на јавниот простор се прават дека не ја гледаат, буката не ја слушаат… Нека најдат вакво самоволие во таа Европа  која ни ја ветуваат. Бела линија не остана исцртана на патиштата, а тие за некоја далечна иднина ми зборуваат.

3 ВМРО-ДПМНЕ не знае како ќе ја однесе Македонија во ЕУ, ама затоа и не зборува за ЕУ. Ќе ја прават Македонија „повторно горда“. Ќе ја враќаат ли гордоста од времето на Никола Груевски? Оти, тогаш државата беше најгорда со сметките од Белизе и другите даночни раеви, со нелегалното прислушување на илјадници граѓани, со епохалниот грабеж од „Скопје 2014“, а особено горда со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

Освен, ако Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова не решиле да ја враќаат гордоста на Македонија од времето на Александар Македонски, цар Самоил, Гоце Делчев, Илинденското востание, Ванчо Михајлов… кога не постоела македонска држава.

Е па, фала ти ВМРО што нѐ потсети на партизаните, антифашистичката војна, АСНОМ и 1945 кога ја создадовме државата. Оти тоа било време на гордост. Кога Крушевскиот манифест бил реализиран во целост. И кога е направена кодификацијата на македонскиот јазик, па фала што нѐ потсети и на Блаже Конески, кого вашите партиски челници го нарекуваат „џуџето од Небрегово“.

Од 1945 година Македонија е наша. Па затоа не ми е јасно што мислат вмровците сега кога ни ветуваат дека Македонија нема само да биде „повторно горда“, туку ќе биде и „повторно твоја“. А сега чија е?

Кога таков слоган ќе исфрли партијата што во 11 години додека беше на власт успеа да ги киднапира сите државни институции, да ја ограби државата, да ги погази правото и правдата на сите рамништа и да ги искраде сите избори по ред, она „повторно твоја“ значи „повторно нивна“.

Е па, фала ти, СДСМ, што за седум години успеа да нѐ доведеш до тоа дереџе ВМРО да ни зборува за горда Македонија.

4 ДУИ ја почна кампањата за пратеници со симулација на седница на Собрание. И симулирано избраа претседател на Собранието, премиер и претседател на државата – сите Албанци. Симулацијата не е нешто невообичаено за ДУИ. Тие си играат држава цело време. Ќе ставаме неписмени, силеџии, националисти на раководни позиции по институциите, ќе даваме државни плати на наши приврзаници, не мора да доаѓаат на работа. Нема да го укинеме балансерот за вработување, на работа ќе се влегува по национална припадност, а не по квалитет, ама сите ќе бидете еднакви. И викаат, гласајте за нас.

Само, како тоа ќе им го подобри животот на даночните обврзници? Еве, не мора да мислат на Македонците. Ама нека мислат на даночните обврзници Албанци кои ќе треба да ги обезбедат тие пари.

Кога ги гледам кампањите и на ДУИ и на албанската опозиција и кога слушам што им се целите, се прашувам дали тие зборуваат за Македонија, или за некоја друга држава. Немаат ништо да понудат за оваа држава освен национализам. Па уште и во опозицијата имаат и партија што е рака на партијата на косовскиот премиер Албин Курти. Ќе излезе како во народната изрека – слези Мурти да се качи Курти. Како да водат кампања против македонската држава.

5 Христијан Мицкоски најави дека става мораториум на нападите кон Левица и ЗНАМ оти повикува на национално единство. Значи, проекциите за парламентарно мнозинство не му се баш толку оптимистички, па уште отсега си ги повика Максим Димитриевски и Димитар Апасиев во Влада.

Прво, единство не се прави кога повикуваш само едни, а другите ги третираш за предавници. Национално единство без СДСМ не е единство. Тоа е дополнителен национален раздор.

Второ, не може ВМРО да повикува на единство, а претходно да не се извини затоа што додека беше на власт го легализираше говорот на омраза против сите неистомисленици.

И трето и најважно, што е тоа од национален интерес за Македонија што го направи ВМРО-ДПМНЕ, па сега уште и да ја киднапира „лиценцата за македонштина“? Само во ВМРО ли се Македонци?

А лиценцата за единство ќе ја обноват од Тодор Александров и Ќосето.

AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира