НЕКА ИЗВИНИ ПИАРОТ

„Вистинската вистина“ е дека на Мицкоски не му одговара позитивен извештај од ЕУ за Македонија.

НЕКА ИЗВИНИ ПИАРОТ

1 Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека ако победи на изборите, неговата мнозинска коалиција ќе ги укине патните трошоци за пратениците во Собранието.

Заев е прагматичен. Уште еднаш се соочува со реаалноста. А реалноста е дека полесно ќе му биде да смени закон, отколку да најде 120 саглам луѓе што ќе ги кандидира за пратеници. Па после, уште и тие што ќе станат пратеници да ги спречи да не ги злоупотребуваат патните трошоци.

Пратениците после ќе маткаат со становите во Скопје, со квадратните метри и со кириите. Ама за тоа – во следниот изборен циклус.

2 Изјавата дека ќе ги укинува патните трошоци на пратениците Заев ја кажа на прес-конференција во седиштето на СДСМ, на која имаше и членови на партијата. Зошто тие аплаудираа на признанието на нивниот лидер дека не може да им верува ако станат пратеници – ме чуди. Исто како што ме чуди и што бара партиска публика на прес-конференција. Па, кога ќе им се допадне прашање на некој новинар, аплаудираат. А кога не им се допаѓа прашањето, викаат: „Уааа“.

Тоа претворање во реално шоу на прес-конференциите во СДСМ било по сугестија на пиарот. Така кажа Заев. Ги викале новинарите, ама ги викале и партиските активисти „што живеат во близина“. А може и работат во близина, па на пауза тркнуваат на пресовите. Но, кога и нему му стана непријатно кога на партиските викачи не им се допадна новинарско прашање, Заев рече: „А… еве кажувам на пиарот следните прес-конференции само со новинари ќе бидат“. И сега, што ќе прават партиските активисти што живеат во близина? Ќе мора да си бараат друга занимација во работно време.

Кулминација на реалното шоу беше кога Заев ги праша „активистите што живеат во близина“ дали да оди на дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на ТВ Алфа. А тие сложно извикаа: Нееее! И тој рече: „Ете гледате, луѓето викаат да не одам“.

Ги прашаше ли Заев активистите што спонтано одат на прес-конференции дали да оди на дуел во Канал 5? Кај тие што ја гасеа струјата додека тој ја држеше главата в торба. Ќе го праша ли членството дали да оди на Сител, на телевизијата на која два месеца пред да му ја скршат главата во Собранието, Груевски ги повика граѓаните да не седат дома во влечки и самите да се организираат? Или, ќе ги праша професионалците од пиар секторот.

Не биваше ли во СДСМ да смислат нешто попаметно од ВМРО-ДПМНЕ од тоа што го прочитале во тефтерчињата на Мартин Протоѓер и центарот за комуникации на Илија Димовски на тема односи со јавноста? Или, мораше да ги преземат сите нивни популистички глупости.

3 Кому се обраќа Заев на партиските прес-конференции? На јавноста, или на своите поддржувачи? Кого треба да убедува да гласа за неговите политики? Своите партиски другари што се веќе сервисирани оти се на власт, или пошироката јавност? Малку ни е што ги гледаме партиските апаратчици кога треба да се заврши некоја работа во државна администрација, па сега уште и на прес-конференција ни фалеа.

На неопределените им е згадено од тоа животот да им зависи од партиски подлизурковци и вдомени партиски активисти, кои многу често не се стручни за функцијата што ја добиле. Тие се веќе купени и ќе си ги поддржат партиските политики. Ама, со вакво реално шоу гласот на Заев не допира до тие што реално можат да придонесат за изборна победа.

Нека извини пиарот.

4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека „не може да седи мирен и да рече дека тоа е така, па каков сака нека е извештајот“ и дека „се спротивставува на такви лажни вести“, одговарајќи на новинарско прашање за напредокот на реформите во судството забележан во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.

Дента кога беше објавен извештајот, изјави: „Единствено можам да се сложам дека треба да отпочне овој процес. Со ништо не можам да се сложам, бидејќи ни оддалеку ни одблиску не ја отсликува вистинската вистина во државата“.

Што сака да каже Мицкоски? Дека Европската комисија шири лажни вести кога вика дека државата напреднала во споредба со времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.  Извештајот не ја отсликува „вистинската вистина“ на ВМРО-ДПМНЕ. А „вистинската вистина“ е дека на Мицкоски не му одговара позитивен извештај од ЕУ за Македонија.

5 Отприлика во исто време, се потврди уште една „вистинска вистина“ – ништо ново од ДУИ. Министерот за образование Арбр Адеми се пофали дека на училиштата „Никола Вапцаров“ и „Рајко Жинзифов“ во скопската општина Чаир им се сменети имињата во „Исмаил Ќемали“ и „Имри Елези“.

Ова е толку предвидливо однесување на ДУИ пред избори, што веќе не поминува ни како провокација. Македонците веќе се навикнати. Повеќе е провокација за Албанците во Македонија. Им ги потценува потребите и очекувањата за нормален живот. Министерството за здравство купува сапуни за школите, а Министерството за образование во школите менува табли и промовира национализам. Земја-членка на НАТО, пред почеток на преговори со ЕУ, а ДУИ уште ќе им продава на Албанците приказни од 2001 година со ОНА.

Ако ова е најдобрата понуда на ДУИ, тогаш нека си седат во опозиција со ВМРО-ДПМНЕ.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

 

 

 

 

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари