1 До каде се работните групи на Димитар Ковачевски и Кирил Петков со кои Македонија и Бугарија ќе се свртат кон иднината? Уште колку понижувања треба да истрпиме од официјалната државна бугарска политика, за македонскиот државен врв да каже: Доста е!
Силеџијата не престанува да те тепа, а ти продолжуваш со бесмислени преговори.
По отварањето на клубот на Бугарите во Битола „Иван Михајлов“, во чест на бугарскиот фашистички соработник кој Македонците не ги признавал за народ туку за говеда, и по упорното повторување на бугарскиот претседател Румен Радев дека македонскиот идентитет е измислица на Коминтерната, што ли уште му треба на премиерот Димитар Ковачевски да престане да глуми незаинтересираност во однос на бугарските непријателски активности кон државава? Уште ли ќе се надева дека Бугарија ќе го крене ветото во јуни само за да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ? Па тие цело време ќе нè блокираат. Тоа им е политика.
Да не треба случајно пак да стрелаат младинци во Ваташа за да бидеме доволно понижени? Да не треба народните херои од Втората светска војна да ги станеме од гроб за повторно да загинат во борба со бугарските фашисти? Да ги оживееме душите на Евреите од Битола, Штип и Скопје да можат „ослободителите“ на цар Борис повторно да ги депортираат во Треблинка со вагоните на Бугарската државна железница? Да не треба да ги оживееме претците што скапувале во бугарските затвори за повторно да ги тепаат по табаните?
Па суверена држава сме. Членка на НАТО. До каде сме спремни да си го урнисаме достоинството?
Претерувам!? Не, бре. Па Румен Радев, како претседател на Бугарија, врховен командант на бугарската војска, во 2022 година во април изјавува дека ние како Македонци не постоиме. Што е тоа различно од изјавата на Путин, кој во истата таа 2022 година во февруари изјави дека Украинците се измислена нација, Украина е измислена држава и затоа не треба да постои?
Притоа, Европската унија не ти помага. Ти вика: Преговарајте со Бугарија. Оти Бугарите викаат дека вие не постоите. Јавете се да ги почнете преговорите со ЕУ кога ќе се договорите дека сте Бугари.
Оти нели, прашање на договор е дали постоиме.
2 Што значи тоа дека мораме да ги продолжиме преговорите со Бугарија за да почнеме преговори за влез во ЕУ? Па ако толку мораме, ај уште одма да кажеме дека сме Бугари и да ги скокнеме сите датуми.
Што ли уште треба да се случи во односот на Бугарија кон нас за да ги видиме заедно Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски? Ама, да не зборуваат за себе и за своите партии. И Мицкоски на тој состанок да не уценува со предвремени избори. И да не се надмудруваат кој повеќе патриотски изрази ќе вметне во некакви декларации за кои ќе се надгласуваат во Собранието. Туку да почнат да мислат што ќе правиме со ЕУ. Оти државната нема јасна преговарачка позиција. Единствената позиција што ја гледаме во моментов е онаа на министерот за надворешни работи Бујар Османи да ѝ помогне на Албанија да не заглави заедно со нас.
Ако веќе сме се договориле дека сакаме да бидеме дел од ЕУ, тогаш дај да видиме дали ќе заглавиме со Бугарија докажувајќи дека постоиме, или ќе ја менуваме стратегијата? Што ќе правиме дома додека ЕУ ја поддржува Бугарија? Од кого ќе бараме помош? Дали ќе бараме помош? Дали ние можеме да ѝ помогнеме на ЕУ? Дали ќе ги замрзнеме преговорите со Бугарија? Дали привремено ќе ги замрзнеме преговорите со ЕУ?
Одлуката не треба да биде „Не за ЕУ“. Туку не за ЕУ што лицемерно поддржува барања од своја членка кои ќе го поништат нашето постоење.
Оти како тргнал Радев со лажгите, не е далеку денот кога ќе ни се нацрта некој европски бирократ што ќе ни постави нов услов – да ги откриеме „концентрационите логори во кои сме испотепале десетици илјади Бугари“, како што рече Радев. ЕУ си има консензус при одлучувањето. Тие мора да се согласат и да ја потврдат секоја глупост што некој од нив ќе ја тресне. Затоа што глупоста доаѓа од внатре, а ние сме надвор.
3 Следниот услов ќе биде – ај не претерувајте со антифашизмот ако сакате да влезете во ЕУ.
Европска вредност беше кога Вили Брант, како канцелар на тогашна Западна Германија, во 1970 година клечеше во Варшава во знак на извинување за злосторствата што им ги направила фашистичка Германија на Полјаците.
Во 2022 година, излезе дека европска вредност е ние да клечиме во знак на извинување што Бугарите пред 80 години имале фашистичка власт, а ние сме биле на страната на антифашистите.
Она во Битола, кога цел бугарски државен врв дојде на отварање на бугарски клуб именуван по фашист среде поранешното еврејско маало, не беше клечење. Им се спруживме на патос само за да добиеме датум кога ќе почнеме преговори за да влеземе во ЕУ.
4 Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба си заминал разочаран од Бугарија, откако бугарските политичари му нашле изговор зошто не ѝ испраќаат воена помош на Украина за да се брани од руската агресија.
„Во демократските општества, нормално е во коалиционите влади да има различни мислења, но многу е важно да бидете на вистинската страна на историјата и да донесете вистински решенија. Да се правиш неутрален значи да си на погрешната страна на историјата“, изјави Кулеба по средбите со бугарските политичари.
Традиционално, Бугарија е на погрешната страна на историјата. Во Првата светска војна, во Втората светска војна, за време на СССР кога во 1968 испрати своја војска да му помогне на Брежњев да ги задуши демократските реформи во Чехословачка. Зошто во случајот со Путиновата инвазија врз Украина Бугарија би ја кршела оваа славна традиција да биде на погрешната страна на историјата?
5 Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи некоја анкета на јавното мислење според која Македонија гледа најголем пријател во Србија, рече: „Ние го сакаме македонскиот народ. Што бараме од нив? Ништо, освен да бидеме во најдобри можни односи. Само да бидеме пријатели и браќа“.
Немој, брате Вучиќу. Немој да бидеме браќа. Знаеш колку пати Зоран Заев и Бојко Борисов се гушкаа и си се викаа „браќа“. Доволно е само пријатели. Кога некој ќе ти рече „брат“ на Балканот, тоа не ќе да е на арно.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST