1 Најитно, во Комисијата за заразни болести треба да се приклучат барем двајца уставни судии. За да им кажат на тие таму некои си епидемиолози, инфектолози, фармаколози и други лекари специјалисти како да се спасиме од оваа пандемија. Откако уставните судии ја укинаа мерката за ограничување на движењето на повозрасните граѓани и на тинејџерите, редно е министерот за здравство Венко Филипче да каже: „Извинете што сакавме да ви го заштитиме здравјето. Друг пат нема да се обидуваме“.
Мерката предвидуваше спречување на мешање на младите, кои се преносители на коронавирусот, и повозрарасните, кои се најранливи на новата болест. Донесена беше врз основа на досега направени научни студии, истражувања и пракса. Не беше донесена затоа што некој ги мрази постарите од 67 години. Напротив, мерката беше за нивна заштита. Арно ама, уставните судии ја укинаа оваа мерка затоа што сметаат дека на овој начин повозрасните граѓани биле дискриминирани.
Цел свет е застанат. Сите сме дискриминирани. Децата се дискриминирани оти не одат во школо, а образованието е задолжително. Невестите што не можат да фрлаат бидермаер се дискриминирани. Најблиските што не можат да одат на погреб на починатите се дискриминирани. Тие што немаат деца, или тие што имаат деца над 10 години се дискриминирани во однос на тие што имаат деца под 10 години, оти не се ослободени од работа. Болните од други болести се дискриминирани во однос на болните од КОВИД-19, оти не ги примаат во болница. Заразените што се на кислородна поддршка се дискриминирани во однос на тие за кои државата троши струја оти ги ставила на респиратор. Каков интелектуален капацитет имаат покажано досега, верувам дека уставните судии сигурно имаат стручно мислење и за протоколите за лекување. Како тргнале ревносно да се занимаваат со здравствени прашања, можеби ќе укинат и други мерки за здравствена заштита.
И така, Македонија е единствената земја во светот во која заштитата на јавното здравје во време на пандемија е неуставна.
2 Ова е само еден аспект на животот што се подразбира под новиот термин „нова нормалност“. Демек, се враќаме во нормала, ама нормалноста ќе била поинаква, нова.
За каква „нормалност“ зборуваме во држава во која со Уставот е забранета заштитата на јавното здравје? Што е нормално во земја во која директор на Државен пазарен инспекторат апелира кафеаните да не бидат отворени „барем за време на полицискиот час“? Што е нормално во земја во која во прва фаза од олабавени мерки за заштита од корнавирус се отвараат кладилници? Нормално ли е да се радуваме дека Грција ќе ги отвори плажите, а кај нас два месеца цел државен апарат седи дома? Во која нормалност да се вратиме?
Што е нормално во земја во која опозицијата се буни зашто е посадена трева на плацот на главниот плоштад во главниот град, што тие додека биле на власт криминално го продале за лажно барокна зграда со лажно барокни фалсификувани шпански скали? И што е нормално ако никој од нив уште не е в затвор за криминалите што ги правеа 11 години на власт?
Нормално ли е кафанџиите да бараат трошокот за дезинфекциски средства, маски и ракавици да биде на товар на државата, а премиерот да им викa, ај ќутете, вие ионака криете даноци?
Стварно, не ми е јасно како ќе се вратиме во нова нормалност? Кога ние сме биле нормални, за да се вратиме кај што сме биле? Ќе си се вратиме во нова ненормалност.
3 Дел од новата ненормалност се и оние собиранки кај претседателот на државата помпезно наречени „лидерски средби“. Собир на поглавиците. Претставниците на племенските заедници мудруваат за епидемиолошката крива, многу загрижени за здравјето на граѓаните и лицитираат со датуми за избори. Двајца поглавици се од едното племе, а другото племе е претставено со четири-пет поглавици, оти интересите на тоа племе се многу покомплексни за застапување. А претседателот Стево Пендаровски се обидува да биде некој врач што глуми медијатор меѓу поглавиците. Па чиниш, институцијата „лидерска средба“ е многу посилна и од Устав и од закон.
Мора на Пендаровски да му е многу здодевно, штом во вила Водно ги викна и членовите на Државната изборна комисија (ДИК). Тој од нив побарал мислење дали се спремни за избори. Што има претседателот да бара мислење од обично техничко тело што е задолжено само да го спроведува законот и да ги организира изборите? Па уште и ги замолил другиот ден да му го пратат мислењето. Оти тој ден немале мислење. Стручњаци, демек експерти, а тргнале кај шеф на држава без мислење. Со изваден мозок ли отишле на Водно? Што барале? Да се напијат кафе ли? Или само да им измерат температура?
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски вели дека им требале 45 до 60 дена за да го прочистат избирачкиот список. А што правеа членовите на ДИК и стручните служби од 18 март до денеска? Месеа пити по дома и се молеа Уставниот суд да не им ја намали платата? Колку луѓе се умрени од 18 март до сега? Колкумина наполниле 18 години?
Стварно, претседателот Пендаровски многу им дава важност. Од кога тоа обично бирократско тело стана фактор за политичко ценкање? Па, чувме во бомбите чии команди извршуваше Дерковски. Тоа не е „нова нормалност“. Тоа е старата партизирана нормалност.
4 Поради превид на собраниските служби и на претседателот на Собранието Талат Џафери, Уставниот суд го укина Законот за антидискриминација. Откако тогашниот претседател Ѓорге Иванов одби да го потпише, Законот, според Устав, по вторпат морало да се изгласа со апсолутно мнозинство од 61 пратеник. А Законот бил донесен со просто мнозинство.
Тој закон беше услов Холандија да даде согласност за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Донесувањето на Законот беше прославено како револуционерен потег во остварувањата на човековите права. Се носеше под будно око на меѓународната заедница. Се сликаа министри, го фалеа амбасадори, се одеше на победнички марш.
И сега? Ашшш! Законот не важи. Нема закон. Нема Парламент за да го изгласа. Не знаеме кога ќе имаме избори. Земјава чека почеток на преговори со ЕУ без Закон за заштита од дискриминација, кој беше еден од условите за да почнат преговорите.
Ич не ми е гајле ако Бугарија се заканува дека ќе го блокира почетокот на преговорите. Ама многу ме секира ако сега се јави Холандија. Е дури тоа ќе биде блокада. Но, уште повеќе ме загрижува дека вакви бизарни превиди се прават во Собранието. Дека службите во законодавниот дом, чија работа е да внимаваат на законските процедури, не се мешале во својата работа. Дозволиле да се донесе закон што ќе падне на Уставен суд.
Има ли казна за вакви превиди? Има ли одговорност? Гарант, службите сега го користат ланскиот одмор. Уморни се, оти лани многу одговорно работеле.
Е, тоа е сликата на нормалноста во која треба да се вратиме.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST