ШПАЛИР ЗА ВАРХЕЈИ

Ќе стои ли Русија на страна и ќе чека Бугарија да го крене ветото за Македонија во ЕУ!? Затоа што за влез во ЕУ важен е цар Самоил.

ШПАЛИР ЗА ВАРХЕЈИ

1 Од целата помпа и драматика за историската средба меѓу Христијан Мицкоски и Стево Пендаровски излезе само едно: ВМРО-ДПМНЕ упорно и решителено си ја тера својата агенда – напаѓачите на Собранието на 27 април 2017 да станат уставобранители.

Друго на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ е ни важно. Самиот Пендаровски рече дека средбата не е вредна за медиумско внимание.

2 Со што заслужил Оливер Вархеји, комесар за проширување на ЕУ, во шпалир да го чекаат лекари и сестри пред салата „А1 Арена Борис Трајковски“? Па ги извадија во белите мантили од среде вакцинирање, уште да им дадеа знаменца да мавтаат. Зошто му даваме шанса да се чувствува битен, дека еве демек нешто работи, дека нешто покажува солидарност? За првите 4.000 вакцини што доаѓаат од ЕУ? Па Вархеји не си ја имаше напишано домашната пред да дојде и не знаеше дека медицинските лица веќе се и ревакцинирани. И тоа со српска донација од американски и руски вакцини. Се виде дека нема поим што зборува. Покажа на лекарите во салата и рече: „Еве почна вакцинацијата на медицинските лица и во следните два месеца сите ќе бидат извакцинирани“.

Ќе ни беа нам вакцинирани медицинските лица ако чекавме на Вархеји и европската бирократија, како што го дочекавме датумот за почеток на преговори. И ако не беше Александар Вучиќ, да им се перчи на богатите Европејци покажувајќи им како се набавуваат вакцини и да им држи лекција за солидарност со соседите.

Само што, многу ми е и е криво дека Вархеји ѝ го украде моментот на австриската министерка Каролине Едштадлер. Бидејќи, иницијативата за подарување вакцини за Западен Балкан е на Австрија. Ај што ѝ го украде моментот, туку и го упропасти настанот со изјавата дека ако не постигнеме договор со Бугарија, Европската комисија може да размислува и за можноста само Албанија да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

Но, уште повеќе ми е криво дека и премиерот Заев не го искористи моментот, па да се надоврзе на таа изјава и да го праша Вархеји јавно пред камери: Дали тој, како европски службеник, е свесен за последиците ако на Албанија ѝ се дозволи да ги почне преговорите, а Македонија остане блокирана од Бугарија затоа што не сме се договориле што ќе правиме со Гоце Делчев? Особено што, само неколку часа претходно австриската министерка кажа дека Австрија бара почеток на преговори со двете земји и дека е време ЕУ да си го исполни ветувањето. Жената дури и македонски прозборе, на јазикот за којшто Вархеји веројатно смета дека треба да преговараме со Бугарија дали и ние го зборуваме.

Ај да видиме. Нека се случи и тоа што доаѓа како нова закана од европскиот Комесаријат за проширување – да ѝ дозволат на Албанија да оди напред, а Македонија да ја казнат затоа што Македонците се живи и зборуваат македонски јазик. Тоа нема да биде само победа на евроскептиците, затоа што дури и најголемите приврзаници на ЕУ тука ќе ѝ покажат среден прст на ЕУ. Тоа ќе биде пораз на европските вредности затоа што самата ЕУ се откажала од нив.

Башка, зошто забораваме дека Вархеји доаѓа од Унгарија, од партијата на Виктор Орбан? Дека неговиот лидер среде ЕУ секојдневно ги погазува европските вредности. И – згора на тоа – и дека шефот на Вархеји му го спреми бегството и му даде политички азил на Никола Груевски.

3 Американците очекуваат во јуни да почнеме преговори со ЕУ, а спорот со Бугарија да се решава надвор од пристапниот процес. Истото го велат и 26 земји членки на ЕУ. Оти, не само што ЕУ треба да го испорача ветеното, туку и затоа што тоа е во интерес на безбедноста на Европа. Така барем самите викаат.

Тогаш, зошто нашиве политичари ѝ наоѓаат оправдување на ЕУ дека можеби нема да ги почнеме преговорите и ова лето, оти на Бугарија ѝ пропаднале изборите и сега таму имаат експертска влада? Зошто тоа да биде само наш проблем, а не заеднички проблем на ЕУ?

Па Бугарија можеби нема да излезе од политичка криза ни до Нова година. Во јули ќе имаат нови избори. Наесен ќе имаат претседателски избори. Ако нашите преговори со ЕУ зависат од изборите во 27 земји членки, тогаш дај си се повлечеме навреме, да не си го губиме времето со лажни европски надежи. Наесен избори има и Германија. Вгодина во мај се претседателските избори во Франција. Па ние заради локалните избори во Франција во 2019 еднаш го пропуштивме рокот.

Ќе стои ли Русија на страна и ќе чека Бугарија да го крене ветото за Македонија во ЕУ!? Затоа што за влез во ЕУ не се важни реформи. Важен е цар Самоил.

4 Туку, што стана со 5-те илјади вакцини што Борисов најави дека ќе предложи Бугарија да ѝ ги подари на Македонија? Тие стоте за кои Венко се заблагодаруваше во Софија веќе ги заборавивме.

5 Сите додаваат зборови во речникот. Ние ги бришеме. Небаре зборот „циганчење“, за кој реагираше една невладина организација, ќе го снема, ако го нема во речник.

Ова е цензура. Според Уставот, цензурата е забранета. А ние цензурираме речник. И тоа цензурираат научници од Институтот за македонски јазик. Сами бришат зборови од речникот, како што рекоа, „заради мир во куќа“. Па дај тогаш и зборот „цензура“ да го извадиме од речникот. Ама, што правиме со Уставот. И од таму ќе треба да го извадиме за „мир во куќа“. Да можеме да бришеме по нарачка на власта.

Ова бришењето зборови по желба, затоа што Владата не ги смета за политички коректни, ме потсети на случката кога на споменикот на Прометеј спроти Собранието преку ноќ му излеаја гаќи за да не му се гледа курето. Упс… Да ми извини Владата – пенисчето.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира