ТИНУ-НИНУ

Ех, кога би можеле вработените во приватните фирми да организираат еден контраштрајк и барем еден месец да не ги плаќаат придонесите за платите на државната администрација. Ама државата не се секира за даночните обврзници, со нив не преговара и не ги тинтра.

ТИНУ-НИНУ

1 Кирил Божиновски, Драги Рашковски, Мухамед Зекири… Продолжи ја низата. Излегува дека функцијата генерален секретар на Владата била рентабилен бизнис.

Со сето почитување на презумпцијата на невиност, многу интересен е податокот дека од 2010 година досега, три генерални секретари на Владата заглавија на суд. Зекири е осомничен дека проневерил државни пари, а за Рашковски и Божиновски веќе се води судска постапка. Како и да завршат постапките против тројцата, можеби не е лошо во критериумите за избор на генерален секретар на Владата покрај описот на работните задачи да стои и тоа дека не смеат да ја злоупотребуваат службената позиција.

2 Изгледа дека во описот на работните места на сите функционери стои и – губење контакт со реалноста. Што е за право, Зекири си даде оставка. Ама затоа, пак, министерот за правда Никола Тупанчевски уште се препелка во објаснувањата како се нашол на трибините на фудбалскиот стадион во Палермо. Сега ѝ е лут на колешката Славица Грковска, вицепремиерката за добро владеење, оти му дала писмена опомена за кршење на Етичкиот кодекс на функционерите и за криењето информации од јавноста. На интерву за ТВ 21 тој изјави дека не ја прифаќа опомената, дека си го платил ноќевањето, ама дека за авионот и за картата не платил оти бил поканет од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Дека, да не беше Тупанчевски  министер за правда сигурно ќе добиеше покана од ФФМ да се качи на авионот и да навива за Македонија од свечената ложа. Ама, што да прави, го поканиле. И летнал за Палермо, ептен да не им крши атер. Не дека од ФФМ му ја свиткале раката, па морал да оди, ама не е културно да ги навреди, па да не им ја прифати поканата.

Наместо да води инает со вицепремиерката на која ѝ е работа да укажува на неетичко однесување на функционерите, Тупанчевски можеше елегантно да се извлече веднаш по враќањето од Италија. Да каже „извинете, не ја проценив ситуацијата, многу сакам фудбал, ама не е во ред да примам подароци оти сум министер, ме понесоа емоциите, беше историски момент, ама еве ја примив пораката, им се заблагодарувам на новинарите дека ми укажаа на пропустот, ги охрабрабувам и натаму така да бараат отчетност и додека сум функционер на плата што ми ја обезбедуваат даночните обврзници нема да прифаќам понуди што ќе ја компромитираат мојата независност“.

Ама не. Тој не прифаќа дека згрешил. А штом не згрешил, значи дека и во иднина ќе го повторува делото. Како него ќе се однесуваат и другите министри и функционери. Ако може министерот за правда, зошто не би можеле и тие? Ако министерот за правда не ја прифаќа опомената од Владата, зошто би ја прифатиле и другите? И зошто воопшто би имало вицепремиер за добро владеење?

Интересен е феноменот на пресврт од обичен граѓанин, во владин функционер. Како универзитетски професор по право си чесен борец за демократија и добро владеење. Ама кога ќе ти светнат флешовите од светлата на службените коли и кога ќе те заглуши свирежот на тинунинките од полициската придружба, веднаш губиш контакт со обичниот свет. Мислиш дека привилегиите природно ти следуваат. И затоа не ти паѓа на памет да ги одбиеш.

3 Познавате ли некој што завршил работа на шалтер во некоја државна или општинска институција во петок, после 12 часот? Дека службениците од управата штрајкуваа со неработење од 10 до 12 часот во четврток и петок. А колку луѓе завршиле работа во останатите 6 часа? Чекајќи ги да се вратат по штрајкот со ќесите од пазар. Па видовме за време на ковид карантините без колкумина се може, додека службениците седеа дома и готвеа.

Не е проблем што вработените во државните институции бараат поголеми плати. Проблем е што очекуваат тие плати да им се поголеми од работниците во приватниот сектор од чии придонеси се плаќаат и нивните плати. Ама, најголем проблем е што државата 30 години води сметка само за јавната администрација, оти партиите си го обезбедуваат гласачкото тело, а никој не се секира за даночните обврзници што му ги обезбедуваат платите на тоа партиско гласачко тело. Сосе паузите за кафе, за цигарче, за доручек, за тркнување до самопослуга, максималниот број денови за годишни одмори, споени празници, слободни денови за селдиби, раѓања, венчавки, умирачки…

Над 140.000 вработени во јавниот сектор примаат плата и хонорари од придонесите и даноците што ги плаќаат вработените во приватниот сектор. Ех, кога би можеле вработените во приватните фирми да организираат еден контраштрајк и барем еден месец да не ги плаќаат придонесите. Ама државата со нив не преговара и не ги тинтра. Секако ќе им ги собере парите. Партиите имаат создадено култура на живеење во која тие што се вработени „на државно“ се убедени дека си ја заслужиле привилегијата само затоа што одработувале за партијата.

4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисија на ТВ Алсат рече дека „ако сакаме да градиме држава заснована на знаење и компетенции, партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување, туку знаењето и вештините“.

Мицкоски ова го кажа при чиста свест. Се руга на интелигенцијата на сите граѓани, вклучително и на оние што мораа да донесат по 10, 20, 40 гласачи за да добијат државна работа, или да ги задржат работните места. Од идеологија ли мораа да испраќаат смс пораки кога ќе изгласаа сите што беа пријавени по список во партијата?

Па уште и се жали дека во општините неговите градоначалници би вработувале и архитекти, и градежници и парнаџии и водоводџии, ама немало оти сите си заминале. Зошто си заминале? Да не ги избркаа оти не знаеле да играат оро на комитските вечери?

Ако сака да води држава „заснована на знаење и компетенции, а партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување“, тогаш зошто новите градоначалници ги избркаа досегашните СДСМ-овски директори? Овие новиве што ги примија без партиски книшки ли се?

5 Не треба да нè изненадува изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, дека Албанија ќе бара да биде тргната од пакетот со Македонија за почеток на преговорите со Европската унија. Албанија си го бара чарето. Бугарското вето за Македонија и за нив е камен околу вратот. И сега гледаат како да си го откачат.

Земјите од ЕУ сега се зафатени со војната во Украина. Им дојде ненадејно руската инвазија најавувана уште од 2014. Немаат време сега да мислат на Западниот Балкан. Ги заборавија лекциите каде што малите проблеми преку ноќ стануваат големи. Тукушто одбележавме 30 години од опсадата на Сараево и над 15.000 загинати само во главниот град на Босна и Херцеговина, од кои 1.600 деца, а секое десетто дете убиено од снајпер.

Ама важно нè храбрат: Продолжете со реформите и договорете се со Бугарија дали постоите.

Е ајде де, пливај со камен околу вратот и врзани раце и нозе. Ќе се удавиме во балканскава дупка со каменот што ни го закачи Европската унија. Кога и нив ќе им дојде водата до грло ќе биде доцна. Како што задоцнија и со Украина. Па уште не им се верува дека и Европа е во војна.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

 

 

 

 

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира