1 Алтернатива е сè поблиску да одлучи дали да влезе во Владата. Возбудата расте. Цела недела секој ден се среќаваат Зоран Заев и Африм Гаши и по секоја средба соопштуваат дека Алтернатива е сè поблиску до одлуката. Што ли ќе правиме откако ќе ја донесе одлуката? Ќе ми фали оваа неизвесност, како што ми фали серија откако ќе ја изгледам последната епизода од последната сезона.
Ама, не е само до одлуката. Треба да се почека да видиме што ќе донесе спасувањето на евроинтегративните процеси и обединувањето на прогресот. Колку министри, колку директори, колку нови државни вработувања ќе донесе прогресот. Ете, нели, колегите дознаа дека Алтернатива би попуштила и би прифатила две, наместо три министерски места, ако им помине предлогот на едно од тие места да му се даде некоја формулација „за да добие на тежина“. Нешто слично како измислената функција на Артан Груби од ДУИ – прв вицепремиер. На пример – ептен прв вицепремиер. Или алтернативен прв вицепремиер.
Ама па, тогаш ДУИ ќе се налути, па ќе мора Заев да се среќава и со Али Ахмети. И ќе влеземе во нова фаза на обединување на прогресот, па ќе чекаме ДУИ да се приближува кон одлуката дали да остане во Владата. Додека не се постигне трипартитен компромис, функцијата на алтернативниот Артан Груби да се вика „втор вицепремиер, ама ист како првиот“.
Прогресот пред сè.
2 Алтернатива се приближуваше до одлуката, а експертската фејсбук јавност водеше жестоки дебати за деца што не јадат грашок, изборот на музика во градинките и дали цената на пластичните ќеси е во сооднос со финансискиот стимул на матичните лекари по вакциниран пациент. И додека се мудруваше во виртуелната реалност, во реалноста никој не забележа дека во државава три дена железничкиот сообраќај беше во прекин. Поради штрајк на железничарите, три дена стоеја возовите и немаше транспорт ни на луѓе ни на стока. Три дена ни грашок не сме можеле да добиеме ако го носеле со воз, ниту жената на султанот сме можеле да ја пречекаме на железничка станица, богами и суровините за пластични ќеси останале нетранспортирани.
Која држава во светот може да си дозволи три дена да има целосен прекин на железничкиот сообраќај, а за тоа баш на никого да не му е гајле? Само држава во чија влада има втор вицепремиер, ама ист како првиот.
3 Честитки за враќањето на Зоран Ставрески како координатор на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Фино си рече човекот: Ние сме лудаци. Ама кој да му верува? А особено па, кој да памти?
4 Се комплетира списокот на специјални претставници за Западен Балкан. По САД и ЕУ, ете и Велика Британија го испраќа Стјуарт Пич, поранешен началник на Генералштабот на Обединетото кралство како специјален преставник за Западен Балкан. Тоа значи дека ние тука сме специјален случај.
На Вашингтон, а еве сега и на Лондон, им е страв дека тоа што во регионов е постигнато последниве 25 години може да се растури преку ноќ. Затоа што двете најстабилни земји на Западниот Балкан, Албанија и Македонија, ги дестабилизира Бугарија, токму земја-членка на ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по стоти пат отиде во Москва и со Путин обезбеди српските граѓани да добиваат гас по стара цена за да се греат евтино. А ние ќе се грееме со мислата дека некогаш ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. Додека Европската унија ја бара врската помеѓу Цар Самоил и Копенхашките критериуми.
5 Албанскиот премиер Еди Рама донесе Национална акција за целосно чистење на земјата од ѓубре и активностите ги почна со чистење на крајбрежјето, а потоа ќе се чисти целата земја.
Што амбасадори праќаат западните земји на служба во Тирана? Слаб дипломатски кадар. Не ги бива како овие што ни ги испраќаат во Скопје. Во Албанија амбасадорите не им го чистат ѓубрето како кај нас, па Владата решила сама да чисти.
Имаме среќа што кај нас амбасадорите се вредни луѓе загрижени за чиста околина, па тие ни го собираат ѓубрето. Не може ние да губиме време за чистење сега, кога сме зафатени со обединување на прогресот. Треба ли некој прогрес да донесе?
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST