ЗАЛОЖНИЦИ НА МИМОЗИТЕ

Баш поради тоа 11 -годишно понижување на сѐ што е стручно и оној презир од типот „којзнае што ве учеле на тие комуњарските факултети“ , сега се чудиме дека некој доктор кој во моментов е министер, се меша во својата работа од областа на здравството.

ЗАЛОЖНИЦИ НА МИМОЗИТЕ

1 Македонија е соочена со четири предизвици. Не е само битката да се ограничи ширењето на коронавирусот. За помалку од еден месец се закажани и предвремените парламентарни избори. Кон крајот на месецот ја чекаме и одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Во меѓувреме, и официјално ќе влеземе во НАТО. А не можеме сами да си го дигнеме знамето пред седиштето на Алијансата во Брисел, оти и Белгија е една од земјите со висок ризик на зараза. А дома не можеме да направиме журка за да прославиме оти јавните собири се забранети.

Како брзаа СДСМ со конгресот и ВМРО-ДПМНЕ со конвенцијата, како се гушкаа, се ракуваа, се бацуваа во затворени сали, чиниш, ако треба и ќе се умира, ама на избори мора да се победи. Мицкоски уште најави и дека тој и кандидатите за пратеници ќе оделе од врата до врата во предизборната кампања. Одвај чекам да им отворам. Нека поминат низ цело маало и нека дојдат да ми раскажуваат како ќе ја обновуваат Македонија. Да си подишеме заедно.

Туку, претседателот Стево Пендаровски рече дека „нема да пропадне светот ако изборите се одложат за месец или два“. Нема да пропадне светот, а нема да пропадне ни Македонија. Изборите се предвремени затоа што во октомври 2019 не добивме датум за преговори. Нели, тогаш Заев се разочара оти ЕУ не испорача датум, па побара избори најбрзо што може. И лидерите се договорија за 12 април. Сега, ако ЕУ ни даде датум, изборите нека бидат редовни. Оти датумот беше причина за вонредноста. До есен белким и короната ќе се смири.

2 Ова што ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерот за здравство Венко Филипче во екот на кризата со коронавирусот, не е затоа што тие се глупави. Уште помалку и дека не знаат оти оставка не може да даде, бидејќи нема Собрание што ќе му ја прифати. И нема Собрание што ќе избере нов министер. Ова е само продолжение на нивната тактика да се прави бучава, да се збори за нив, да се шутне во матно, да си го губиме времето со нивните измислици. А бе, еднаш да покажеа коректност? Макар и во криза. Еднаш, за нешто да се приклучеа во битката за општо добро наместо да си го гледаат интересот на неколкумина од раководството на чело со бегалецот во Будимпешта?

Ама – тие се. Од кого да очекуваш да помогне, кога и од информативните флаери за заразата, изготвени од уметници-волонтери, ја украдоа креативата и ги преправија во флаери против Заев? Од такви – ни помош ќе ти дадат, ни граѓанска свест ќе покажат.

Па и тоа што сега дел од јавноста го фали министерот Филипче и начинот како се однесува во време на криза, е одраз на едно генерално изместување на сфаќањето како треба да се однесува државен функционер. Паѓаме во несвест дека некој јавен службеник добро си ја врши работата за која го плаќаме. Нешто што треба да е нормално.

Ама, ние од таа нормалност одамна сме се откажале. Па не сме пиеле сите вода од Дојранското Езеро пред камери за да докажеме дека не е загадено, и како последица сме заборавиле како беше до пред само три-четири години. Се сеќавате ли кога правникот Никола Тодоров им покажуваше на хирурзите како да оперираат? Ќе шеташе сега со маска по клиники, ко што ги ловеше сестрите на спиење на дежурство и ќе се пушташе по сите телевизии. А Груевски ќе стоеше пред Инфективната клиника и ќе ги броеше пациентите, ко што ги броеше камионите во Стајковци. И на мобилен телефон ќе се јавуваше да дава наредби за купување апарати за дишење.

Е токму поради тоа 11-годишно понижување на сѐ што е стручно, тој игнорантски однос кон тие што знаат, оној презир од типот „којзнае што ве учеле на тие комуњарските факултети“ , сега се чудиме дека некој лекар специјалист, што во моментов е министер, се меша во својата работа од областа на здравството.

3 До каде се последиците од заробеноста на државата од ВМРО-ДПМНЕ покажува и тоа дека и по три и пол години на власт, во време на најтешка здравствена криза, Владата мораше да му нареди на јавниот сервис МТВ да ги пренесува прес-конференциите на министерот за здравство во врска со коронавирусот. Да му нареди! На јавниот сервис!

И викате „сите се исти“, а? Како тоа сите се исти? Едниот се дере: „Сакав да те убијам и жал ми е што не успеав“. Другиот мора да се дере за го надвика: „Како не ти е срам, сакаше да ме убиеш“. А ти седиш и од морални висини викаш: „Двајцата се дерат, сите се исти“.

Не можам да ја сфатам комоцијата на тие што избираат да ја слушаат само бучавата, а не и тоа кој што кажува во таа бучава. Па тоа и е целта на бучавата што ја создава ВМРО-ДПМНЕ. Да не слушаш.

4 Иако не е лесно, да пробаме малку да гледаме позитивно на оваа состојба со коронавирусот. Можеби, кога ќе заврши кризата ќе останат и некои навики кои се цивилизациски придобивки. На пример – миењето раце. Или, дезинфицирање на автобусите. Миење на контејнерите. Чисти такси возила. А тоа дека има сапуни во школите и во јавните институции нема да биде ни вест вредна за објавување, а не пак вест за насловна страница.

Можеби, најголемата лекција од оваа криза ќе биде ако научиме да почитуваме стручност и професионалност и да им веруваме на тие што си ја знаат својата работа. Дека за болести ќе слушаш лекари. А за вести ќе читаш професионални медиуми со веродостојни извори. А не домаќински муабети со совети преведени од српски јазик преку гугл транслејт којзнае од кои сомнителни сајтови. И славски експерти и аналитичари од пред кооперација со мудрости за магичната лековитост на лукот и на ракијата.

5 Умешноста на Македонецот да се носи со кризата се покажа во случајот со патниците од екскурзијата за Црна Гора што полицијата ги врати назад од граница. Агенцијата одбила да им ги врати парите за „Фестивалот на мимозите“, па луѓето тргнале да се ценкаат. Настапиле со солидна преговарачка позиција. Отишле на паркинг пред полноќ пред тргање на автобусите, да се караат со газдата за да си ги бараат парите назад. Ама, ако не им успее ценкањето имале и план Б. Си ги носеле и куферите со себе, за да не ја зијанат екскуријата. И кога не им ги вратиле парите, си се качиле во автобусите.

Во меѓувреме, разработиле кризен менаџмент. Па викнале и новинари, а изјавите ги даваат анонимно, за да не им се налути газдата на агенцијата. Ало, помагајте, нѐ тераат да патуваме на екскурзија. Мораме да одиме на фестивал на мимозите.

Во исто време додека траеја преговорите за враќање на парите, стигна најава дека претседателот Стево Пендаровски другиот ден ќе има прес-конференција. Што да си помисли човек, а да не испаничи? Нема белким Советот за безбедност да решава за заложниците на мимозите? Среќа, тука е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Сигурно тој испратил коли да ги пресретне автобусите и со полициска придружба да ги врати во Скопје.

Ќути, куртулија. Од мимозите.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира