ЧАО, ЖУРИМ!

Да ми простите на српскиов, ама за инает на Захариева го пишувам. За да си има Бујар работа. Да ја теши, дека се нервира.

ЧАО, ЖУРИМ!

1 Каква проактивна дипломатија води министерот Бујар Османи. Бугарија не побарала, ама тој нуди и Бугарите да бидат споменати во Уставот. Дипломатски перфектно одиграно. Е па, ај да побрзаме. Додека власта тренира собирање мнозинство во Собранието да ја завршиме и таа работа. Отепај се пред да те отепаат.

Мачно ми е ова понижување што ни го прави нашава политичка елита кога станува збор за однесувањето кон Бугарија. Знаете како ми изгледаат? Како некој што седи спроти соговорникот, крши прсти и се туфка – еве, кажете ни што можеме да направиме за да не ни се лутите дека постоиме. Од каде потребата постојано ние нешто да се правдаме, па да нудиме, како да сме виновни за нешто? Цело време како ние да сме кабает, па треба нешто да попуштиме. Како да им должиме нешто на Бугарите, па треба да им вратиме. И да внимаваме со изјавите, да газиме по јајца, да не случајно се навреди Екатерина Захариева.

Море, ај престанете со тоа подлизурковство. Не гледате ли дека колку што сме ние повнимателни, тие уште повеќе на глава ни се качуваат. Прво министерот за одбрана Каракачанов ќе ни праќаше војска за да ни ги брише плочите од спомениците. Па претседателот Радев ги мобилизира разузнавачите за да ги спасуваат тукашните Бугари. А нашиов Бујар уште и ќе им се извинува, па ќе им измислува посебни графи да се изјаснувале на пописот.

Кај нас ли има избори? Или во Бугарија има избори? Што има ние да им се мешаме во нивната предизборна кампања? Ај, бркајте си работа. Терајте си избори, па ќе збориме после со победникот.

Веројатно и Зоран Заев и Бујар Османи тргаат со најдобра намера со фино да го решаваат проблемот. Да не се лутиме, да не се караме… Ко што би рекол Заев – „спокојно, пополекичко…“ Ама па, не мора баш и со пепел да се посипуваме.

Немаме ние што да им се правдаме на Бугарите. Тие во 20. век биле фашистички окупатори што правеле зулуми. Тие во 21. век не ни признаваат ни јазик ни нација. Тие се однесуваат како силеџија на Балканот со моќта што им ја дава членството во ЕУ. И пак – ние криви? Зошто сме криви? Криви сме што сме живи.

Извинете што постоиме, ама ние ништо не им должиме. Напротив. Тие нам ни должат. И ако сакаат да престанеме да им го споменуваме тоа што ни го должат, нека прекинат да нè малтретираат. До тогаш – чао, журим! Да ми простите на српскиов, ама за инает на Захариева го пишувам. За да си има Бујар работа. Да ја теши, дека се нервира.

2 Туку, дај да видиме што правиме ние тука со нашите избори. Оти, кај и да е, Христијан Мицкоски ќе закрепне од ковидот и пак ќе ја урне Владата на Заев.

Ај што Заев со блицкриг ги зафркна кога самиот побара гласање доверба на Владата за да им докаже дека има мнозинство. Туку, зошто вмровците излегоа од салата? Зошто не гласаа „против“? Зошто во историјата да биде запишано дека на Владата на Заев ѝ била изгласана доверба без ниту еден глас „против“?

Зошто? Затоа што за да гласаш „против“ треба да имаш став. А ова ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е секогаш антипротивно – без логика и без став.

Исто ко за референдумот за уставната промена на името. Не сме против, ама – против сме.

Оди па разбери ги што сакаат да постигнат и сега, со кампањата за пописот. Не сме против, ама – против сме. Мицкоски ги повика Македонците од дијаспората масовно да се попишат, а во истата реченица додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè резултатите од пописот да се девалвираат. Што си мислат? Дека статистички ќе се избројат луѓе во графата „Бојкотирам“. Или „Не знам дали партијата ќе ми даде да се изјаснам што сум“. Или „За инает на СДСМ“. И дека тоа изјаснување после ќе се важи?

Единствената општествена активност им е да измислуваат глупави флоскули со кои ќе сеат омраза и ќе прават хистерија. Како да имаат интерен конкурс кој ќе смисли попоетска грозота за навреда на Заев и власта – „мафијашки византизам“. Бре, бре, бре… Ама, таа активност не е корисна. Што полошо ВМРО-ДПМНЕ имаме, толку побрзо ќе го влече и СДСМ надолу. Ако ВМРО покажува дека бесрамноста и лажењето поминува, зошто тогаш од бесрамност и лажење би се срамел СДСМ? Ми е гајле мене за партиите. Ме загрижува штетата што се прави во општеството.

3 Продолжува казнувањето на чесните и дисциплинирани граѓани што ги почитуваат законите. Власта предложи продолжување и дополнение на Законот за постапување за бесправно изградени објекти. Како што кажува самото име на законот, станува збор за бесправно изградени објекти. Значи – нелегално. И не знам зошто во иднина некој би градел легално кога државата со години им простува на тие што го прекршиле законот. Тоа станува нормална пракса на секоја власт. Да носи закон со кој ќе го легализира криминалот. Па не го викајте – закон. Речете – ова е амнестија. Ќе се помилуваат луѓе што правеле кривични дела.

Законот предвидува легализација на дивоградби и во заштитени подрачја. Ама за тоа треба да дадат согласност надлежните органи. Извинете не разбрав добро. Кој? Кој треба да даде согласност? Органите што се правеа ненадлежни додека се дигаа дивоградбите сега ќе станат надлежни за да одлучат дали да ги легализираат. Синким, органите сега ќе дојдат директно од Норвешка и одеднаш ќе станат надлежни.

Норвежаните ќе речат: „Што збориш? Дивоградби имало тука? Ај сега ние, надлежните, ќе ги решиме“. Па така, надлежниот орган од Општина Сарај со градоначалникот Блерим Беџети, кој ќе распишуваше референдум за отцепување ако се урнат дивите платформи на Матка, сега ќе биде надлежен за оценка за легализација на платформите. Рамиз Мерко од Струга, што како најнадлежен изјавува „Баш ме брига“ за дивоградбите на плажите, сега одеднаш ќе го „брига“ за да решава да ги легализира.

Овој закон се носи во време кога веќе две години се натегаме со УНЕСКО за заштитата на Охридското Езеро и крајбрежјето. Важно, направивме петсто меѓуресорски комисии, се држеа состаноци, се испрошетаа министри, заменици, градоначалници по светот на разни собири на УНЕСКО, се изнапишаа стотина елаборати. Ама, џабе. Толку е очајна работава што дури и министерката за култура Ирена Стефоска, инаку и самата со потекло од Охрид, дигна раце и рече дека поарно е УНЕСКО да го прогласи Охрид за загрозено културно и природно богатство. Белким така ќе го спаси и градот и езерото од нас. Што има ние да се секираме за Охрид? УНЕСКО нека си се секира. Тие си го прогласија Охрид за град на УНЕСКО, тие нека си го заштитуваат.

4 Мислам дека далеку поголема грижа од нашата за УНЕСКО има Тајгер Вудс, со идејата на градоначалникот на Аеродром Златко Марин да гради голф терени во селото Лисиче. Сиромашкиот Вудс, не знае за што попрво да се сакалдисува – дали ќе заздрави после сообраќајката или од конкуренцијата што ќе му се развие од Лисиче. Оти, тие голфери ќе бидат супериздржливи. Ќе тренираат во паузите меѓу две палења на стрништата околу Лисиче и дивата депонија Вардариште.

Глупави ние што не му дадовме азил на Субрата Рој. Тој ветуваше дека ќе прави голф терени во Љубаниште на Охридското Езеро. И дека последната дупка ќе беше во вода. Немаше да мора Марин да копа дупки во земјата пред избори. Ќе си имавме во водата – дупка.

АУДИО ВЕРЗИЈА

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира