ХИСТЕРИЈА МИСТЕРИЈА

Никој ништо не ти може Николааа, Николааа...

ХИСТЕРИЈА МИСТЕРИЈА

1 Извинете што ја вознемирувам јавноста, ама ако смее да прашам, кога трошите пари од даночните обврзници, за колку пари смее да се прашува? Редно е да се постави лимит, за премиерот Димитар Ковачевски да не ги обвинува новинарите дека шират хистерија само за милијарда и триста милиони евра. Вели: „Цел ден се шири некаква хистерија и од проект од кој што имаме 1,3 милијарди евра проект, со обезбедено буџетско финансирање, со поддршка од Соединетите Американски Држави, а кај нас главна тема е дали некој, некаде, во некоја друга држава, имал кривична пријава.“

Ајдеее, сега ни за тоа како ќе ги трошат нашите пари не смее да се прашува, оти ќе го поткопаме стратешкото партнерство со САД. Ако зборуваш против внесувањето на Бугарите во Уставот – тогаш си против ЕУ. Ако прашаш дали домаќински ќе ги трошат буџетските пари за автопатиштата што ќе ги гради американско-турски конзорциум, тогаш си против САД. Не прашувај за пари да не ја загрозиш евроатлантската перспектива.

Американската амбасадорка Ангела Агелер не беше на потпишувањето на договорот за изградба на четири делници од автопатишта за да им даде поддршка на Димитар Ковачевски и на Артан Груби, туку да поддржи значајна американска бизнис зделка. Сликата со американската амбасадорка не може да ѝ биде алиби на Владата ако го утнала изборот на надзорот. Каква врска има американското стратешко партнерство со изборот на фирма за надзор во која еден од сопствениците бил обвинет за измама во Ерменија? На крајот на краиштата, американската амбасадорка си ја завршила работата за која е платена – промовира американски бизнис интерес, тој бизнис плаќа данок на американската држава, од тие пари и таа зема плата. Ние прашуваме дали премиерот и вицепремиерот си ја завршиле работата за која ние им даваме плата. Што е тука хистерично?

Така што, џабе ви се евроатлантските и геостратешки приказни кои ги продавате на новинарите потсмевајќи им се – еххехе, види какви глупави прашања поставуваат. Нема глупави прашања на темата – пари.

Впрочем, никој не прашува колку и на што ќе ги потроши премиерот парите од неговата плата и од платата на жена му овој викенд. Никој не прашува ни колку платил вицепремиерот. Артан Груби за вратоврската и чорапите што ги бирал внимателно за да му бидат дизајнерски усогласени. Прашуваме како ќе ги трошат нашите заеднички пари. Зборуваме за милијарда и триста милиони евра. Најмалку, оти сигурно ќе бидат и повеќе. Зборуваме за пари што треба да ги менаџира претпријатие за државни патишта со директор од ДУИ, кое не е способно ни тревата околу рабниците на сегашните автопатишта да ја искоси, ни ѓубрето да го собере, ни заштитната мрежа да ја обнови.

И еве, уште еднаш се извинувам на јавноста, ако 1,3 милијарди евра е недоволна сума за „цел ден дигање хистерија“.

2 На истата прес-конференција, премиерот рече дека ако има сомнежи за еден од сопствениците на фирмата што е избрана да го прави надзорот, да му се поднесе кривична пријава и тука, па обвинителството нека го провери.

А Владата зошто не го проверила пред да го ангажира? Нашата граѓанска обврска завршила кога сме излегле на избори и кога сме си го платиле данокот. Што има ние да пријавуваме во Обвинителството?

Што треба да направиме? Да одиме во Обвинителство. Добар ден! Добар ден! Има онде пет-шест луѓе играат фудбал и кошарка во канцеларија, да ги проверите да не случајно ни ги крадат парите.

Артан Груби си прави комични гегови со министрите од ДУИ. Си играле кошарка и фудбалче во канцеларија. Голема работа. Ко што би рекол премиерот Ковачевски, секој може да си прави во канцеларија што си сака. Се опуштале луѓето, заслужиле, работат 24/7, како Никола Груевски што работеше. И тој на времето така се опушташе. Играше фудбал, возеше точак и после, исто како Артан сам си пушташе филмчиња.

Тоа што мажињата од ДУИ си играле со топките во канцеларија, си играле. Ништо страшно. Тоа што се сликале како си играат – се сликале. Ама па, кога видоа дека луѓето реагираат, си рекоа дај сега да им пуштиме и филмче, дополнително да ги изнервираме. Хистерични едни граѓани, па уште похистерични новинари.

Ве дрибламе како сакаме. Си правиме што си сакаме, си вработуваме кого сакаме, си делиме хонорари колку сакаме и кому сакаме, ќе си дигаме дивоградби и платформи по езерата, а СДСМ не може да ве заштити од нашето расипничко однесување.

Артан самиот ќе се пофали и како дрибла, и како забива, и како протнува меѓу нозе, и какви чорапи носи. Само не го прашувај како ги троши парите на даночните обврзници. Затоа што тоа прашање ризикува да ја разниша стабилноста на Владата.

Никој ништо не ти може Николаааа, Николааа….

3 Гледате, немаше никаква хистерија околу двојното убиството во кафуле во старата скопска чаршија што личеше на мафијашка пресметка. Не беше изненадување ни тоа дека еден од убиените се сликал со претседателот на Собранието Талат Џафери. Нели бил “добро познат на полицијата“, значи проверено бил сигурен. Не изненадува ниту тоа дека убијците влегле во кафулето, им пукале во главите на жртвите и си заминале со кола. Сето тоа личи како да е на филм, ама сепак е предвидливо сценарио.

Единствена мистерија останува како жртвите таму нашле паркинг, па седнале раат на по една пијачка. Таму обично ни преку ден не можеш да се разминеш од паркирани скапи коли и на тротоарот и на коловозот, а не пак во 8 навечер кога се излегува на забава. Полицијата не ги казнува погрешно паркираните оти нели возачите се „добро познати“. Пајак не поминува оти не сака да ризикува некој полицаец самиот да се повреди. Ама, уште поголема мистерија ми е како убијците нашле место да се паркираат. Или имале среќа, или вклучиле четири светкачи среде улица – само да прашам нешто, завршиле со работата и си заминале.

Туку, кој е тој пратеник Талевски што рекол да не се дава политичка конотација на двојното убиство. Тој да не паднал од некоја друга планета, па не знае дека во Македонија политика и криминал се синоними во било која конотација.

4 Од оваа македонска реалност човек може да одмори само ако чита вести од странство. Во Јапонија обвиниле тројца за „суши тероризам“. Плукале во порциите на подвижните ленти во рестораните.

Остај што ги обвиниле, туку и ги уапсиле. Којзнае, можеби во текот на судскиот процес ќе признаат и дека го лижеле шишенцето со соја сос и брцале со стапчињата во туѓите чинии.

Ако им е толку здодевен животот, што не си дојдат малку кај нас?

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира