ТЕАРЦЕ ПМ10

Што би било проблемГ руевски и Ахмети пак да се договорат, ако им врви бизнисот?

    ТЕАРЦЕ ПМ10

    1 Стварно, кој ли им се заканувал на амбасадорите на ЕУ во Македонија? Ц, ц, ц… Како можел да им се заканува? Ц, ц, ц… Владејачката ВМРО-ДПМНЕ побара од ЕУ веднаш да „допрецизира и да појасни кој и како им се заканувал на амбасадорите и да се посочи конкретен пример за тоа. За да може надлежните институции поефикасно да превенираат такви случаи“. Ц, ц, ц…

    Кои институции? На пример институцијата Марко Зврлевски? Оти јавниот обвинител е познат по откривање и на заканувачи и на извршители. Како што ефикасно ги откри напаѓачите на ЛГБТ центарот. И тоа во два наврати.  И тепачите на Плоштад Македонија. И напаѓачите на Општина Центар. Оние што ги видовме сите на телевизија. А пред извесно време и во судница ги видовме, кога ги собра СЈО заедно со поранешниот премиер.

    А зошто ЕУ да допрецизира кој се заканувал на нивните амбасадори? Па по допрен глас од Брисел јавното обвинителство самото може да покрене истрага. Само има мал проблем. Маја Коцијанчич треба да ја даде точната адреса на заканувачите. И матичен број. Оти навистина е тешко во Македонија да се најде кој се заканувал на амбасадори. Особено ако зборел пред многу луѓе. Пред  државна институција. И на микрофон. И во директен пренос на неколку телевизии.

    Туку, зошто ВМРО-ДПМНЕ бара само од ЕУ да посочи кој се заканувал на нивните амбасадори? Зошто толку храбро не побара и од Стејт департментот да прецизира кој му се заканувал на американскииот амбасадор, ако има такви сознанија? Или, се плашат дека Стејт департментот ќе им каже. А одговорот нема да им се допадне.

    2 ВМРО-ДПМНЕ се однесува исто како кога ги слушавме бомбите. Тогаш ни викаа: Кому верувате повеќе? На своите уши, или нам? И 450.000 луѓе не им веруваа на своите уши.

    3 Се изнаслушавме драматични анализи дека патот за излез од кризата води преку Теарце. И дека патот до слободата води преку Теарце. И дека Али Ахмети е свесен оти ДУИ може многу да изгуби ако коалицира со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

    Глупости. Што би било проблем Груевски и Ахмети пак да се договорат, ако им врви бизнисот? А бе луѓе, Груевски е „дил ориентид“. И Али Ахмети е „дил ориентид“. И ако двете фамилии се договорат нивните фирми да продолжат да работат заедно, ќе си продолжат со дилот. И не знам зошто некој од тие 450.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ би имал нешто против тој дил. Кога и до сега немале.

    Аналитичарите велат дека  раководството на ДУИ ќе бега од Груевски оти неговите поддржувачи пред ДИК пееле „клетите Шиптари“. Па тие 10 години истото го пејат. Ниту едните се навредија, ниту другите напуштија.  Кој пее зло не мисли. Што ако пејат, кога раководството на партиите на Албанците во Македонија на ВМРО-вските војводи им ветува верност до гроб. А исплашените  дека СДСМ ќе им воведе двојазичност и федерализација, за само три недели кампања заборавија дека гласаа за партијата што во Собрание заедно со ДУИ ги амнестираше воените злосторници од УЧК за Хашките случаи.  Иако, среде кампања Артан Груби убаво ги потсети. Дека УЧК е во Собранието и владее со земјата.

    Не гледам зошто би имало проблем ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да продолжат да владеат понатаму како што владееја до сега. Иако аналитичарите велат дека, дури и да направат влада, сега немало баш да биде исто.  Е па нема да биде исто. Ќе биде уште полошо. Да не речам, пострашно.

    Аналитичарите се прашуваат како Груевски ќе му објасни на членството зошто ќе оди со ДУИ, по запаливата антиалбанска реторика во кампањата. Како и кому би објаснувал Груевски? И зошто воопшто да објаснува? Кога тој воопшто имал потреба некому да објаснува? А ако баш мора да објасни, знаете на кој начин ќе го стори тоа? На истиот начин како што ја праша ЕУ да каже кој им се заканувал на амбасадорите. ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со проглас, во кој ќе ги повика своите гласачи да допрецизираат кој тоа им се заканувал со федерализација, кантонизација и двојазичност. И бизнисот со ДУИ ќе врви.

    4 ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не учествува во прегласувањето на едно изборно место во Теарце и да не ги прифати изборните резултати, оти ДИК сакала да им ја украде победата и да ја поништи народната волја.

    Оти, народната волја не беше поништувана со три прегласувања во Центар во 2013 година. Оти, тогаш имаше 33 претставки на ВМРО-ДПМНЕ затоа што биле по народна волја.  Оти, било народна волја да ги расипуваат лифтовите на денот на изборите. И ливче да снема било народна волја. И вришетење пиштење че има било по народна волја на инспекциите. И човечињата се држеле за рачиња и си гласале по народна волја. Народна волја било и барањето стручњаци да го отворат „она онаквото“ од пластичните ќеси со изборниот материјал по завршеното гласање. И влечењето за уши е народна волја. Исто како што е народна волја и сместувањето по 45 луѓе од Пустец во ист стан.

    ВМРО-ДПМНЕ одлучи народна волја да биде тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да биде народна волја. Оти народот така одлучил.

    5 Како сме пораснале ние без ПМ честички?Се сеќавам дека кога бевме мали во Скопје имаше густи смрдливи магли. Тогаш и телефонските линии знаеја да бидат во прекин по две недели.

    И сега имаме смрдливи магли. Ама, за 30-40 години бајаги сме напреднале. Сега имаме телефонски апликации. И Фејсбук имаме. А единствената разлика од тогаш до денес е што сега  знаеме што дишеме. И колку од тоа што го дишеме е ПМ.

    Тоа е отприлика разликата во квалитетот на животот што ни ја овозможиле сите градски власти на нашата современа држава. Тогаш не сме знаеле што дишеме.  А сега знаеме. Ама сеедно. Не дишеме почист воздух.

    6 Како што до сега ниедна власт не се зафатила да го реши проблемот со  загадувањето на воздухот, така ниту една власт не се зафатила да го реши ни проблемот со сиромаштијата. Па, како што градоначалникот Коце Трајановски препорача поради загадувањето да не се проветрува и да не се излегува надвор без потреба, на ист начин понуди решение и за сиромаштијата. На првата онлајн петиција и Фејсбук група да се укине новогодишната прослава и парите да се дадат на сиромашните, Коце ја откажа прославата. И сега, ние треба да мислиме дека го решил проблемот на сиромашните со 32.500 евра.

    Добро. Ај да го сметаме ова како мала победа на граѓаните. И да се надеваме дека тие пари стварно ќе одат кај тие на кои им се најпотребни. Ама, би сакал да ги видам оние Фејсбук групи што успеаја да ги откажат забавите сега со истата страст да организираат петиции со кои ќе бараат отчет од градската власт, до евро да каже како се распределени парите од забавата.

    Да се разбереме. Не сакам да кажам дека тие пари не треба да им се дадат на луѓето на кои им се потребни. Напротив. Треба и повеќе од тоа.  Ама се плашам дека ниту ќе дознаеме, ниту ќе бараме ни каде отишле парите, ни по кои критериуми се поделиле, ниту за што ќе се делат.

    Најмногу се плашам дека ќе ги искористат нашите пари за и сиромашните да ги поделат на „наши“ и „ваши“. Па „нашите“ ќе добијат кубик дрва, за да може утре да ги влечат за уши да гласаат за нив. Оти ги чувме дека тоа го правеле. Не им било баш до хуманоста.

    Башка што, по тие локални администрации имаат вработено толку партиски војници, што за платите што им ги даваме можеа да смислат нешто што би било ем забавно, ем хумано. Не е непознато да се организираат забави на кои луѓето донираат со купување пијачки и подароци. Не е непознато и естрадните ѕвезди да пеат на хуманитарни настани. Па дури и да потрошиш пари од буџетот, си ги потрошил за добра цел.  Ќе ја ја разбудиш свеста на тие што дошле на забава дека во новогодишната ноќ некому помогнале.

    Ама, за каква јавна свест и за каква јавна администрација зборуваме, кога власта чека Фејсбук група да им каже дека има сиромашни? Да не збориме дека власта може ем да прави забава, ем да им помогне на сиромашните. Дека може баш на луѓето од ранливите групи на кои им треба помош да им плати нешто да сработат за време на забавата. Оти, меѓу ранливите има и квалификувани и неквалификувани работници.  Ако ништо друго, барем да се почувствуваат корисно.

    Оти, вака излегува дека сиромашните чекаат милостина изнудена од Фејсбук група. А власта ќе им фрли нешто ситно, за да си ја испере совеста за сите тркала од 20 милиони евра и споменици на Мајка Тереза од 5 милиони евра.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCSAT

    Слушај тука

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира