1 Си немал ѓаволот работа, си ги давел децата.
Толку ли немаат работа во Владата, па паднале на муабет државниот грб да го менуваат? Да ни создаваат проблеми кај што ги немаме. Цел свет се тресе со каква генијална идеја утре ќе се разбуди Трамп со фломастерот в рака, а ние ќе си лекуваме фрустрации од детството.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „ние сме една од двете држави постсоцијалистички коишто сѐ уште државниот грб го имаат оној стариот“. Е до грбот е стасана работава. Држава која процветала во социјализмот, откако народот кој активно се борел против фашизмот конечно се изборил за сопствена држава, со влади кои триесет години се менуваат, а досега не успеаја ни да го варосаат тоа што е изградено баш во социјализмот, и на која странски амбасади ѝ го реставрираат културното наследство од антиката до антифашистичката борба, ќе го менува грбот дека бил – социјалистички.
И што е тоа на грбот што не ја отсликува Македонија? Што има немакедонско на грбот, па макар бил и социјалистички? И со која сликичка на грбот е повредено националното чувство на било кој граѓанин?
Не е до грбот проблемот. И не е до социјализмот. Туку до тоа што ние сме постсоцијалистичка држава што 33 години тоне во немилосрдна кражба од владејачките елити. И уште не доживеавме ниедна власт што тоа сака да го смени.
Промената на грбот не значи само промена на личните карти, пасошите, свидетелствата, табли на државните институции, тендери и јавни набавки на сето ова. Туку, кога веќе се отвара темата за грбот, тоа си повлекува расправа за промена и на химната, па ставање албански јазик во Уставот, промена на имињата на тетовските улици со имиња на балисти… Ехее, малку ли има теми за нова тура омраза Македонци – Албанци? Па ај сега и за сликички војна да направиме.
Дополнително се истакна коалициониот партнер Арбен Таравари, кој рече дека прво треба да се решат етничките прашања, па потоа да се фокусираме на економиските прашања, антикорупцијата и евроинтеграцијата. Оти тој, како лекар-специјалист, знае дека од сиромаштија и корупција не се умира, ама ако грбот е социјалистички, тоа е веќе животозагрозувачка состојба.
Што има да се секираме за високи сметки за струја и за скапа храна по маркетите? За грбот ќе се секираме.
Во духот на мултиетничкиот карактер на државата, и кај Македонците и кај Албанците кога се зборува за сиромав човек се има одомаќинето турскиот збор фукара. Албанците викаат „ем фукара, ем фодул“, а ние Македонците ја користиме турската изрека „ем фукара, ем сики бујук“. Пардон мај френч, ама како и да е правилно, и на македонски и на албански и на турски јазик – фукара си е фукара. Си се разбираме и едните и другите и третите. И сите други од Преамбулата на Уставот.
2 На 13 декември 2014 година, значи пред нешто повеќе од десет години, во колумната „Сакам да кажам“ уште додека бев во „Вест“ сум го напишал следново:
„Пак нема да има препорака за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Божем тоа е многу битно. Важно е дека сега кога ќе се смени грбот, значително ќе се подобри квалитетот на животот. А и добрососедските односи.“
Ова е напишано во периодот по масовните студентски протести што претходеа на „бомбите“ со прислушуваните разговори, кога коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на Никола Груевски предложи серија теми за промена на Уставот, меѓу кои беше и промената на државниот грб.
Ако не ви текнува, еве го ЛИНКОТ до тогашната колумна. Ако не ви се чита цела, читајте ја само точката 5.
Нејсе. Муабетот ми е: 10 години поминале, а ко да не биле. Ѓаволот пак си ги дави децата.
3 Не можам да ги сфатам Македонците што се радуваат ако Украина засекогаш ги изгуби териториите што се окупирани од Русија. Ликуваат дека три години Украинците залудно гинеле. Требало веднаш да се предадат.
Утре, не дај Боже, Трамп може да му пружи рака на Путин и да му рече: Еве ти ја Украина. Како во 1990-тите кога Туѓман и Милошевиќ на салфетка си ја делеа Босна и Херцеговина.
Тоа за радување ли е?
Путин изврши агресија на Украина со кампањата дека украински јазик не постои, туку дека е руски, дека Украинците се измислена нација, дека Украина е измислица на комунизмот и дека украинската историја е руска историја.
И бугарската официјална државна политика вели дека македонскиот јазик не постои, туку дека е бугарски, дека Македонците се измислена нација, дека Македонија е измислица на Тито и дека македонската историја е бугарска историја.
Во руската Дума пратениците викаа „Украина е Русија“. Во бугарското Собрание во 2022 група пратеници носеа транспаренти „Македонија е Бугарија“.
Замислете, утре Трамп да си пружи рака со Румен Радев. Како тргнала работава, тоа веќе не е ни толку незамисливо.
И, што правиме, ако откако заврши војната во Украина Путин се сврти кон Балтичките земји за да го заштити, макар и еден Русин што живее таму. А и еден од бугарските политичари, коалиционен партнер во новата влада вели дека Бугарија е секаде каде што живее барем еден Бугарин. И тогаш ли ќе има Македонци што ќе се радуваат?
А лидерите на западните земји од Европската унија, скептични од мировниот договор меѓу Трамп и Путин, се прашуваат: Што би го спречило Путин по неколку месеци повторно да се врати во Украина, или за неколку години да нападне НАТО земја? Бараат некакви гаранции.
Тоа е исто како кога ние неколку години очајно бараме гаранции од ЕУ. Што би ја спречило Бугарија да ја блокира македонската евроинтеграција продолжувајќи да го негира македонскиот идентитет и самосвест, дури и ако го смениме Уставот? И од таму ни викаат: Нема гаранции.
Е па, сто стапа по туѓ грб ич не болат.
4 Неделава ја одбележаа две иницијативи за некако да се ограничат привилегиите на функционерите и пратениците. Едната беше поднесена од пратеничката група на Левица, да се намалат патните трошоци на пратениците. А другата е одлуката на Уставниот суд да ги задолжи пратениците да го разгледаат законот со кој им се намалуваат казните и брзо им застаруваат делата на функционерите.
Зарем има уште некој наивен во државава што очекува пратениците и функционерите да си ги ускратат привилегиите?