1 Нека извини Шведска, нека извини Норвешка, а богами и Данска, ама премиерот Христијан Мицкоски вели дека „покажавме европско, скандинавско управување со општините на локално ниво и покажуваме овие година дена на централно ниво дека можело во Македонија да се менаџираат институциите без афери кои што ќе значат криминал, корупција, злоупотреба“.
Мицкоски вели: „Покажавме и докажавме дека можеме многу подобро да ги управуваме институциите и Општините од многу европски земји и голем број од нив се дел од Европската Унија“. Тоа го кажа само месец и пол по трагедијата во Кочани со 62 жртви, предизвикана токму од корупција и непостапување на цела низа институции, од локалната полиција, преку општинските служби до државните министерства и инспекторати.
Нека извини Шведска, нека извини Норвешка, а богами и Данска, ама ние гордите македонски граѓани секој ден, само што ќе излеземе од дома, додека стигнеме до работа не можеме да се изнауживаме во скандинавски уредените општини, менаџирани од скандинавски освестени градоначалници. Кога ќе се качиш во градски автобус, не знаеш дали си во Стокхолм или си во Скопје. Кога ќе седнеш на плажа во Охрид, не знаеш од водата дали ќе излезе некоја стара машина за перење како статуата на Малата Сирена во Копенхаген. Со волонтери го чистиме од ѓубре Аквадуктот во Скопје од шести век, што е многу постар заштитен споменик од многу споменици во Норвешка. А персоналот на Шведската амбасада во Скопје, откако е отворена скоро 30 години, го чисти ѓубрето сегде кај што треба, без разлика дали на власт е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Неселективно, најскандинавски.
Сите споменици на културата и национални паркови се реставрираат и се заштитуваат со странски донации. Што е прилично скандинавско менаџирање на институциите.
Најскандинавски е, кога граѓанин ќе се јави во Општина или инспекција да пријави неправилност, да му одговорат дека тоа не е во нивна надлежност. Најскандинавски е и кога во полиција ќе пријавиш семејно насилство да ти одговорат: Аман бе, пак ти? Ајде, ќе се смирите.
Во Скандинавија граѓаните се охрабруваат да бидат одговорни. Ова, нашево, македонско скандинавство те обесхрабрува да бидеш одговорен граѓанин, да пријавуваш неправилности и да бараш од институциите што ги плаќаш да си ја вршат работата. Правдата е на твоја страна, ама институциите не се.
2 И пак ќе ги споменам 62-те жртви од Кочани, како потсетник колку била ефикасна државата од локално до централно ниво. Освен засилените инспекции по кафеаните ништо не е сменето. И натаму никнуваат дивоградби, и натаму се пренаменуваат деловни простори без градежни дозволи. И дискотеката „Пулс“ била пренаменет магацин за теписи.
И натаму локалните службеници дигаат раменици и одговараат „што да правиме, безобразни се“, и натаму на пријавите во полиција за силна музика, непрописно паркирање, блокирани приоди се добива одговор „аман, пак ли ти?“, и натаму бесконечно се чека да завршат тендерите за фирма што би ги уривала нелегалните објекти. Инспекторите и да излезат, џабе излегле на терен, па се чека рокот за жалба, па после ќе нема буџет за уривање, па вечно ќе траат постапките на Управен суд, па ќе се вселат станари во згради без технички прием и без имотни листови, без хидрантска мрежа, без пристап за Брза помош и Пожарна… Во нив ќе проработат кафеани, хотелчиња и клубови…
Ќе се случи, не дај боже, некое ново Кочани. И после, пак ќе биде виновен фоторепортерот што ја овековечил трагедијата на таткото кој плаче држејќи ја сликата на загинатиот син, а власта ќе ги обвини медиумите што ја објавиле фотографијата дека ги злоупотребуваат солзите на родителите.
Ми е страв дека тие слики ќе бидат единственото што ќе остане како паметник за жртвите на корумпираните власти. Ако може да го заборавиме Кочани и на партиски митинзи да слушаме колку ни е убаво.
3 Во нашиве здодевни скандинавски животи си се вртиме како во магичен круг. Секоја сезона истите теми. Дојде пролет, не е искосена тревата. Ќе дојде лето, ќе почнат пожарите. Ќе дојде есен, ќе почне загадувањето. Ќе дојде зима, ќе нѐ затрупа снегот и ќе нѐ заглави маглата.
Омилен спорт на македонските скандинавци е – чекањето. Еве сега чекаме што ќе се случи со Арбен Таравари. Дали следната средба на Мицкоски со коалициониот партнер ќе биде конструктувна како минатонеделната? И дали ќе се договорат за нова, уште поконструктивна средба?
На што ли би ни личел овој скандинавски живот да ја нема оваа драматургија на постојано исчекување.
4 На отварањето на македонскиот павилјон на Светската изложба Експо 2025 во Осака, Јапонија настапил ансамблот „Танец“. Ама кога видов на сликите кој сѐ отишол таму, па уште и кога го чув премиерот дека трошоците биле сведени на минимум, си велам, па кога веќе толку штеделе, не морале да го носат и „Танец“.
Така, клетите медиуми и завидливите новинари немаше да мора да прашуваат колку чинело претставувањето во Осака, кому платила македонската, кого го честела јапонската Влада, чија сопруга сама си ја платила картата, што барале во делегацијата, покрај тројца министри, за култура, за надворешни работи и за европски прашања, уште и генерален секретар на Влада, советник за надворешна политика на премиерот, шеф на Кабинетот на премиерот, портпаролката на Владата… За нив разбравме, за други уште не сме разбрале дека биле таму.
Колку беше бројна македонската делегација, можеле тие да играат оро во Јапонија наместо „Танец“. Ионака, била како цел ансамбл. Тие се национално богатство повредно од „Танец“. А и подобро ја презентираат земјата.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST