1 Си мислев дека оние што седат на гајба пред кооперација, пијат пиво и раскажуваат како ќе пропадне Европската унија си трескаат глупости за да им биде забавно. Ама не било така. Излезе дека тие биле многу добро информирани. Штом и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека „во следните 10 до 15 години големи европски земји, десетици, ќе банкротираат“, тогаш значи навистина вреди да чекаме да пропадне Европската унија.
Министерката за финансии овие сознанија ги сподели со јавноста откако се врати од Вашингтон каде што нашата влада добила пофалби од Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во врска со консолидацијата на буџетот. Вели дека нашите луѓе, иселениците се враќаат, оти гледаат дека на Запад не ја бива ситуацијата. А нас ептен нѐ бива.
Ако чекаме да банкротираат десетици големи европски земји, зошто тогаш Владата на Мицкоски во која седи министерката за финансии се фали со странски инвестиции? Дали и компаниите што имаат инвестирано во Македонија се од земјите што ќе чекаме да пропаднат? Нели е малку глупаво да им се радуваме на инвестициите, а знаеме дека ќе пропаднат.
Премиерот вели: „Тешко се живее и во Германија, еве сега се враќам од Австрија, тешко се живее и во Австрија, таму пак, литар бензин и дизел се над 2 евра“. Што ќе значи банкротот на големите европски земји за иселениците што се враќаат толку масовно, што не може да останат незабележани, па дури и премиерот Мицкоски таму некаде околу Божиќ ги имаше сретнато во авион од Франкфурт накај Скопје? Доаѓаат да ги преземат фабриките на газдите каде што таму работат. Кога ќе почнат да им банкротираат економиите, ќе им ги земеме фабриките на европските компании за мали пари. Дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ создава независен автономен систем што може да опстане и при пропаднати економии на десетици големи европски земји.
Малку ќе ни бидат и овие 60.000 нови, а непродадени и неоданочени станови во Скопје што стојат празни. Кога ќе почнат граѓаните на Европската унија, газ преку глава, панично да бегаат и да бараат спас од сиромаштијата, ете станови каде што ќе се населат бундес печалбарите. Фабриките ќе ни се наполнат со квалификувана работна сила од Германија, Холандија, Франција, Шведска… А становите ќе добијат пристојни станари научени на ред по ЕУ стандарди. Што убаво, Швеѓани и Данци за кираџии. Се надевам дека нема брзо да им ги смениме скандинавските навики за колективно домување.
Океј е. Нека мисли Владата дека ѝ веруваме. Океј е. Нека прават пропаганда. Ама и пропагандата треба да има барем некаква смисла.
2 Е затоа сега земјите на Европската унија нѐ малтретираат по границите, третирајќи нѐ како граѓани од пониска раса. Љубоморни ни се. Дека сме подобри од нив. Од чиста злоба и завист нѐ држат со саати по граничните премини.
Настрана пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, ама ова ново ограничување што ни го воведе ЕУ не ни помага баш за зацврстување на проевропската ориентација. Новиот Шенген систем е смислен за дигитална регистрација на влез и излез на патници од „трети земји“. Не сакам да бидам претенциозен, ама ние од Балканот, што делиме заеднички копнени граници со ЕУ, па ни Велика Британија што речиси до вчера беше дел од Унијата не сме „трети земји“. Ниту сме далеку преку океани и мориња на други континенти, ниту сме им непријатели како Русија, ниту сме им закана како Кина, ниту сме толку сиромашни па баш сите сме запнале да им се преселиме таму. Има Американци кои можеби еднаш во животот ќе дојдат во Рим, Париз и Атина на свадбено патување. Ама ние сме на неколку километри од границите со ЕУ, живееме заедно со комшиите, изврзани сме и пријателски и со бизниси, па некои и фамилијарно и секој ден си правиме „оди ми, дојди ми“. Ние со Грците, Србите со Унгарците и Романците, Босанците и Црногорците со Хрватите, Албанците со Грците, Италијанците…
Нели Европа не е цела без Западниот Балкан? Или тоа е само за пред камери, кога го кажуваат Урсула фон дер Лајен и Марта Кос? Дали на ЕУ навистина ѝ е во интерес да ја обедини цела Европа, или не е лошо да останат „слободни“ зони подложни на влијанија надвор од ЕУ. Да не заборавиме, правиме муабет за мали земји со по неколку милиони жители. Сите шест држави заедно, сосе нашите сограѓани што веќе се иселени низ ЕУ, сме околу 16 милиони. Тоа е нешто повеќе од поширокиот регион на Париз со речиси 13 милиони жители. Географскиот простор за кој ЕУ уште од 2003, од усвојувањето на Солунската агенда за Западен Балкан на Самитот на Халкидики, преговара, одлага и измислува нови услови, демографски е споредлив со една голема европска метропола.
Нели Ангела Меркел во 2014 го смисли Берлинскиот процес баш за постепено да ја затвори и оваа црна дупка на европскиот континент? Нели поттикнуваат регионална соработка, размена на луѓе, идеи, млади, бизнисмени, студенти, научници, уметници…? Едно чудо пари даваат за тоа. Едно чудо заеднички стопански комори направија, се сликаат премиери, министри за надворешни работи, амбасадори. Те бизнис форум со Германија, те со Австрија, те со Шведска, те енергетски форум со Грција… Има ли логика да учествуваш на некој форум во Трст два дена, ако ти викаат дојди да те измалтретираме шест часа порано на аеродром?
Во 2009 ни ги укинаа визите. Ама сега ни воведоа ново понижување. Тотално нечовечки пристап кон комшиите предизвикан од бриселска бирократија која нема контакт со реалноста. Најверојатно креирана од комфорот на бизнис салоните по европските аеродроми и од глупоштината што некој паметно ја именувал: „работа од дома“.
3 Тоа што Грција одлучи да ги изземе државјаните на Велика Британија од системот „влез-излез“ најверојатно е поради тоа што Британците таму прават 20 отсто од целиот туристички приход. А и не ги користат копнените гранични премини, туку им долетуваат со авиони. Ама секако е и затоа што имало и кој тоа да го одработи. Не е само до парите.
И нашите граѓани трошат пари во Грција. И имоти купија, бизниси отворија. Ама која дипломатија да го одработи тоа за нас? Која дипломатија ќе им посочи на официјалните лица во ЕУ државите дека тоа што понижуваат и малтретираат граѓани на држава кандидатка за ЕУ дополнително го урива кредибилитетот на ЕУ ионака разнишан со толерирањето на бугарското вето за нашата ЕУ перспектива?
Па ние повеќе од една година немаме амбасадор во Атина. Оти со Грција ич немаме нерешени прашања и ептен ни цветаат односите.
Кој да дигне рака во Атина пред да тргне летниот егзодус преку Богородица? Зарем тие би се секирале повеќе од нашата Влада за малтретирањето на нашите граѓани на нивните премини?
А можеби на министерката за финансии некој од Светска банка ѝ шепнал дека и Грција е меѓу европските земји што ќе пропаднат. Па бадијала да не си ги трошиме квалитетните кадри.
4 Еден од тие квалитети од кои државата никако не смее да се откаже е и вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи од ВРЕДИ кој повеќе од еден месец не доаѓа на работа.
Премиерот Мицкоски за него рече дека го известил дека не се гледа во Владата ама, „имајќи го предвид неговото образование, искуство во рамките на институциите во Брисел, јас мислам дека би била тоа добра можност тој да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент, на бриселската администрација“.
Значи, како вработен, ако три дена не дојдеш на работа, добиваш отказ. Ама ако си вицепремиер од коалиционен партнер, поставен на измислена функција колку да се запази процентот по национална линија, кога не доаѓаш на работа стануваш специјален пратеник.
Тоа ти се вика вистински добро владеење на Влада која има дури и министерство и вицепремиер за добро владеење. Уште една четворка и „многу добро“. Па уште и во Брисел со „специјален пратеник“, ете уште една петка и владеењето ќе биде „одлично“. Оти Арбен Фетаи таму ептен ќе има работа за да оди на работа.



