1 Никола Груевски мора да раскажуваше вицови во 4 сабајле, кога за нападот на Собранието ги повика „институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците и да бидат изнесени на суд“.
Кои институции? Полицијата на Чавков и Обвинителството на Зврлевски? Полицијата што со водените топови на Ердоган го бранеше белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ од боење, а ги пушти во Собранието да командуваат насилници маскирани со фантомки и да линчуваат пратеници избрани од народот? Полицијата што ги бркаше студентите по библиотеки за да ги претепа и да му ги предаде на обвинителот Зврлевски? Ене ги децата, уште по судови ги влечкаат.
Во десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ има два славни датуми. 24 декември, 2012 година. И 27 април, 2017 година. На 24 декември, полицијата на клоци ги избрка од Собранието пратениците што се политички противници на ВМРО-ДПМНЕ и новинарите за да не ги гледаат грдите слики. На 27 април, полицијата им ја отвори вратата на насилниците да им ги раскрвават главите на политичките противници на ВМРО-ДПМНЕ, а ако успеат и да ги убијат.
Толку од Собранието како највисока државна институција. Затоа што, за полицијата тоа не институција вредна за бранење. Се брани само белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ. Оти за полицијата само ВМРО-ДПМНЕ е институција. И додека униформираната полиција е под команда на ВМРО-ДПМНЕ, пораката е застрашувачка. Сè додека МВРО е ВМРО, штом може насилниците да им влезат на пратениците и да ги линчуваат во Собрание, чекајте ги утре да ви влезат дома.
2 Никола Груевски во рани зори ни раскажува приказни дека не знаел што се случува, оти бил во Виена. И го осудува насилството во Собранието.
Па кој даваше интервјуа во кои ги повикуваше своите приврзаници да не седат дома во влечки и да излезат на улица? Кој се закануваше дека „не може да го контролира гневот на народот“?. Кој ги плашеше луѓето со пуч, а тој пучот во полицијата одамна го имаше изведено? Фантомките на насилниците што се поздравуваа со полицајците на влез во Собранието кој им ги купи? Сорос да не им ги плати?
А тоа што на пратениците им посака брзо заздравување ептен личи на моралот на Груевски. Го чувме во прислушуваните разговори како им се сити на политичките неистомисленици, како се обидува да скрие убиство, каква смисла за хумор има, како ликува над немоќните… Слушнавме колку е сожалив и колку им сака добро на другите. Два-три шамара, ама од оние појаките.
Знаете кога ќе заврши оваа истрага? Со ВМРО-ДПМНЕ на власт истрагата за обидот за убиство во Собранието ќе заврши кога ќе заврши истрагата за тепањето пред Општина Центар. И кога ќе се дознае вистината за Диво насеље.
3 Меѓу тие што имале сожалување, па дури и им помагале на претепаните колеги и ги бранеле од насилниците во Собранието, биле пратениците Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров. Прво го дупнаа цревото, па после помагаа да не тече водата за да не се поплавиме.
Дали им проработело чувството за солидарност, или во тие моменти си се виделе на некоја црна листа – само тие си знаат. Особено што Груевски не беше со нив. Како вистински лидер и овојпат во клучен момент не беше во Собранието. Од безбедно, во влечки нарачува шамари. Па после од авион осудува насилство.
А богами, и другар му Али Ахмети си ги остави своите. Прв пат во историја се избра претседател на Собрание Албанец, и тоа од неговата партија, а него го немаше. Па дури и неговиот прв човек Артан Груби на прашањето од новинарката дали имаат стратегија со оглед на тековните настани во Собранието, изјави: „Море, каква стратегија. Ние гледаме како да спасиме жива глава!“
Им ги скршија главите на пратениците од новото парламантарно мнозинство. Ама, скршените глави го скршија стравот од „гневот на народот што Груевски не може да го контролира“. Видовме дека не бил гневот на народот – тоа страшното. Страшното е – полицијата што Груевски ја контролира и манипулира. Полиција која не го брани државниот интерес. Дури не го брани ни партискиот интерес. Го брани неговиот личен интерес. Да не оди во затвор. И Груевски уште го контролира пендрекот.
4 А тоа што Ѓорге Иванов нема да се сретне со Американецот Хојт Ји на 1 мај е сосема неважен детаљ. Нека си оди спокојно на првомајски пикник, на патриотска скара, оти веќе никој и не сака да се сретне со него. Тие што бараат средби доаѓаат да ја решат криза. А самиот Ѓоле е генератор на кризата.
Да закажуваш лидерска средба, а двајца од лидерите ги гледавме на телевизиите со искрвавени и скршени глави, е безобразно изживување врз жртвите на неговите одлуки.
Иако, ако Иванов се информирал од јавниот сервис МТВ можеби не ни знаел што се случило. Оти, сè додека во 21.45 часот среде филм не се појави кајрон дека претседателот во 22.00 часот ќе се обрати на јавноста, гледачите на МТВ си живееја во паралелната реалност на ВМРО-ДПМНЕ. Во која што, баш во моментите додека силеџиите на ВМРО-ДПМНЕ ги линчуваа пратениците на СДСМ и Зијадин Села, одеше филмот „Атентатот на Никсон“ со Шон Пен. Стварно знаат филм да изберат.
5 Кога Трајко Вељаноски викаше: „Мислите дека до оваа фотеља лесно се доаѓа“, кој можеше да претпостави дека фотељата на Трајко ќе биде натопена со крв?
Таа опсесија од Ќосето, кому му дигнаа споменик пред судот, се покажа со овој напад на Собранието. Не само што веејќи го македонското знаме линчуваа пратеници, туку и на амбулантните возила не им дозволуваа да пристапат до повредените.
Каква е таа омраза? Колку успешно Груевски ја посади и посветено ја негуваше 11 години. И сè уште ја негува.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST