1 Дај пратениците нека ги изгласаат уставните измени и нека кршат глава. Додека Грција не го ратификува нашето членство во НАТО нека исклучат и телевизија и Интернет, да не ги гледаме што прават. И Владата, како што прогласи неработен ден на 2 јануари, нека донесе уште еден декрет – сите да нѐ амнестира од одговорноста да бидеме нормални граѓани. Да си земеме продолжен одмор заедно со јавната администрација.
Само, не знам дали е баш паметно да не ги гледаме што прават. Оти, ако не дај боже Грција пак стави вето, да не се шокираме многу повеќе од бељата што во меѓувреме ја направила власта, отколку од евентуална нова грчка блокада.
2 Цената што беше побарана од нас за да влеземе во НАТО беше да го смениме името на државата. Не беше да ја изгубиме државата. Во име на некое идно владеење на правото го урнисаа и ова малку право што го имавме. Тоа ти е како да се договориме да фрлиме уште еден кат на куќата, ама да го урнеме приземјето.
И ај кога веќе ја проголтавме кнедлата дека требаше да бидат амнестирани пратениците што ги отвараа вратите при нападот на Собранието на 27 април 2017 за да гласаат за уставните измени – да разбереш зошто – за НАТО. Ај и за другиве пратеници на кои во Кривичниот законик им исцртаа фото-робот за да не одговараат за злоупотреби во јавни набавки – ќе речеш, ќе замижиме пред неправдата во име на повисоки цели. И на тоа ќе се надоврзат и барањата на СЈО притворите на шестмина осомничени во случајот со перење пари „Империја“ да им се заменат со поблагата мерка куќен притвор. Да ги поминат празниците скромно, во кругот на семејството.
Како мускетарите се. Еден за сите, сите за еден. Сложно краделе, сложно во затвор отидоа, сега сложно и од слобода нека се бранат. Еден за сите, сите ние за никаде, а тие за Белизе.
Тоа што Мијалков има шанси да го пуштат од Шутка во куќен притвор има логика. Нели некоја пратеничка му била снаа од втор братучед. Додуша тој не знае колку втори братучеди има, како што ѝ призна на судијката Лаличиќ додека сам се прислушувал, ама братучед си е братучед. И пуштањето на Орце Камчев има логика и е поврзано со гласањето за уставни измени. Не само затоа што Камчев самиот кажа дека тој би гласал за Договорот за Преспа, туку и затоа што Бугарија го именуваше за почесен конзул во Македонија. А Бугарија е членка ем на НАТО, ем на ЕУ, плус од неодамна и многу близок стратешки партнер. Не бива еден проблем да затвориме, а друг да си отвориме. Туку, што има врска со гласањето во Собранието и влезот на Македонија во НАТО Цветан Панделески, газдата на „Пелистерка? Освен што и тој е стратешки партнер. На бизнисите на Орце.
Глобален е трендот на помирување. Од вратата на Крсто Мукоски до меурчињата на пелистерката на Панделески.
3 Сепак, влева оптимизам дека полицијата засилено ќе ги обезбедува домовите на Камчев, Мијалков и Панделески и повремено ќе ги посетува. За да не избегаат. Видовме како шесторица полицајци го дочуваа Груевски да не избега. Ако случајно Мијалков не го најдат дома, каде ли ќе го бараат? Во подземната гаража на „Мериот“? Или во новогодишните куќарки на Петре Шилегов на плоштадот Македонија.
А и да им избегаат, голема работа. Нема ни да ни биде важно какво оправдание ќе смисли власта зошто не ги дочувала. Оливер Спасовски секако не е крив, оти направил сѐ што може. Така вика Заев. А и истрага сигурно ќе има.
4 Премиерот Зоран Заев на почетокот на процесот на помирувањето рече: „Да најдеме начин да се помириме, ама да не ја урнисаме правната држава“. Е па го најдоа начинот. И многу ќе згрешат ако не го патентираат.
Помеѓу гласањата за амнестијата и за промените на Кривичниот законик, пратениците пробаа да си изгласаат и привилегии за никогаш да не останат без државна плата. И набрзинка изгласаа закон во јавните претпријатија задолжително да има и заменик-директор. Што подразбира секретарка, кола, службена картичка, патувања, дневници… Заев и за тоа најде оправдување. Рече дека од тоа не треба да се прави драма, оти тоа било за ефикасно работење на претпријатијата. Веројатно ефикасно како оној економскиот директор на Гинекологија од ДУИ. Кого го пукаат на секоја функција каде што ќе го постави партијата.
5 Додуша, малку ќе почекаме за ефикасноста. Оти, Владата го прогласи 2 јануари за неработен ден за јавната администрација. Среде недела. Во среда е. И препорача да не работат и приватните фирми. Зошто? За административците да немаат грижа на совест оти ни ги трошат парите за дневница додека дома дојадуваат сарми и руска салата? И оти веќе од први јануари ќе плаќаме повисоки даноци за нивните плати? Зошто? За да ни советуваат децата во градинка на 2 јануари да ги носиме само ако ЕПТЕН нема кој да ги чува. Што е тоа – ЕПТЕН нема кој да ги чува? Тоа е владин совет од истиот ранг како „ ако е загаден воздухот не излегувајте надвор, освен ако ЕПТЕН не морате“.
Втори јануари ќе го одработеле некој друг ден. Може на втори мај. И Груевски прогласуваше неработни денови надвор од законот. Како цар. Со тоа што Груевски беше лошиот цар. Во неработните денови ги тераше административците да садат дрва. А Заев е добриот цар. Тој ги помирува нив со нас. А нас нѐ помирува со судбината.
Само, се плашам да не испадне на крајот „царот е гол“. Оти, гледам дека веќе и најтолерантните попуштија со нервите. Од сѐ што ветија кога дојдоа на власт, само Законот за забрана на пушењето го олабавија. И даноците ги покачија. За да тргне 2019 – Годината на економијата. Со покачени плати на вицепремиери и со заменици-директори во јавни претпријатија. Оти 2018 – Годината на правдата, ја испраќаме со легализација на неправдата.
6 И како капак на оваа Година на правдата се јави за последен пат и претседателот Ѓорге Иванов. Да попува во Собранието дека неговата аболиција во април 2016 била за помирување, а сегашнава амнестија била за уценување.
Одбивам да ја прифатам тезата на Иванов. Колку да и да сум лут и резигниран од амнестијата за 27 април, не можам да заборавам дека сите овие гомнарии почнаа токму со аболицијата на криминалните функционери и соработници што ја направи Иванов во 2016.
Ако сме при крај со нервите, не сме при крај со умот.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST