БЕГАЈ ТАМУ!

ЕУ Вистинска и ЕУ од Али експрес. Маседоан ди Норд, зеро пуа.

БЕГАЈ ТАМУ!

1 Не е баш пријатно да се слуша снимката на која спикерот Талат Џафери дрско и вулгарно им се обраќа на некои собраниски службеници. Онаа заповед „бегај, бегај таму!“ беше со команден тон како да се вратил во младоста кога бил старешина во ЈНА. И пцовката не му личи на функцијата, а и на возраста. Па затоа и не може да му се најде оправдување, колку и да имал причини толку жестоко да реагира.

Но, дури и во таа реченица збогатена со сочна пцовка има едно прецизно согледување на системскиот проблем со неефиксната администрација, кога Талат вели: „Сите вие што сте на плата и уште си ебавате мајка овде. Бегај! Бегај таму!“

На колкумина од нас ни дошло којзнае колку пати во животот да опцуеме кога ќе се сочиме со неспособноста на некоја партиска шуша на сите шалтери, било на општинско, било на државно ниво, каде што требало да ни завршат работа за платата што ја примаат? Колку пати сме се почувствувале немоќни кога некој со моќта на партијата, кај која се изгребал да го стави на тоа место, ќе ти каже: „почекајте, ако дојде во 8.30“, или „уште има пауза“, „тркна до пазар да купи нешто, сега ќе се врати“, „де бре, една цигара не може човек на раат да испуши“, и како капак на сѐ, „е па сега што да ти правам, тоа тие е“,…  А ти, немаш сила да им се наакаш: „Бегај! Бегај таму!“, па уште и понизно им молчиш, оти знаеш дека утре пак ќе те зафркава и никој ништо не им може.

2 Пред две години, таман кога фати ковидот, снема обрасци за пасоши. Некоја државна служба не ги имаше нарачано навреме. Минатата година снема регистарски таблички. Се менуваше производителот, некоја државна служба го задоцнила тендерот. Годинава снема сообраќајни книшки.

Во МВР велат дека има книшки. Ама дека не ги требувале. Пак некоја државна служба не требувала. А кој е виновен за тоа? Никој. И лани тврдеа дека има регистарски таблички. И факт е – имаше за тие на кои не им требаа. Ако не ти требаат не ги ни бараш. Ама, мистеријата е како ги снемува баш тогаш кога ти требаат – и пасошите и табличките и книшките.

Ај за регистерски таблички, ќе си речеш не можат да предвидат колку нови или нови коли на старо ќе се  купат во ковид криза. Ама лани снема и свидетелства. Не знаеја ли колку деца се запишани во школо? Годинава има уште нецел месец до крај на школската година, кај и да е, ќе дознаеме дали изброиле.

И што научивме после секоја од овие кризи предизвикана од небрежност на државни службеници? Ништо. Секоја година иста наука. Никој ништо не им може.

3 На прес-конференција во Тирана имало двајца функционери – министерка од Албанија и министерот за економија Крешник Бектеши од Македонија. И албанска новинарка имала прашање за гостинот од Македонија па се најавила: „Имам прашање до македонскиот министер…“. Од што ли се исплаши Бектеши толку да мора да објаснува: „Извинете, јас сум министер на Северна Македонија, не сум Македонец…“. Да речеш, се изгубил во преводот па се збунил со придавките, не е точно, оти прашањето беше поставено на албански јазик. Толку ли е пречувствителен на зборот „македонски“, па немој случајно во Албанија да помислат дека Бектеши е Македонец?

Министерот за економија во Албанија беше како претставник на државата, или како претставник на етносот? Новинарката не го праша да одговори како Албанец, туку како македонски министер. Да не си даде оставка од македонската влада среде Тирана? Оти албански министер секако не е.  Впрочем, и платата ја прима во македонски денари како македонски министер, не како Албанец во Владата.

Како ли не почна да ѝ објаснува на новинарката и колку проценти се Албанците во Македонија. А за да нема никакви дилеми за неговата национална припадност, ако воопшто во Албанија некому му е гајле за тоа,  требаше да си скубне влакно, па да ѝ даде на албанската јавност материјал за ДНК анализа. Следниот пат кога ќе оди во странство да ја претставува Македонија, нека си носи стапчиња за брис за да може во секој момент на прес-конференција да дава материјал за анализа. Ептен спремен за новинарски прашања.

4 Францускиот претседател Емануел Макрон предложи да се формира паралелна Европска економска заедница. Тој рече дека „место да се спуштаат критериумите за членство, подобро е да се креира паралелна заедница која може да биде привлечна за земјите кои сакаат да ѝ се приклучат на ЕУ, но и за земји кои ја напуштиле“. Тој зборуваше за Украина, Молдавија и Грузија, ама тука сме и ние од Западниот Балкан, на чело со нас најупорните и посветени чекачи од Македонија.

Значи Макрон предлага да има две Европски Унии – ЕУ Вистинска и ЕУ од Али експрес.

А зошто воопшто 27 земји си го трошат времето во дебати за иднината на ЕУ за тие што сакаат да влезат во ЕУ? И зошто би дебатирале за земји кои ја напуштиле? Зарем на Велика Британија ѝ дошло до ЕУ од Али експрес, кога сами си ја напуштија ЕУ Вистинската. Зошто ЕУ-членките не го искористат моделот за избор на песна на Евровизија? Можат да го надградат во надворешна политика за проширување на ЕУ. Таму пет земји, основачи на Евровизија, без оглед колку лоша музика имале, одат директно во финале. А ние останатите, ќе си се глупираме по полуфиналиња, ќе мавтаме со знаменца, ќе викаме „тенкју Јуроп, ај лав ју ол“ и ќе се радуваме ако евентуално влеземе во финале.

Уште отсега се знае како ќе гласа Бугарија.

Албани, дуз пуа. Маседоан ди Норд, зеро пуа. Мерси.

5 Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави: „Се решивме на активна блокада затоа што државата се наоѓа во сериозна кризна состојба со четири активни кризи“.

И што прави ВМРО-ДПМНЕ како одговорна опозиција за државата да се справи со четирите активни кризи? Прави петта.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира