ДВА КИЛОМЕТРА

Ако не можеме да крадеме, ќе си одиме

ДВА КИЛОМЕТРА

1 Ах, љубов неверна. Каква страст беше тоа кога ВМРО-ДПМНЕ пред една година ја поддржа „најдобрата менаџерка“, да стане „мајка на главниот град“ на локалните избори. Што убав сеир се фаќа сега кога градоначалничката Данела Арсовска го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека „не може да излезе од тендер матрицата“. Па уште и дека не успеал да ги сменил договорите со Грција и Бугарија. А тој сиромашкиот ни раскажуваше приказни дека таа сама се кандидирала, ама тој ја препознал нејзината „успешна аура во јавноста“ и затоа решил да ја поддржи. Значи, не знае да направи проценка, па не треба да му се верува ни во иднина.

Ама не е за фаќање сеир работава. За загриженост е.

Прво затоа што „шпицен градоначалникот“ Христијан Мицкоски и неговата штитеничка Данела Арсовска не се скараа на идеолошка основа. Се скараа за 136 милиони евра за изградба на пречистителната станица во Скопје. Ова не е судир на десницата. Ова е судир за провизии. Којзнае што сé прават вмровците и Мицкоски во општините каде што градоначалниците им се оригинални, а не фејкувани независни кандидати со „успешни аури“.

Второ, затоа што Скопје и натаму ќе се распаѓа. Што направи Данела Арсовска за година дена освен што сопираше проекти, менуваше директори, тие што не ги менуваше си даваа оставки, се жалеше дека наследила долгови и ја обвинуваше Владата дека не ѝ дава пари. За една година требаше да видиме дека прави нешто, а не само да се жали. Го зграпчи градот и го запре. Што ќе правеше „најдобата менаџерка“ ако имаше наследено приватна фирма со долгови? Ќе се жалеше, ќе плачеше и ќе обвинуваше, или ќе работеше да ја оправи фирмата? Да беше Скопје приватна фирма, а Арсовска менаџерка, досега или ќе почнеше да ја оправа, или ако толку не ја бива ни фирмата, ни вработените, ќе ја ликвидираше.

И трето, затоа што на СДСМ уште не му текнува зошто ги изгуби локалните избори. Оваа драмолетка навистина е на барање на гледачите, ама уште не се свесни зошто барањето беше со убедлив број гласови. А со она нивното ликување: „Баравте, гледајте!“ не покажуваат и дека имаат намера да се освестат.

Така што, навистина е забавно да се следи овој егзодус на вмровски директори од претпријатијата на Градот Скопје и како меѓусебно се обвинуваат за крадење и неспособност. Ама, не е за сеир работава. За плашење е. Многу лошо за градот. Ова е измама на гласачите што им верувале и одмазда за оние што не им верувале. Ако не можеме да крадеме, ќе си одиме.

2 Рокот за изградба на првите 2 километра од вкупно 13 километри автопат Скопје – Блаце се одложи оти тешко оди експропријацијата и на теренот излегле други непредвидени ситуации, кажа директорот на „Државни патишта“ Ејуп Рустеми.

Кои се тие непредвидени ситуации? Израсна некоја планина на трасата од 2 километра? Некоја река да не се појави? Или се појавија несанкционирани нови дивоградби за да бидат обесштетени? Па, како и за пречистителната станица во Скопје и за овие 2 километра не можат да се договорат процентите. Да не е многу?

Бујар Османи, уште во јули 2019 кога беше вицепремиер за евроинтеграции, најави дека „не треба ни ден да се изгуби“ свечено промовирајќи го автопатот кон Косово како координатор на проектот. Во јануари 2020 година тогашниот директор на Државни патишта Зоран Китанов изјави: Првите километри од автопатот ќе можеме да ги возиме веќе следното лето 2021.

Бујар стана министер за надворешни работи и веќе не е координатор. Китанов мораше да биде сменет оти „Државни патишта“ им се паднаа на ДУИ. Тогашниот министер за транспорт Горан Сугарески си се врати во Прилеп.

А ние се жалиме за автопатот од Кичево до Охрид што почна да се гради во февруари 2014. Многу километри се тоа. 57. Долги се километрите во Македонија.

Којзнае каде се лопатите што за спомен ги чуваше Миле Јанакиески во кабинетот додека беше министер за транспорт во Владата на Никола Груевски. Сигурно веќе рачките им се скапани. Наместо да го држат во куќен притвор, требаше да му дадат на Миле општокорисна работа да копа со лопатите. До сега сам ќе ја пробиеше трасата од 2 километра. Ни Бујар како координатор немаше да му треба да го бодри.

Слушни нé. Зборуваме за два километра автопат во земјата чии градежни фирми правеа илјадници километри патишта и аеродроми низ Африка и на Блискиот исток. Тие фирми ги изградија скривниците на Садам Хусеин во Ирак што не можеа да ги пробијат бомбите на НАТО. Ама на патот кон Блаце им се испречија „непредвидени ситуации“.

На крајот на краиштата, ако директорот на „Државни патишта“ не е способен за три години барем да пробие 2 километра за автопат, тогаш нека си оди. Што ако е од ДУИ? Зошто прима плата?

3 На Талат Џафери не му се бендиса прашањето за референдумот што го иницираше ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот со Бугарија. Иако, тој не е таму за да го толкува Уставот, туку да го менаџира Собранието.

Вмровците глумат дека се навредени и изненадени. Наместо да му се заблагодарат на Талат што им го олесни животот. Ионака и самите знаеја дека тој референдум со збунувачки формулираното прашање и со обврската да излезат 900.000 гласачи, однапред им беше осуден на неуспех.

Сега Левица ќе измисли ново прашање. ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Ама и тоа прашање нема да му се бендиса на Талат.

Ми е криво само дека Талат Џафери им овозможи да си организираат продолжена забава за гласачкото тело. Дека само ние во светот немаме проблеми со скапата струја, можни рестрикции, криза за греење и закана од економски колапс, па Собранието нема попаметна работа за расправа отколку да ги слуша вмровските пратеници како се жалат.

Опозицијата се закани дека сега ќе ги залади односите со власта. Оти до сега ептен им беа затоплени. ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе прави активна блокада на Собранието. Оти до сега блокадата им беше пасивна. А Левица се закани дека ќе крши микрофони. Ќешки нека се сведе штетата што Левица може да ја направи за оваа држава само на – кршење микрофони.

4 Наместо 24 ,3 отсто колку што на последниот попис се запишале дека живеат во Македонија, според балансерот што го прифатила Владата ќе се вработуваат 29,5 проценти Албанци, колку што се пријавиле дека живеат и надвор од Македонија.

Владата малку лошо пресметала. И до сега, според Рамковниот договор во државните институции се вработуваа луѓе што живееја во странство, а тука примаа плата иако не одеа на работа. За да ја достигне квотата во државна администрација ќе треба да увезуваме Албанци од Косово и од Албанија, ако веќе не можеме да ги вратиме нашите од Швајцарија.

Сите ќе мрзнеме зимава, ама важно балансерот на министерот Адмирим Алити е стокмен иако неговата математика не е законска. Од Државниот завод за статистика предупредија дека при формирање на балансерот за вработувања единствена валидна категорија треба да е бројот на резидентно население.

Ама за Владата е поважно колку Албанци ќе се вработат на државно отколку дали ќе имаме струја.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира