ГОЛЕМО М

Да сме сега некои граѓани, па да ја затрупаме нашата „контакт точка“ – македонското Министерство за надворешни работи со барем еден милион поплаки за говор на омраза од Бугарија кон македонскиот јазик.

ГОЛЕМО М

1 На нас, „антиевропејците“, „хистерични“ и „самонаречени експерти“, што сме многу глупави и не можеме да ја сфатиме историската димензија на потпишаниот протокол со Бугарија во преговарачката рамка за пристапни преговори со ЕУ, власта ни ја дупна главата со „идентитетот – бетон, јазикот – бетон“, „чист македонски јазик“, „јазикот ни го признава цела Европа“, „македонскиот ќе грми во Европа“, македонскиот одекна во Брисел“… И – грмна јазикот. Со неписмено напишана еднострана изјава во записникот по состанокот во Брисел, наспроти едностраната изјава на Бугарија дека македонскиот јазик не постои.

„Чист македонски јазик“ – нелекториран.

Не зборуваме дали пишувајќи ја клучната политичка изјава Владата се консултирала со македонисти, слависти, историчари… Зборуваме за едноставно лекторско прочистување на текстот што го смислиле политичарите. Не верувам дека во Владата немаат лектори. Тоа е законска обврска. Иако, за волја на вистината, ни лектор не им требал туку некој писмен што завршил второ одделение, кога се учи дека Македонец се пишува со големо „М“, а македонски јазик со мало „м“ исто како и македонски народ. Сега ќе речат – де бре, на вас мрчаторите ништо не ви се погодува, па и големото „М“ ви смета, а ние тргнавме кон ЕУ. Е па ни пречи, затоа што политиката и на овој пример покажа презир кон стручност и експертиза. Исто како што Никола Груевски сиот презир кон експертите и стручните лица претворајќи се самиот во архитект и историчар го сведе на легендарното „Миле ми текна“.

ВМРО-вците од времето на Груевски викаа: Што ли ве учеле на тие комуњарските факултети? СДСМ-овците викаат: Ај баталете ги тие, ВМРО ги прими на работа. Во големото „М“ од едностраната изјава за македонскиот јазик на почетокот на пристапниот процес кон ЕУ се гледа суштината на сета партиска растуреност на државата  – ем неписмени, ем самобендисани, ем закон не почитуваат, ем стручните ги шиканираат.

2 Наближува 2 Август, ќе треба да се празнува двојниот Илинден – и востаничкиот од 1903 и антифашистичкиот од 1944.  Немој случајно јавниот сервис да емитува некои стари документарци за илинденските востаници, или уште пострашно, записи од Втората светска војна, на пример за депортирањето на Евреите во Треблинка. Теодора Генчовска уште отсега ќе си фати белешки за следниот меѓувладин состанок, па Бујар Османи ќе мора да го крие текстот и на третиот билатерален Протокол.

Да не ги нервираме Бугарите и да не ги вознемируваме Урсула фон дер Лајен, Оливер Вархеји и останатите бриселски бирократи. Доволно се вознемирени од војната во Украина. Па дента кога власта нé уверуваше дека триумфирала во Брисел, министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска изјави дека македонскиот јазик не постои. Цел свет е згрозен од војната што Путин ја започна со тврдењето дека Украина е измислена држава, дека Украинците се Руси, а украински јазик не постои оти е дијалект на рускиот. А кога Бугарија тоа истото ќе го каже за македонскиот народ и македонскиот јазик тоа станува официјален документ прифатен од Европската унија. А нашиве среќни, пресреќни, па уште и се гушкаат од радост.

3 Откако ќе го ажурираме Уставот со впишување и на Бугарите во Преамбулата, не би ме зачудило следното вето на официјална Софија да биде поврзано со барање да ја смениме и химната.  Што е тоа пеење за Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански… Па уште и „Македонците се борат за своите правдини“. Да не претеравме со борбата? И химната ќе ни ја бројат како говор на омраза.

4 Во вториот билатерален Протокол меѓу Македонија и Бугарија што на 17 јули го потпишаа министрите Османи и Генчовска во Софија има точка што се однесува на говорот на омраза. Државите ја потврдуваат обврската за преземање мерки против секој вид говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на таков говор, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.

Ден подоцна, на 18 јули Бугарија со посебна декларација во ЕУ потврди дека не го признава македонскиот јазик.

Да сме сега некои граѓани, па да ја затрупаме нашата „контакт точка“ – македонското Министерство за надворешни работи со барем еден милион поплаки за говор на омраза од Бугарија кон македонскиот јазик. Не на Фејсбук, туку во МНР. Седнале професори македонисти и петиција на Фејсбук креирале, па споделуваат, се потпишав, се потпишав па си ставаат лајкови. Голема работа. Па институција сте, доктори на науки сте, професори, име и презиме сте. Поднесете ја во Влада, во Собрание, во МНР… Институција со институција разговара, не со Фејсбук.

Сите ние што говориме на македонски јазик, што пишуваме на македонски јазик, што пееме на македонски јазик, што снимаме филмови на македонски јазик, играме во театар на македонски јазик, создаваме наука на македoнски јазик, сите ние да му пишеме на МНР дека сме соочени со говор на омраза од државни претставници на една земја – членка на ЕУ.

Европски документ е, ние европски постапуваме. Извини Бујар, ама така е според Протоколот.

5 Зошто нашиве елитни осуденици како Орце Камчев и Сашо Мијалков, кога веќе си избрале да си одат в затвор во Струга, одлучиле да се преселат во Охрид кога можеле да си земат лична карта баш од Струга? Да не мора да патуваат толку секој ден, скап е бензинот, а и струшките кафеани се поевтини од охридските.

И менувањето живеалиште пред одење во затвор и изборот на затвор каде што сакаш да си ја поминеш казната е според истиот принцип како што ги правеа криминалите за кои се осудени – „сé по закон шефе“. Кругот се затвори. Законски го пљачкаа буџетот, законски прислушуваа, законски ја киднапираа државата и на крај законски си избраа каде и во каков затвор ќе си ја служат казната. Законот е неумолив во Македонија.

6 Собраниската седница за преговарачката рамка нé потсети како беше кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт и ни покажа како ќе биде кога ќе се врати на власт. Кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ зборуваа на говорница сите ги слушаа. Кога пратениците на СДСМ зборуваа на говорница, не можеше да се слушнат оти вмровците правеа бучава со вувузели. Кога сега, додека се во опозиција, вмровците не даваат да се слушне различно мислење, и тоа во Собрание, како ли ќе биде кога ќе дојдат на власт?

Што, како ќе биде? Знаеме, сме виделе какво беше. Со сите оние клетви, навреди, закани и нескриена омраза што ја истурија од говорница кон политичките неистомисленици ќе биде исто како што беше – ќе судат Ќосето братоубиецот и партијата.

7 Пак ќе се гради пругата кон Бугарија. Владата потпиша договори со две фирми за изградба на првата и втората фаза од пругата.

Според архивата на „Сакам да кажам“, првите записи за пругата на Бугарија се појавуваат на 15 октомври 1994 година кога сум напишал дека „конечно ја пресековме лентата за изградба на пругата кон Бугарија“. И потоа, записите за пругата циклично се повторуваат на секои три-четири години, зависно од изборните циклуси.

Да имало потреба од пруга, за овие триесет години, пругата ќе се изградела. Белким не чекала и пругата официјална бугарска декларација во ЕУ дека не постои македонскиот јазик за да почне да се гради.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира