ЈАЈЦЕ И ЛОНДОН

Власта се менува. Ама за вакви историски пресврти како што е приемот во НАТО останува да се памети кој бил „за“ и кој бил „против“.

ЈАЈЦЕ И ЛОНДОН

1 Случајноста сакаше за време на прославата на 70-годишнината на НАТО да се најдам во Вашингтон. Баш дента кога македонското знаме се развеа пред Бакингемската палата во Лондон, најавувајќи ја наскоро 30-тата земја членка на НАТО, американски дипломати кои имав можност да ги сретнам се радуваа на нашиот успех. А јас пак, далеку од дома, со пристојна шестчасовна временска разлика одвај чекав да фатам интернет за да видам – што има ново.

Како, што има ново?  Како новинар, триесет години ја чекам веста дека Македонија е безбедна, дека сите прашања поврзани со нашето постоење се затворени, дека нема веќе грижи дали некој ти ја признавал државата, дали некој ти го признавал јазикот, дали ти го признавал името, дали ќе ти направат војна… Триесет години седиме фрустрирани и слушаме како „не е фер ова што ви го прави Грција“, дека „спорот е ирационален“, „вие заслужувате, вие сте во право…“, ама… Знаете? Тие се внатре, а вие сте надвор. Е сега и ние сме внатре. Не стоиме веќе во ходникот пред вратата чекајќи да ни кажат што одлучиле за нас. Отсега ќе одлучуваме заедно со нив.

Нам историјата пред очи ни се случува, а јас бркам мрежа на мобилниот да видам дали третообвинетиот Кичевскиот добил три години затвор оти признал дека си го рекетирал другарчето Орце Камчев, осомничен за тежок криминал. Да видам што има ново во „Рекет“ и што за тоа кажале Орце и Боки 13.

2 И пак се сепнувам. Како, што има ново? Па во НАТО влеговме. Тоа е круна на тоа за што сме се бореле. Тоа е веќе готова работа. Нема враќање назад. Дали ратификацијата ќе ја потпише ова Собрание, или следното, веќе е сосема неважно. Најважно е дека не сме сами. Имаме 29 сојузници кои ни го гарантираат постоењето. И тоа е сериозно психолошко растеретување.

Прв пат македонскиот народ создал сопствена држава борејќи се на страната на антифашистите во Втората  светска војна. Овој пат, македонскиот народ ѝ обезбедува безбедност на сопствената држава. Од  Јајце 1943, до Лондон 2019. Со таа разлика што македонската делегација не успеала да стигне на 29 ноември 1943 во Јајце. А во Лондон стигна предвреме. Тогаш Тито и уште пет други суверени републики ја гарантирале нашата безбедност. Сега ја гарантираат 29 Титовци.

3 И – што има ново? Како, што има? Па ВМРО-ДПМНЕ бара итна ратификација на протоколот за членство во НАТО. Откако го видоа македонското знаме како се вее помеѓу американското и британското пред Бакингемската палата и откако се уверија дека групната фотографија на триесетте државници со кралицата Елизабета не е „сечена, лепена и монтирана“, одеднаш се загрижија дека можеби ратификацијата за НАТО нема да помине во македонското Собрание.

Христијан Мицкоски пушти орелски нокти само за да не помине Преспанскиот договор. Какви кампањи водеше, колку предавници измислуваше, што ли не направи за да не успее референдумот за промена на името што гарантираше влез во НАТО. Тој ги тераше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да стојат до ѕид во Собранието кога се гласаше промената на Уставот што гарантираше влез во НАТО. Какви притисоци им правеше на неговите пратеници што гласаа, им испраќаше луѓе да им протестираат пред домовите оти гласале за НАТО. Сами си се нарекуваат „северџани“ иако и НАТО и цел свет го признава постоењето и на македонски народ и на македонски јазик. И уште ќе бараат предавници, уште ќе се закануваат и уште и на следните избори ќе ветуваат дека ќе го сменат Преспанскиот договор со кој успеавме да влеземе во НАТО.

Тие сега велат дека ќе одат таму каде што Заев не го примале. Ќе ја спасуваат Македонија. Што ќе спасуваат? Од кого ќе ја спасуваат? Влеговме во НАТО. Со скршената глава на Заев, со амнестираните вратари од 27 април 2017, со избеганиот осуден криминалец Груевски, со судиите од тефтерчињата, со бојкотот на референдумот, со специјалната обвинителка обвинета дека ги рекетирала тие што ги истражувала, се избеганите обвинети за нелегалното прислушување,  сосе егзибиционизмот на Боки 13, сосе рекордното загадување, сосе ѓубрето, сосе старите и новите контејнери, сосе партизираната и мрзелива администрација, сосе клиентелистите што чекаат милост од партијата за да ги вработи „на државно“, сосе дивоградбите и хаотичното градење, со калта пред куќата на Перса и низ цела држава, со Александар и мадињата на Букефал, со гипсаниот барок и неокласицизам и со галиите што чекаме да ги однесе Вардар…

Доцна е, дами и господа од кругот на Мицкоски и од чуварите на делото  на Груевски. Ние сме НАТО. Вас реалноста ве прегази.

4 Нормално е за опозицијата да биде против власта. Ај и да ги разбереш дека го мразат Заев, па ете дури и дека уште го штитат Груевски. Ама и покрај сѐ, Мицкоски и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ имаа должност да ја поддржат земјата на патот кон НАТО. Сите, и надвор и внатре, ги поттикнуваа да ја искористат шансата и тие да бидат заслужни за овој успех. А тие направија сѐ што можеа да ја закочат земјата на патот кон НАТО.  Без притоа да понудат друга алтернатива, освен врескање дека „сите се исти како нив“. И во таа хистерија не успеавме да се израдуваме на овој историски успех за сите нас.

Власта се менува. Пратениците се менуваат. Премиерите се менуваат. Ама за вакви историски пресврти како што е приемот во НАТО останува да се памети кој бил „за“ и кој бил „против“.

Извесно е дека државата ќе постои. А дали ќе биде тоа држава во која ќе сакаме да живееме или од која ќе сакаме да фаќаме џаде, ќе зависи од нас. И од тоа што очекуваме од тие што ги избираме на избори.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира