ЈОВО И ДОБРИЛА

Не можат странците толку пари да потрошат за нашите реформи, колку што судството и јавната администрација можат да дадат отпор за реформирање.

ЈОВО И ДОБРИЛА

1 Си седиме ние така во фирма и си правиме бизнис план. Си викаме, ај доста примавме способни на работа, дај да примиме неколку неспособни. Ќе им дадеме и поголема плата.

После две и пол години, ова ли е генијалната идеја што му текна на министерот Дамјан Манчевски за реформа на јавната администрација? Неспособните и мрзеливите да ги префрла во приватните компании. И тоа да го плаќаме сите ние од Буџетот. Две и пол години ги молеа 1.700 административци што земаат плата да почнат да доаѓаат на работа. И кога видоа дека молбите не помагаат, сега ќе им викаат: „А да ве префрлиме вас во приватна фирма за поголема плата?“ Две и пол години, не само што не намалуваат број на јавна администрација, туку и ја зголемуваат. И допрва ќе ја зголемуваат, оти в година имаме избори.

Ај, пробајте ова да го кажете пред огледало:

Ќе нудиме три главни пакети, прво поголема плата во приватен сектор и субвенции од државата во делот на придонесите за да бидат мотивирани фирмите и работниците, фирмата ќе плаќа помалку бруто плата затоа што државата ќе ги плаќа придонесите, државата ќе плаќа помалку бруто плата затоа што ќе има помалку административци.  Тоа е едниот концепт, вториот , тоа е она што го побараа стопанските комори, а тоа е државата да плати за нивни прекфалификации доколку немаат соодветни кфалификации кои што се бараат во приватниот сектор.

И? Како ви звучи? Не си се изнасмеавте в лице на кажаното?

Ние и до сега знаевме дека јавната администрација е привилегирана класа. Ама, отсега ќе биде ептен привилегирана. Ај што не смее никој да биде отпуштен од работа, туку уште и поголема плата ќе прима. До сега им ја плаќавме платата. Од сега ќе им плаќаме и преквалификација и зголемена плата. Што ти било – бизнис администрација. Па овие неспособните бре, ѓавол и пол ќе нѐ чинат.

2 Најпригодно ќе биде оваа реформа да почне да се спроведува прво во фирмите на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Министерот Дамјан Манчевски ќе им спреми договори за преземање работници со трите главни пакети. Сосе анекс на договорот дека работникот самостојно ќе одлучи дали ќе мора да доаѓа на работа, или ќе му се плаќаат придонеси за зголемената плата за да не доаѓа на работа.

Со најавената реформа, сега и приватните фирми наместо способни и вредни, ќе вработуваат неспособни и мрзеливи. А ние тоа ќе го плаќаме, како што сме ги хранеле и досега. Може не се добри за работа, ама биле добри за партијата. Така и добиле државна работа. Со единствената способност што ја цени партијата. Лепеле плакати, играле на комитски вечери, пишувале статуси на Фејсбук по команда, оделе по митинзи, чистеле споменици, правеле списоци, пуштале смс пораки…

Ме чуди само какво е ова уникатно чувство за бизнис што го покажуваат премиер и вицепремиер, кои самите доаѓаат од големи бизниси?

Кај што партиите досега ја имаа киднапирано државата, сега ќе ги киднапираат и приватните компании. Со реформскиот пакет на Владата ќе се уфрли партиски вирус што ќе го уништува организмот на фирмите.

Колку ли само грижа покажува Владата за мрзеливи и неспособни административци. Неколку министерства со години прават стратегија како да не ги отпуштат тие што примаат плата, а не работат ко што треба, или воопшто не доаѓаат на работа во јавната администрација. Замислете да се грижеа за вредните и способните, барем толку, колку што се грижат за мрзеливите и неспособните.

3 Толку за реформите на јавната администрација. Ај сега да се навратиме на реформите во правосудството. Демек, на владеењето на правото.

Една од главните забелешки за неефикасен правосуден систем е неразумното одолговлекување на судските процеси и застарувањето на случаите што доведува до неказнивост.

Арно ама, за Судскиот совет и брзото и ефикасно судење било проблем. Ја викнаа на сослушување судијката Добрила Кацарска. Единствената судијка која заврши два клучни процеса требаше да се правда дека судела брзо и ефикасно. Дека ги осудила поранешниот премиер Никола Груевски и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за набавката на луксузниот мерцедес во случајот на СЈО „Тенк“. И дека ги осуди напаѓачите во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 во процес со 33 обвинети.

Претставката против Кацарска во итна постапка ја процесуираше истиот Судски совет кој две и пол години ја одложуваше расправата за разрешување на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.

Смислата за ефикасно правосудство и владеење на правото на Судскиот совет е отприлика на иста линија како смислата на Владата за ефикасна јавна администрација.

Туку, среќа што Меркел запнала да нѐ внесе во ЕУ, па веројатно и Макрон го убедила, а Холанѓаните што дваесет години ги плаќаат обете реформи веќе ги прежалија парите. Па со тој себап, добивањето датум за почеток на  преговорите е извесен. Не можат странците толку пари да потрошат за нашите реформи, колку што судството и јавната администрација можат да дадат отпор за реформирање.

4 Најтажно во оваа приказна за датумот е што само ВМРО-ДПМНЕ не се израдува кога германскиот Бундестаг изгласа дека Северна Македонија треба да почне пристапни преговори за влез во ЕУ. Чуму ти е ЕУ, ако ВМРО-ДПМНЕ не е на власт.

Од друга страна пак, можам и да ги разберам. Немаат време за радост. Се отепаа од работа како да не одат в затвор.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира