ЛЕПЧЕ ЗА СИТЕ

Дали дивоградбата кај „Мавровка“ ќе се уриваше ако ДУИ не влезеше во власта? Па и за тоа ќе се заканеа со војна.

ЛЕПЧЕ ЗА СИТЕ

1 Ако три месеци главна вест е дека не може да се најде кој гради дивоградба кај „Мавровка“ во строгиот центар на Скопје, уште од мај кога некој го исече дрвото пред кафулето што потоа изгоре во пожар, тогаш сосема е нормално три дена да имаме директен пренос од уривањето на таа дивоградба. И тоа вооопшто не е за потсмев. Фактот што првиот работен ден новата влада го почна со уривање на дивоградба во центарот на главниот град, зборува дека „Мавровка“ не е обичен комунален проблем. Тоа е голем политички проблем со кој оваа влада на Зоран Заев допрва ќе се соочува.

Случајот „Мавровка“ не е само една од многуте дивоградби во државата за која секогаш се наоѓа некој што е ненадлежен да ја урне. Во овој случај се отсликува сѐ: од коруптивните спреги во локалната и централната власт, преку нефункционирањето на општините, нефункционирањето на инспекциите, зачмаеноста на обвинителството, силеџиството на ДУИ, партиските интереси, внатрепартиски препукувања, па сѐ до владеењето на правото по принципот „Сѐ по закон, шефе!“, а во суштина сѐ е незаконско. Оти, факт е дека Општина Чаир спроведе три тендери за уривање на кои никој не се јави. И факт е дека три месеци никој не можеше да најде кој гради. А сега, пак, никој не може да го најде градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.

До кое дереџе сме со владеење на правото, покажува дека мораше да се избере Влада за да почне да се спроведува законот. Што значи дека и „Мавровка“ била дел од политичкиот договор на Зоран Заев и Али Ахмети. Ај да испреговараме прво за владините функции, па после ќе работиме по закон. Прашањето е: Дали дивоградбата кај „Мавровка“ ќе се уриваше ако ДУИ не влезеше во власта? Или Чаир ќе распишеше референдум за останување на дивоградбата, како што градоначалникот на Сарај Блерим Беџети се закани со референдум, кога градот Скопје побара да се урнат дивите платформи на Матка? Па и за „Мавровка“ ќе се бараше воено решение.

Многу е фрустрирачки кога ќе сфатиш дека се одушевуваш на нешто што е нормално – почитување на закон. Затоа што, и во овој случај постои сомнеж дека и уривањето на дивоградбата не е затоа што се почитува законот, туку затоа што за тоа постои меѓупартиски договор.

Којзнае. Можеби па и ние сме премногу сомничави. Можеби сме се научиле да живееме без очекувања за нормален живот. Замислете, па можеби и Али Ахмети и Зоран Заев сфатиле дека тоа што решиле да ја урнат дивоградбата е нешто што народот сака да го види. Бара неселективна правда. И бара заштита од силеџиите.

Замислете, можеби и пајакот ќе почне да дига коли паркирани на улица во Чаир. И тоа нема да биде вест што ќе се врти три дена.

2 Премиерот Заев им напиша мандатни писма на министрите во кои им ги наредил задачите што треба да ги решат за време на мандатот. Тие ги примија писмата и засега муабетот заврши. Тоа беше една фина претстава со директен пренос, за која ќе разговараме кога ќе видиме дали министрите си ги завршиле обврските.

Ама па, и пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ му испрати мандатно писмо на Заев. И му даде 15 задачи. И му се закани дека ако Заев не ги исполни барањата на Јанушев, ќе морал да му го врати мандатот на народот. Не е мајтап. Вистина е. Оти, барањата на Јанушев од Заев се во име на народот. Изгледа тој уште мисли дека ВМРО-ДПМНЕ води со 7-8 пратеници, како што изјави вечерта на 15 јули по затварањето на избирачките места.

Од каде му е силата на Јанушев, како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ да поставува ултиматуми до премиерот? Што му е гајле на Заев за барањата на ВМРО-ДПМНЕ? Се знае кој може да има барања и кому барањата му се исполнуваат. Нека станат вмровците ДУИ, па нека доставуваат барања колку што сакаат.

3 Заев продолжува со кадровската политика „за лепче да има“ што ја практикуваше и во претходниот мандат како премиер. Сега смислил поранешните пратеници да не мизеруваат со плати од апанажа, да ги вработува во јавниот сектор.

„Голем процент од поранешниот пратенички состав ќе има понуда од мене лично како премиер да се вградат во јавните институции, не зборувам само за директорски места, туку и за позиции кои ќе значат искористување на нивното искуство и капацитет, да можат да влезат во институциите, да продолжат да креираат и да создаваат за својата држава, заради тоа што кога извршувале највисоки функции редно е тие луѓе кои имаат свои профили и експертизи да бидат во функција на државата“, изјави премиерот Заев.

Оф, мори мајко… Аман Заев,  не мора баш целосно да го искористиме „нивното искуство и капацитет“. И не мора да „продолжат да креираат и да создаваат за својата држава“. Ќе се снајдеме и без нивната креативност.

Ама ај, ако некој од нив ептен не може да се снајде „за лепче“, да видиме кого имаме на списокот и кој за каде е експерт.

Еве на пример, Илија Димовски би можел веднаш да го вработат во владината прес служба. Да  пишува соопштенија за успесите на Владата и да ги спружува на насловни тие на кои нема да им се допаѓаат потезите на Заев. Џеват Адеми што пукаше по свадби ќе го спастрат во МВР, како началник за издавање дозволи за оружје. Крсто Мукоски оди во Протокол. Влатко Ѓорчев во Министерството за труд и социјала – Центар за детски развој. Мира Дизел ќе биде распоредена во Државни патишта, отсек Патарини. Јохан Тарчуловски е вистински кадар за Кабинетот на вицепремиерот Артан Груби. Ќе најдат заеднички јазик, оти и Артан на почеток на кариерата имал искуство со Хашкиот трибунал. Зекирија Ибраими, што ја пееше албанската химна на 27 април 2017, ќе оди во Националната опера и балет. По систем на ротација, на местото на Игор Дурловски.  А Елизабета Канческа-Милевска, со непроценливото искуството во спроведување тендерски постапки за „Скопје 2014“, може да оди во Бирото за јавни набавки.

На Трајко Вељаноски, Талат Џафери ќе му обезбеди работа во неговиот Кабинет. Како што го обезбеди спасувајќи го од притвор, кога требаше да му се одземе имунитетот како еден од обвинетите за организирањето на нападот на Собранието на 27 април 2017.

Штета што Павле Богоевски си даде оставка и самиот веќе се снајде. Инаку, ќе можеа да го пикнат како инспектор во Ен-Те-Ше.

4 Истиот ден кога Македонски железници објави дека повторно вози возот од Скопје за Кочани,  оти во неверојатно брз рок од само 40 дена поправиле локомотивата, Словенија објави дека ги лансирала своите први сателити во вселената.

Лансирањето на сателитите доцнело поради лошото време. А возот што од Скопје до Велес вози 60 минути, задоцнил 40 минути при убаво време. Којзнае дали стигнал до Кочани, оти машиновозачите мораат да возат претпазливо бидејќи некој ги краде металните навртки на шините.

Таму некаде во 1970-те, најчесто кога за распуст одев кај баба ми и дедо ми во Битола патував со редовниот брз воз Љубљана – Битола, кој речиси секојпат на доаѓање во Скопје доцнеше триесетина минути. Па поради доцнењето на „љубљанскиот“ на станицата во Богомила чекавме да се разминеме со деловниот воз „Пелагонија експрес“ што не смееше да доцни и од Битола за Скопје возеше за помалку од три часа. Половина век подоцна, само Скопје – Велес се вози за повеќе од саат и пол. До Битола, или до Кочани, годишен одмор треба да си земеш.

Патувај Европо! Не нѐ чекај. Словенија одамна отпатува од нас. Тие сателити во вселената испраќаат.  Ние уште локомотивите на Тито ги поправаме.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари