ЛУКСУЗИРАЊЕ СО ТУШИРАЊЕ

Колкава ќе биде казната за примерните и чесните, за да се компензира наградата што државата им ја дава на безобразните и нечесните

ЛУКСУЗИРАЊЕ СО ТУШИРАЊЕ

1 Во акциониот план за односите со Бугарија, или анексот, или како и да се вика документот кој треба да го почитуваме за владата во Софија да го тргне ветото за почеток на преговорите со ЕУ, задолжително да се стави уште една точка. ВМРО-то на Каракачанов да го помине изборниот праг за да влезе во нивното Собрание. А после да се додаде уште еден анекс – Каракачанов пак да биде вицепремиер. Македонските медиуми имаат задача да ја спасуваат политичката кариера на Каракачанов. А нему ништо друго не му преостанува, освен да добие уште некој глас на бугарските националисти со антимакедонски изјави.

Башка, малку ни се домашните секирации што ќе правиме со пописот во април, па сега уште и на изборите во Бугарија во април ќе им го береме гајлето. Покрај тоа што главна вест е што прави Бучковски. Па Бучковски тргна, Бучковски ја помина границата, Бучковски стигна во Софија, Бучковски се врати… Како на времето, кога ги испраќавме пејачките и пејачите на Евровизија. Бучковски во Софија се гледал со интелектуалци. Којзнае, можеби и во Скопје се гледа со интелектуалци. Уште да отидеше кај дедо владика Стефан да го благослови. Оти нели, сега се некрстени денови, па да не направат демоните уште некоја пречка на патот кон ЕУ.

Ете, ѓаволска работа, во Вевчани на карневалот го запалија бугарското знаме. Самото по себе, палењето било чие знаме е глупоштија. И со тоа ништо не се добива. Ама, будали има насекаде. Ене ги, дури и во една Америка излегоа сосе рогови.

Тука, државата си реагираше по протокол. Министерството за надворешни работи го осуди инцидентот, обвинителството покрена истрага за повреда на угледот на странска држава. Па дури и претседателот на државата Стево Пендаровски го осуди палењето и рече дека „меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“. Што секако ќе допре и до ушите на Каракачанов, па се очекува да распали со нова серија изјави за „доверба,  разбирање и почитување“. Која, нормално, ќе биде пренесена и обработена до детали во речиси сите македонски медиуми.

Ама па, ако два-тројца поднапиени карневалџии запалиле знаме на друга држава, тоа не значи дека ние сме сите такви. Како вика Заев – ако некој бил фашист во Втората светска војна, не биле сите фашисти.

2 Како и да е, Бугарија со ветото им ја заврши валканата работа на евроскептиците. И на оние во земјите-членки на ЕУ. И на нашите дома. А богами, и на власта фино ќе ѝ се погоди. Кој да ти мисли сега на борба против корупција, ефикасна јавна администрација, транспарентно владеење, урбанистички планови, чист воздух и чисти води, кога приоритетно прашање е колку пати  Бучковски го поминал Деве Баир. Башка, ионака сѐ си е како што треба. Ако ги читаш изјавите на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, ќе си помислиш дека живееш во Шведска. А во исто време, неговиот колега Артан Груби организира приватна журка за партиски другарчиња во службени простории на Министерството за ништо.

Во меѓувреме, премиерот Заев најави дека колите со бугарски регистарски таблички ќе се регистрираат со 50 проценти намалени давачки. Има мајмуни што почитувале закон и плаќаат полна цена и има мангупи кои не почитуваат закон и ќе плаќаат половина цена. МВР објави дека цели камиони бетономешалки на фирми на луѓе од власта со години не биле регистрирани, а чесните граѓани крпат рати на банкарски картички да си ги регистрираат колите.

Со колкава казна за примерните граѓани ќе се компензира оваа награда за безобразните?

Изгради диво, ќе ти ја легализираат дивоградбата. Узурпирај тротоар за тераса на кафеана, ќе ти ја легализираат сосе греењето што си го ставил. Пушти даски за платформа во езеро, ќе ти ги легализираат кога ќе стане кафеана. Не плаќај данок на имот, ќе те замолат да им платиш на рати. Испери пари во некое Белизе, врати ги божем во инвестиција, ќе ти ги легализираат…

Целата битка со недисциплинираните се сведе на легализација на недисциплината. Кога оваа држава ќе им даде попуст на редовните плаќачи?

3 На 14 јануари, Социјалдемократската младина на Македонија објави дека: „Студентите од Студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски – Питу’ добиваат греење и топла вода, Управата ја обезбеди потребната количина на екстра лесно гориво. Продолжуваме со транспарентно водење на институциите, грижа за студентите и ефективно решавање на непредвидливите ситуации“.

Уаау! Какво достигнување, каква транспарентност, па и грижа за студентите и ефективно решавање на непредвидливи ситуации! Кој можел да предвиди дека во јануари на студентите ќе им треба греење? Ама затоа тука е Управата, која ефективно, за само 10 дена откако студентите се пожалија дека немаат греење, им обезбедила и топла вода за туширање. Ами како. Има да се луксузираат, дури и да се тушираат.

Како се пофалија младиве социјалдемократи, мислиш испратиле сонда на Марс. Или види чудо – донеле вакцини за ковид-19 во јануари. Ама не. Ова е достигнување кое едноставно е незамисливо. Управата на институцијата си ја завршила работата за која прима плата. Открила топла вода.

4 За нов претседател на Државната изборна комисија е избран Александар Даштевски, поранешен претседател на Комисијата за антидискриминација, чиј потпис на документ дека е дискриминиран му помогна на Никола Груевски да си го правда барањето азил во Унгарија.

Даштевски е избран со 95 гласа на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Толку гласа „за“ во Собранието немало за ништо друго, освен кога пратениците си ги изгласаа буџетските пари за партиите.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за Даштевски е „уште една потврда на сите наши тврдења дека кај нив сѐ уште главниот збор го имаат кадрите на Груевски, попрецизно и самиот Мицкоски е извршител на Груевски“.

Па тогаш, зошто го гласавте? За утре вас да ве гласаат? Тоа што во СДСМ имаат мислење за Даштевски не ги спречи да го гласаат. Оти така им чини. И ним им одговара партиите да го контролираат изборниот процес. Приказните за професионализација си ги чуваат за постови на Фејсбук, со фрази препишани од невладините организации и за тркалезни маси со амбасадорите на земјите од ЕУ.

Даштевски уште неседнат во новата канцеларија им се појави на интервју на Сител, што четири години пробува да го ресоцијализира. За да одговори на прашање дали ДИК е спремна за вонредни избори. Тој бил спремен. Откаде сега излезе муабетот за вонредни избори?

Ама, ако им е на СДСМ. Не им доаѓа памет. Следниот пат кога ќе ги тепаат во Собрание никој нема да ги жали. А и новинари нема да има за да известуваат. Не се будали и нив да ги тепаат, а тие утре да треба на суд да докажуваат дека биле на работа, како што сега судот не им верува дека известувале на 27 април 2017.

5 Судењето против пратеникот Антонијо Милошоски за случајот „Моќник“ беше одложено затоа што судот не можел да го најде другиот обвинет Вецко Здравевски, поранешен член на Комисијата за лустрација. Здравевски е сопруг на обвинителка во Скопското јавно обвинителство, ама Судот го барал на адреса во Кичево.

Каде ли е обвинетиот? Судот не може да најде маж на обвинителка. А судијката не може да нареди приведување за да се појави на судење. Во Скопје ли е, во Кичево ли е? А каде е сопругата? Можеби обвинетиот се скрил во нејзиниот кревет? Можеби мажот се исплашил и се скрил под креветот на обвинителката? А кога лустрираше судија по нарачка на Милошоски, по што судијата изгуби работа и умре, беше мажиште и не се криеше.

АУДИО ВЕРЗИЈА

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира