НЕКА ГОРИ

Уште е многу жива народната изрека: Многу арно не е на арно. Нели е тоа неарно?

НЕКА ГОРИ

1 Не можам да поверувам дека во 19-тата година од 21. век, централната и локалните власти нѐ убедуваат дека најголемо технолошко достигнување е да исчистиш една депонија. Горат нивите, горат шумите, горат националните паркови, горат трските во езерата и како капак на сѐ гори дива депонија речиси во центарот на Скопје среде три големи болници, спортска сала, луксузен хотел и густо населена населба. Градоначалниците на Скопје и на Општина Карпош Петре Шилегов и Стефан Богоев велат дека таа депонија постои 50 години, а тие немале ни механизација, ни пари да ја исчистат. А за што имаат пари? За тротинети и за општинска картичка за попуст. И за стотици советници и помлади и постари референти во тоа бараките, што чекаат да дојде четир и пол  да се отчукаат со картичките. Тоа е ново. Депонијата си била стара. Сега само се запали, па видовме и дека е опасна.

Особено што, командирот на Противпожарната бригада изјави дека ѓубрето било  намерно запалено во исто време на пет-шест места. А министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски другиот ден изјави дека „имаме сериозни идниции дека пожарите се подметнати од политички причини и ако тоа го потврдиме тогаш станува збор за сериозен тероризам што ѝ се прави на државата“.

Молам!? Што кажа министерот за внатрешни работи? Дека на државата ѝ се прави сериозен тероризам!? А полицијата што прави цел месец? Што не ги фати терористите? Не можат да ги фатат извршителите, а не пак нарачателите. Ако веќе пожарите се нарачани. Така, нели, кажа министерот. Само, не ми е јасно на која полиција се пожали. На таа што тој ја командува? И ако веќе има организирано палење на државата, тогаш зошто нема организирано спречување на палењето? Од општините до Владата, сосе сите дирекции за спасувања, за кризи, за катастрофи… Тие не можат да се договорат кој да ги гаси пожарите, а не пак да ги спречат.

2 Ама избори се. А во предизборен период ништо не се чепка. Нека гори земјата. Таква ѝ била среќата.

Проблем ли било државните институции да си најдат оправдување зошто нешто не сработиле? Или се ненадлежни. Или немаат пари. Или чекаат законот да помине на Влада. Или чекаат кворум во Собрание. Или чекаат да поминат изборите.

И така, за време на изборна кампања, наместо политичарите да се во функција на граѓаните, цела држава сосе сите институции е ставена во функција на политичарите. А граѓаните нека подзастанат со животот. Ама да продолжат да си ги плаќаат даноците, оти на партиите им требаат нивните пари. И нека чекаат да заврши политичката битка. До следните избори.

Не дај Боже да ти затреба државата баш кога има избори. А избори богами не ни фалат. Пола живот во избори ни помина.

3 И сега ни поминуваат златни пролетни денови во слушање како Гордана Силјановска-Давкова не само што не се извинува, туку и го правда злосторничкото десетгодишно владеење на партијата што ја кандидира за претседателка. А главниот противкандидат Стево Пендаровски глуми џентлмен и ја амнестира нејзината одговорност што прифатила да ја пере партијата на Никола Груевски. Па уште и ѝ влегува во квазинаучна правна расправа. Да дебатираат за „клаузула за непроменливост на името“, што таа ќе ја ставела во Уставот кога ќе имало „одговорен парламент и одговорен Уставен суд“. Што и да значи таа глупост. Наместо Пендаровски да наметне теми за дебата, тој реагира на темите што ги наметнува Силјановска.

А сите тројца кандидати, место да зборуваат за своите визии за државата што сакаат да ја водат, раскажуваат популистички приказни дека ќе се откажеле од стандардите за живот на шеф на државата и си прикажуваат каде ќе живееле. За врховен командант на армија на земја членка на НАТО се спремаат, а кажуваат гачки дека на претседателот не му требало обезбедување.

Па и Никола Груевски продаваше популизам дека живее во стан на мајка му. А за џабалак купуваше плацеви на Водно.

На билбордите на Силјановска пишува: „Татковината повикува!“ Кого повикува? Го повикува Груевски да се врати од Будимпешта? За да се се соочи со правото и правдата? Оти и „Правда за Македонија“ ѝ пишува на билбордите.

4 На сето зло и омраза со кои што нѐ отру ВМРО-ДПМНЕ,  јога не помага. Особено што и јогинката Силјановска продолжува со истиот јазик на Христијан Мицкоски, ама ѓоа на академско ниво.  И зошто ова не е тема за муабет во јавноста? Туку главна вест е дека Силјановска се збунила во Неготино па ги поздравила Кавадарчани? И во Кочани рекла Кичево. Верувам дека сега и намерно ќе ги греши градовите за да излезе дека се шегува на своја сметка. На вмровците што ѝ ја водат кампањата тоа веќе сигурно им текнало. И ќе продолжи да си ја тера партиската агенда на менаџерот од Будимпешта.

5 Кога сме веќе кај лапсусите и забавниот дел од кампањата, Силјановска му е сериозна конкуренција на Заев. За холокаустот премиерот рече дека е традиција наместо трагедија. А за Стево рече дека ќе биде сидро што ќе влече напред. А мислел на едро.

Заев како да брка норма за лапсуси што треба да ја оствари.

6 Колку пати Македонија се нашла на насловни страници во светскиот печат за добра вест? Оти за лошо последниве 28 години повеќе пати нѐ имало.

За прв пат во историјата, во официјална билатерална посета доаѓа  грчки премиер. И тоа со пола негова влада и 100 бизнисмени. Премиер на земја која до вчера беше прв непријател и нѐ кочеше од песна за Евровизија до влез во НАТО и ЕУ.

На домашните мрчатори непригоден им беше и самосликот на Заев и Ципрас, а фотографијата го обиколи цел свет. И тоа со наслови дека прават историја и дека се иднината на Европа. Мрчеа, немало химна. Гарда немало. Од стравот да не ни биде поарно, сега откако го решивме главниот проблем, ние не сакаме да ја гледаме големата слика што значи оваа посета и што може да донесе за иднината на земјата. Морало да се најде маана. Никако да се ослободиме од стравот дека некој сака да ни наштети.

Додуша, и на Ципрас не му е полесно. Кај нас го подбраа Заев што немало гарда и химна. А во Грција го нападнаа Ципрас зошто Солунскиот аеродром не го нарекол со името Македонија туку со старото име Микра.

Колку време треба да помине, за да се надмине македонската патологија цело време да имаш потреба да се плашиш од добро? И каков е тој живот да се плашиш да се израдуваш? Во секое добро да наоѓаш нешто лошо.

Па да. Така е во земја во која уште е многу жива народната изрека: Многу арно не е на арно.

Нели е тоа неарно?

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира