СПОР ЗА ДОГОВОР

„Ќе те спружам на насловна!“

СПОР ЗА ДОГОВОР

1 Многу е тешко да се прифати дека е постигнат договор со Грција. Некако потсвесно, кога ќе се спомене Грција ти доаѓа да изговориш „спорот за името“, „спорот за името“, „спорот за името“… Дваесет и седум години тоа ни беша мантра. Па, преговори, преговори, преговори…

И сега, конечно – договор. Колку време ќе ни треба да ја прифатиме фразата „договорот за името“?

Е па, договорот е потпишан. Помина во Собрание. Ратификуван е. И во Грција е стигната веста за ратификацијата.

Сега ние ќе чекаме Грција да го испрати писмото до Советот на ЕУ и НАТО и да потврди дека пречките за Македонија се отстранети. И ќе чекаме францускиот претседател Емануел Макрон да каже дека Македонија може да добие датум за преговори со ЕУ. Оти нашиот претседател Ѓорге Иванов не го чекаме. Тој си кажа дека нема да одиме во ЕУ и НАТО. И ќе се секираме колку Холандија ќе биде строга и правична, а колку ќе ни прогледа низ прсти. Ама, со оглед на тоа дека германската канцеларка Ангела Меркел му пишала на Заев оти „Германија со голем интерес ќе го следи спроведувањето на овој договор и силно ќе го поддржи“, би било катастрофално ако има непријатно изненадување.

Ние сега можеме и понатаму да чекаме, оти сетики сме научени на чекање и чекањето ни е најголема забава во нашите досадни животи еве веќе трета децанија. А што да прави човек во Македонија ако постојано не чека нов чекор на патот кон ЕУ? Иако, искрено, не сакам да поверувам дека сите тие што толку години напорно работеле на проблемот и се труделе да се најде решение, ќе остават туку-така на случајност и ќе дозволат тешко постигнатиот договор да не се спроведе.

2 А што чека ВМРО-ДПМНЕ? Лидерот Христијан Мицкоски го исплука договорот уште на невидено. А пратениците избегаа од собраниската седница на која што требаше да чуеме што мислат тие за договорот. Рекоа дека се против. Ама не кажаа зошто.

Сѐ ми се чини дека не сакаа да остават писмен и видео запис од нивните ставови зошто се тие против договорот. И каков договор со Грција кој на Македонија директно ѝ ги отвара вратите за ЕУ и НАТО тие би поддржале во иднина, каков што во минатото не успеале да постигнат. Со оние што протестираат на улица со руски знамиња барем сме на чисто дека не ја гледаат Македонија ни во ЕУ ни во НАТО. Ама, ВМРО-ДПМНЕ е сериозна политичка партија што контролира значителен број гласови на опозицијата во Собранието, па не ѝ личи ставовите за договорот зад кој застанаа и ЕУ и НАТО да ни ги соопштува на улица на протестни маршеви. Оти тоа што се кажува на улица не се важи. Партиски соопштенија не се важаат. Се важи тоа што ќе се каже во Собрание. Тоа е документ што останува во архива. Во историјата влегува тоа што е кажано официјално на собраниска говорница.

Или, ВМРО-ДПМНЕ ќе остави Ѓорге Иванов да им ја заврши работата. Ќе се скријат зад него.

3 Додуша, во архивите не е запишано и дека Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и Сандански се бореле за Македонија во ЕУ и НАТО, ама ете, премиерот Зоран Заев ни ја откри и таа непозната страница од македонската историја.

Во говорот пред ратификацијата на Договорот со Грција, со кој земјава се преименува во Република Северна Македонија, со македонски јазик и македонска националност, Заев рече: „Сeверноатлантскиот совет донесе одлука да ја стави точката за покана на Македонија во НАТО на Самитот на Алијансата на 11 и 12 јули во Брисел. Со тоа се остваруваат вековните аспирации на сите генерации пред нас и на сите граѓани на Македонија“.

Од каде пак сега им се остварил сонот на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански да ја внесат Македонија во ЕУ и НАТО? Во 1903 ли сонувале за НАТО?

Ама, сфатив дека Заев имал право. Аспирацијата на Македонија за ЕУ и НАТО навистина е вековна. Ги врза 20. и 21. век. И не е само вековна. И милениумска е. Цел нов милениум фати додека да влеземе во ЕУ и НАТО. И уште чекаме.

4 Надвор од темата, додека сите дебатираме за договорот за името, пратеникот Илија Димовски учествуваше во дебата организирана од Владата и од УСАИД на тема: „Справување со дезинформациите“.

Кој од двајцата организатори на дебатата се зафркава со нас? Владата или УСАИД?

На дебата за дезинформации го викаат Илија Димовски. Долгогодишниот шеф на озлогласениот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Што со најцрна пропаганда нѐ труеше 11 години. Илија Димовски, кој од парламентарна говорница се закануваше со зборовите „Ќе те спружам на насловна!“. Илија Димовски, кој нарачуваше хајки за неистомисленици во медиумите што ВМРО-ДПМНЕ ги плаќаше со нашите пари. И јас самиот сум бил жртва на тие хајки и не можам да ги заборавам. Како да ги заборавам? А и зошто да ги заборавам? За да може да дебатираме? Илија Димовски, што ги контролираше сите медиумски сателити на ВМРО-ДПМНЕ што еден со друг си ги цитираа пропагандните лажни вести што доаѓаа од Центарот за комуникации. Илија Димовски, на кого од страв му се тресеа сопственици и директори на најголемите медиуми, особено на јавниот сервис. И конечно, Илија Димовски што до сега не сносеше ни кривична, ни морална одговорност за ширењето лажни вести.

Апсолутно сум за дебати и за помирување. Ама, како да се помириме со некој што ниту одговарал, ниту пак се извинил за зулумите што ги направил? А Илија Димовски, богами, многу зулуми направи.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира