УНИВЕРЗАЛНА НЕДОВЕРБА

Гласното негодување и одбраната на една дотраена голема барака што и не е некое уникатно архитектонско достигнување без кое Скопје би го изгубило препознатливииот лик е само крик на јавноста против ароганцијата на власта.

УНИВЕРЗАЛНА НЕДОВЕРБА

1 Повеќето од новите пратеници не се појавија на свечената седница на ДИК да си ги подигнат уверенијата.  Најдоа стотици изговори зошто не дошле. Испратија овластени претставници, еден човек да ги подигне уверенијата за повеќемина. Те пандемија било, те жешко било, те лути му биле на Управниот суд, те лути ѝ биле на Државната изборна комисија, те викенд било, те одмори фатиле…

Да требаше да земат дневници, да видиш како среде ноќ ќе се спотепаа да се испотпишат на патните налози. Ќе си дишеа во врат, маските ќе ги тргаа да не им ги маглат очилата, да не им се измолкне некоја цифра од пресметките на километражата и патарините. Ни пандемија ќе ги спречеше, ни лутина кон ДИК и кон Управниот суд ќе ги држеше, ни топлотен удар ќе ги премалеше. Башка, што значи тоа кога ДУИ испраќа еден овластен преставник да ги подигне уверенијата за сите?  Дека така и ги добиле гласовите на изборите? Дека еден овластен претставник од партијата гласал во име на повеќе граѓани?

Над 900.000 луѓе излегоа да гласаат на парламентарните избори оти веруваат во државата и решиле да останат тука. Не ги спречи ни пандемијата, ни стравот од ковид-19, ни маските, ни жешкото време, ни сезоната на годишни одмори… И – избраа пратеници. На пратениците првата обврска им беше само да се појават во ДИК и да си ги земат уверенијата. И тоа не го завршија. Наместо да им се заблагодарат на гласачите, тие им рекоа: „Баш ми е гајле што нѐ избравте“.

Станува збор за симболика. За свечен чин, на кој пратениците избрани од граѓанките и граѓаните ќе покажат колку им значи нивната доверба. Ама, ним не им значи што мислат за нив обичните луѓе. Ним им е битна партијата. А колку тие ѝ се битни на партијата, покажува тоа дека нивните ликови и дела се лесно заменливи со некое изнајмено лице на партиски бирократ што го викаат „овластено лице“. Тие не само што не се срамат дека не дошле да си ги подигнат уверенијата на свечената седница за да го овековечат моментот кога стануваат законодавци избрани од народот. Туку, тие не ни сфаќаат дека тоа што не дошле е  лошо. Целосна ерозија на системот на вредности.

Овој игнорантски однос само го покажува односот на јавните функционери кон граѓаните. Кога тие не се дораснати ни самите да си ја почитуваат функцијата на која се нашле,  како па ние да очекуваме од нив да работат за доброто на сите нас?

2 Отприлика, истата таа ароганција и непочитување на мислењето и чувствата на граѓаните се отсликаа и во случајот со Универзалната сала во Скопје. И навистина е многу глупаво, покрај сѐ што успеа да направи, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов да падне на предлогот за уривање на Универзална сала.

За што правиме муабет? За монтажен објект стар половина век, кој веќе пет години не е во функција и кој е дури и опасен по живот, оти се распаѓа.

Ама, не е до зградата. Дури, кога ќе се преспие, ќе сфатиме дека не е толку ни до емоциите и носталгијата од младоста. На крајот на краиштата, златни славејчиња, скопски фестивали, џез фестивали, буба мари, фолк фестивали и партиски конгреси и масовно слушање прислушувани разговори ќе можат да се организираат уште попрофесионално и во некоја нова современа сала, која исто така може да ни биде универзална, како оваа оригиналната.

Гласното негодување и одбраната на една дотраена голема барака што и не е некое уникатно архитектонско достигнување без кое Скопје би го изгубило препознатливиот лик е само крик на јавноста против ароганцијата на власта.  Едноставно, луѓето пукнаа на веста за уривањето на Универзална, од бес и очај дека никој не го есапи нивното мислење и фрустрациите дека не можат ништо да сменат.

Власта самата си ја потенцираше недовербата кон неа. Па, до вчера ни викаа дека ќе ја реновираат, се сликаа пред неа, ја вртеа во изборни кампањи, ветуваа проекти, еве само што не почнавме со реновирање, кога одеднаш – ај ќе ја рушиме.

На недовербата сами си ја накалемија и немоќта и сликата за неспособност. Добија избори на ветувања дека ќе расчистат со криминалите од Скопје 2014, дека ќе ги тргнат галиите, дека ќе ги дислоцираат спомениците… И оп – додека оние претходните градеа, овие не само што нема да го рушат Скопје 2014, туку сега ќе рушат и симболи на градот, па макар тоа било објект во распаѓање што смрди на мочки. Дочекаа Коце Трајановски да им зборува за уништување на градот и Јелена Жугиќ, што бараше гумени куршуми да го одбрани режимот на Груевски, сега да ја брани Универзална сала.

Па уште ѝ најдоа пригоден термин да најавуваат уривање – ден по годишнината од скопскиот земјотрес и сеќавањата за солидарноста. Ептен внимаваат на емоциите на граѓаните. Додај на сето тоа уште малку сомнеж, оти нели, и за уривањето на Универзална мора да има некој мотив, и ете ти – наместо власта да затвори еден проблем, си отвори пет нови. Додека ги решаваат и нив, ќе си отворат уште сто. А Универзалната сала, кај и да е, ќе падне сама од себе.

Па после нека се чудат зошто добиле само два пратеника плус. И нека ги обвинуваат луѓето дека се хистерични.

3 ДУИ соопшти дека амбасадорот на Албанија му пренел порака на Али Ахмети од албанскиоит премиер Еди Рама и му честитал на победата на изборите.

Во кој натпревар победил Али Ахмети? СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се бројат? Да не имало некои посебни избори само за Албанците во Македонија? Или имало некои внатрешни игри во племенските заедници? Да не учествувал Ахмети на некои избори во друга држава?

Можеби и албанскиот амбасадор бил збунет. Не знаел дали е во Вашингтон или во Тирана. Гледа како некои луѓе протестираат со албански и американски знамиња. А бараат демократија во Македонија.

Патетични се веќе со тоа знамињата. Влеговме во НАТО, тие уште си го мерат чиј орел е поголем – на Али Ахмети или на Зијадин Села. Тоа што нема македонски знамиња покажува дека ним баш им е гајле за државата. Ама па, да не им е гајле и за Албанците. Само партискиот интерес им е важен. И  парите и привилегиите што преку партијата може да им ги овозможи власта. Па зад тие интереси се кријат божем загрижени за националниот интерес на Албанците. Синким, национален интерес на Албанците е да се тепаме и да се делиме. Или да живееме во каква било тензија и нестабилност.

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари