1 Целиот застој со проширувањето на ЕУ предизвикано од бугарското вето за Македонија, најубаво го срочи во само една реченица бугарската потпретседателка Илијана Јотова: „Кога се работи за притисок, тој притисок нека биде за земјата која сака да влезе во ЕУ, а не за земјата која толку години е дел Унијата“. Браво! Што убаво им го плесна на партнерите. Баш прилега за потпретседателка на државата која во Втората светска војна беше во сојуз со Хитлер чија политика се водеше од принципот на ариевска раса. Седумдесет години подоцна, бугарска потпретседателка изјавува дека има некои „надлуѓе“ и некои „подлуѓе“ на кои во 21 век треба да им се изврши притисок да се откажат од својот идентитет за да им се придружат на „надлуѓето“.
И после, изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека „нашата европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската унија гледам дека го оправдуваат“ била недипломатска. Или, лошо смислена.
Можеби изјавата на премиерот звучи недипломатски, но така е. Можеби другите земји на ЕУ не го одобруваат односот на Бугарија кон Македонија, ама ние во последниве две години не чувме јасна изјава од ниту еден лидер на земја-членка на ЕУ дека ова што го прави Бугарија е недозволиво за европските вредности. Напротив. Пак ја вратија во речникот онаа, грчката фраза од голготата со спорот за името – “преговори за взаемно прифатливо решение“.
Не е Бугарија кабает. Европската унија го легитимира токму тоа што бугарската потпретседателка го говори. Дека тоа што некоја држава е членка на ЕУ ѝ дава право да го спори постоењето на еден јазик и нација. А ако не си членка на ЕУ треба да преговараш дали постоиш. И во „преговорите за взаемно прифатливо решение“ да докажуваш дека постоиш.
Како да не помисли човек дека „сите земји на ЕУ го оправдуваат однесувањето на Бугарија“, кога претседателот на Бугарија Румен Радев, во Берлин, по средбите со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер и премиерот Олаф Шолц изјавува дека „позицијата на Софија наишла на разбирање на германските соговорници“ и победоносно објавува „нема да дозволиме легитимација на македонизмот“. Што значи тоа? Дека во ЕУ ќе забранат Македонци и македонски јазик на барање на една – земја членка на ЕУ затоа што тие се внатре, а ние сме надвор. И тоа ќе биде легитимно.
2 На бугарската фашистичка власт во Втората светска војна ѝ успеа да ги истреби македонските Евреи, ама не ѝ успеа од 1941 до 1943 да нè преобрати од Македонци во Бугари. Сега бугарската европска власт сака да го поправи тој историски неуспех, па се надева дека за преобратувањето на Македонци во Бугари ќе ѝ помогнат останатите 26 земји од Европската унија.
Ама не оди тоа така во 21 век. Таман утре цел камион да ми истоварат пред врата со докази дека претците ми биле Бугари, дека бугарски им биле презимињата, дека пишувале со бугарски букви, тоа нема да го смени фактот дека сум Македонец, дека пишувам на македонски јазик, со македонски правопис, на кирилско писмо со букви од македонска азбука.
Не е спорно дека Бугарија и сега ни е непријателска земја. Затоа и не знам зошто воопшто си го губиме времето со непријател што секојдневно тоа го потврдува во барање „заемно прифатливо решение“ дали сме Македонци и дали зборуваме македонски јазик. Оти тоа е суштината на спорот.
Не знаеш кој е поненормален. Дали Бугарите што бараат од Македонците да им докажат дека постојат, или Македонците што влегуваат во процес на докажување дека постојат.
Ај ние што си го губиме времето, научени сме на чекање, Македонија е вечна. Ама не можам да сфатам со што си го губат времето останатите 26 земји – членки на ЕУ, демократски созреани 65 години по основањето на Европската економска заедница и 29 години по нејзината надградба во Европска унија, во време кога и некои од нивните лидери по Путиновата агресија на Украина сфаќаат дека прашањето за стабилноста на Западниот Балкан е и прашање за безбедноста на Европската унија. Не ми се верува дека дури и српските попови поразумно ја согледаа потребата од регионална стабилност, отколку официјалната бугарска државна политика.
Еве сме бре, луѓе. Тука сме, Македонци сме, зборуваме македонски јазик, пишуваме книги на македонски јазик, имаме медиуми на македонски јазик, пееме на македонски јазик, глумиме во театар на македонски јазик, правиме филмови на македонски јазик… И не сакам никому да му докажувам дека постојам. Глупаво е. Не ми го губете времето со глупости.
Во 21 век само на Путин му текна да им докажува на Украинците дека се Руси и дека украинскиот јазик им е руски.
3 Тоа што скопската градоначалничка Данела Арсовска така посветено веќе седум месеци откако е на функција одбива да одговара на новинарски прашања е многу опасно. Опасно е и тоа што не се појави и на седница да одговара на советнички прашања. Не ми е јасно како претседавачот на Советот Трајко Славески и советниците тоа ѝ го дозволуваат.
Но, најопасно е што таа со ова однесување укинува цивилизациски практики не само на културна комуникација, туку и на одговорно и отчетно однесување на јавен службеник. Не може она да тера инает со новинарите и никој да не знае што работи, освен кога самата ќе си одлучи што да каже и каде да каже. Така не се однесувал со јавноста ниту еден градоначалник на Скопје досега. И притоа, кога ќе одбере каде да се појави ќе се претставува како жртва оти „ја напаѓале“ и „ѝ го расипувале денот“. Па ние не комуницираме со неа за приватни проблеми. Комуницираме во име на граѓаните на главниот град на државата – и на тие што ја гласале и на тие што не ја гласале.
А уште поопасно од веќе опасното бегање од одговори на еден јавен службеник е што нејзиното однесување се коментира со потсмев. Не е воопшто смешно кога некој што троши јавни пари вика „така ми се може“. Да се потсмеваш со тоа нејзино однесување е всушност да го нормализираш. А лошите практики ако се нормализираат лесно стануваат навика.
4 Министерка за дигитална трансформација во новата словенечка Влада ќе биде Емилија Стојменова Дух, која од Виница се преселила во Марибор во 2002 година за да ја дозаврши математичката гимназија.
Директорка на тимот за реформи на јавната администрациија во Кабинетиот на премиерката на Србија Ана Брнабиќ е Марта Арсовска-Томовска, поранешна македонска министерка за информатичко општество и јавна администрација.
Две електроинженерки од Македонија ќе работат на дигитализација на јавните служби на две држави од регионот. Повеќе дигитализација, поефикасна администрација. Повеќе дигитализација, поголема транспарентност. Повеќе дигитализација, помала администрација. Повеќе дигитализација, помала корупција.
А нам тука државни служби уште ни бараат печат на уплатница заверен во банка. Ќе завршиш работа онлајн и ќе се изначекаш на шалтер да им заврши паузата за да го завршиш веќе завршеното. А сега ќе чекаме и штрајкот на службениците од матичните книги да им заврши, оти ќе се радикализирале. Тие што за една година издале повеќе од 20.000 документи со погрешни лични податоци.
Којзнае уште колку стотици и илјадници Емилии и Марти си заминале да ги подобруваат условите за живот на граѓаните на други земји. Да останеле тука, не само што немало да им биде дозволено да направат дигитализиран систем кој би го намалил и бројот на административци, би ја намалил можноста за грешка и би ја намалил корупција „лице в лице“, туку и сега би си го губеле времето заедно со нас во некој непроветрен ходник понизно чекајќи пред заклучена врата на која пишува: „Одма се враќам“.
Словенија си ја има Емилија, Србија си ја има Марта, а ние си ја избравме Данела. Секој си бира според потребите.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST