ЗБОРЕНО Е СО АТИЏЕ

Нашиве судии, правници, учени луѓе, цветот на интелигенцијата во секоја држава, го покренаа Уставниот суд само за да докажат дека не треба да бидат солидарни.

ЗБОРЕНО Е СО АТИЏЕ

1 Многу беше фраерски да се споделува мудроста на Атиџе: „Пола за мене, пола за пчелите“, нели? Море, што селфија се изнагледавме со јунакињата од кандидатот за два Оскара „Медена земја“. Те црвени килими, те аплаузи, те воздишки, те бришење солзи… Па длабокоумни постови на Фејсбук, освестени елитистички екологисти, животни откритија дека природата дава, природата враќа, природата се одмаздува…

Ама, тоа беше за природата. И кога дојде до општеството, одеднаш некој друг треба да биде Атиџе. Сѐ јас ли бе!?

2 Судиите, кои пред Уставниот суд поднесоа иницијатива за укинување на уредбата на Владата со која и тие заедно со пратениците, министрите, директорите на јавни претпријатија требаше два месеца да земаат намалена – минимална плата, за да се пополнува дупката во буџетот за борбата против пандемијата од КОВИД-19, се бетер од комшиите на Атиџе. Тие беа неуки и жива сиромаштија, па притиснати од алчноста на прекупецот на медот го прекршија принципот пола за мене, пола за пчелите. Судииве не се сиромаштија. Нив само алчноста ги притиска. Сѐ за мене, ништо за другите.

Не дека сме се надевале оти овој состав на Уставниот суд ќе одлучи нешто во полза на државата. Ама, си викав, граѓаните со години чекаат уставните судии да одлучуваат за нивни иницијативи, па белким во вонреднава состојба, во услови на светска криза, нема да успеат толку итно да заседаваат. Ама, нивните плати се во прашање. Ај што со минимална плата два месеца гладни ќе останеле, туку и не верувале каде ќе завршат нивните пари. Еј! Уставни судии! Тие како врвна институција во државата не им веруваат на другите институции како ќе ги потрошат нивните пари. А ние, кому да веруваме?

Па и Антикорупциската комисија, која успеа на сите во државава да им најде конфликт на интереси и непотизам до трето колено, овој пат не виде конфликт на интереси кај уставните судии оти одлучувале за своите плати. Затоа што, со нивната одлука ги одмрзна и антикорупционерските плати.

Умираат луѓе од непозната болест. Работници остануваат без работа. Ќе останат и без минималната плата. Доктори и сестри се разболуваат. Градинките не работат, школите на работат. Студентите седат дома. Нема патувања. Нема дружби. Нема концерти. Пензионерите се заробени дома. Нема лекарски прегледи, се откажуваат закажани операции по болниците… Пандемија е. Светска криза. И сите тие ограничувања се уставни и законски. Само кратењето на платите на судиите не е законско.

3 Во тешки времиња се гледа и карактерот на луѓето. Па и карактерот на заедницата. Кога освен законите напишани на хартија важат и некои други закони. На пример законот за чист образ. За морал. За емпатија. За сочувство. За помош. За човештина…

Абе луѓе, ние тука збориме за солидарност… И после се чудиме зошто последни на Балканот сме направиле држава. Затоа што немаме чувство за заедништво. Затоа што си гледаме за лично добро, а не за општо добро. Затоа што дома ни е чисто, а ѓубрето пред врата го фрламе. Ќе потрошиме илјадници евра за скапа кола и ќе ја паркираме во тревник за да не платиме 50 денари паркинг. Со најскапа кујна ќе му се пофалиме на комшијата, а ќе се буниме дека 400 денари е скапо за одржување на влезот. Дворот во село ќе го исчистиме, со шутот и гранките ќе ги затнеме каналите, па ќе ја колнеме државата кога ќе нѐ поплави летен дожд.

По катастрофалниот земјотрес во 1963 во Скопје, сите вработени во цела Југославија одделувале по една дневница за солидарно да го изградат разурнатиот град. Да бил тогаш Уставниот суд на заедничката држава со истиот памет ко овој на сегашниве судии на Уставниот суд на нашава држава, уште ќе си игравме во прашината од урнатините.

Е па, видете сега до каде ни е свеста за државност. Нашиве судии, правници, учени луѓе, цветот на интелигенцијата во секоја држава, го покренаа Уставниот суд само за да докажат дека не треба да бидат солидарни.

4 Затоа, не е за чудење кога граѓаните, на повиците од државата за донација, на пример преку „Мој ДДВ“ викаат:  За кого да донирам? За корумпираните судии? За патните трошоци на пратениците? За ф’стаците и лешниците на функционерите? За градоначалниците што се однесуваат како локални шерифи? За јавните службеници што не можеш да ги најдеш кога ти требаат? За илјадниците измислени работни места за државна плата?

Ај што не им чепнаа од платите, а дома си отседоа. Синдикатот на јавните службеници ги заштити. Во дефиницијата за синдикално здружување стои зборот „меѓусебна солидарност“. Можеа барем една солидарна дневница да одвојат да направат фонд за работниците од приватниот сектор што ќе изгубат работа. Оти ако нема за приватниот сектор, утре ќе нема плата ни за државниот.

Животот е земање и давање. Тоа е суштината на одржливиот систем на Атиџе. Не можеш секогаш само да земаш. Некогаш мора и да дадеш. Оти ако само земаш, а не даваш, на крај нема да имаш ни од каде да земеш.

Кога ќе ви се појави на екранчето од мобилниот она „Скенирај и донирај“, обидете се пред очи да не ви излегуваат тие ликови, иако за жал нив ги перцепираме како лице на државните институции. Нека ви се покаже на пример ликот на некоја лекарка, лекар или медицинска сестра со траги на кожата од заштитната опрема. Тие се сега вистинското лице на оваа држава. А не државните паразити кои се напикани во јавна администрација, оти послушно лепеле плакати или играле на комитски вечери.

5 Одбележувањето на „крвавиот четврток“ годинава се падна во понеделник. И повторно, по којзнае кој пат, им забележав на моите колеги-новинари што за организираниот напад на Собранието што се случи на 27 април 2017 упорно ја користат глупавата флоскула „крвав четврток“.

Ние имавме напад на Собрание за кој веќе има 33 осудени за терористичко здружување како извршители, неколкумина амнестирани и плус е почнат судски процес за организаторите на нападот. Едниот обвинет е избеган во Будимпешта. Земјата беше пред граѓанска војна. Не сакам ни да помислам што ќе се случуваше сега ако тој обид за државен удар успееше.

Знаете што се случува кога се обидувате со поезија да ја именувате прозата од 27 април? Јавниот сервис уште известува за „немилите настани“. А ВМРО-ДПМНЕ уште ги величи „уставобранителите“. А, по само 3 години, сите заборавија дека избеганиот во Будимпешта Никола Груевски, обвинет како главен организатор за нападот на Собранието на 27 април 2017, тогаш изјави: „Ако сакаше некој да го убие Заев, ќе го убиеше“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира