ЅВОНКО СПАСИЧ

Има една константа во програмите на владите во посткомунистичка Македонија. Тоа е најавата за изградба на автопат Велес – Прилеп - Битола

ЅВОНКО СПАСИЧ

1 Во Македонија вечна, нема толку голем проблем чие што решавање не може да се одложи. Па така и почетокот на школската година. Нема Влада, нема учење. Мандатарот за состав на Владата Зоран Заев рече дека поради пандемијата со коронавирусот најдобро е почетокот на школската година наместо на 1 септември да се одложи за 1 октомври.

Во цел свет имаат проблем со организирање на наставата. Ама, се трудат, смислуваат нешто, пробуваат, работат на случајот… Нешто прават. Само кај нас имаат добро оправдување зошто наставниците и школите не се спремни за почеток на новата школска година. Нема Влада.

Зошто мора да има Влада за некој што зема плата во некоја државна институција да си ја врши својата работа? Мора ли да се знае од која партија ќе биде министерот за образование за некој да се фати за работа? Повеќе од шест месеци поминаа откако пандемијата ги затвори училиштата.  Што правеа вработените во државните институции задолжени за државното образование од март до една недела пред вообичаениот почеток на школската година? Како приватните училишта се организираа и смислија начин да го организираат образовниот процес? Зошто не може да почне настава во државните школи? Што смислија државните службеници? Смислија. Нови рецепти за готвење што си ги пуштаа на Фејсбук додека работеа од дома, со ниту еден денар намалена плата. И многу лајкови за рецептите.

Еве, на пример, има една државна институција што се вика Биро за развој на образованието. По дефиниција, таму би требало да работат луѓе што знаат како да го развиваат образованието. Значи, стручни луѓе чија работа не би требало да зависи од тоа која партија е на власт. Оваа година, бидејќи не е иста како и другите години, тие луѓе што ги плаќаме сите ние за да го развиваат образованието, требаше да смислат како да се развива образованието во услови на ковид-19. Ама, не смислија.

И, се појавува Зоран Заев и вика, годинава 1 септември ќе го одложиме за 1 октомври. Зошто? Затоа што тие што требало да се спремат не се спремиле.

На  времето кога одев во гимназија, кога имавме ситуација да не си спремен за испрашување, па таман кога ќе те дигне професорот да одговараш да заѕвони звончето за крај на часот, па ќе се спасиш од кец, се зафркаваме: „Ме спаси Ѕвонко Спасич“. Не знам каква фраза користат денешниве средношколци, ама излезе дека Зоран Заев им дојде на државните службеници како нам, на времето, ѕвончето за крај на часот. Мандатар во улога на школско ѕвонче. Ништо не си сработил шест месеци? Не си спремен? Ај, не се секирај. Ѕвонко Спасич ќе те спаси од кец.

Макар што, искрено, не верувам дека и на 1 октомври ќе бидат спремни за час.

2 Викендов, во Собранието треба да се избира нова влада. Два дена ќе слушаме дрндање за висока политика, ќе гледаме надмудрувања со напуштање на седници, бркање кворуми, ќе слушаме ветувања, ќе слушаме обвинувања, уставни толкувања, читања на деловникот, паузи за ручек, паузи за консултации, паузи за смирување на нервите… А всушност, оваа ситуација на продолжената техничка влада, комбинирана со пандемија само уште повеќе го потенцираше сознанието дека ние имаме држава, ама немаме државни институции. Односно, ги имаме многу и ги плаќаме многу, ама луѓето што се во тие институции се некадарни, недоветни и неспособни. Ај што овие шест месеци ги видовме дека кога требаше да работат – корона има, а кога треба да се одмараат – корона нема. Туку, најбрутално се уверивме дека речиси сите што се поставени на некакви функции со државни плати, само нешто чекаат инструкции, не преземаат ништо додека не им каже некој „од горе“, никој не сака да преземе одговорност и чекаат некој друг да им ја заврши работата. Што правеа сите тие илјадници директори, началници и раководители освен што тераа кампања и се секираа да не им се налути партискиот шеф?

Ние живееме во држава во која болна од рак, за која снемало терапија, не може да го продолжи лекувањето, ако не се јави на телевизија. Па треба да има среќа министерот за здравство да го види прилогот и лично да ја обезбеди терапијата. Имавме случај на запоставено 11-годишно дете со посебни потреби, за кое мораше да се јавуваат двајца министри за детето да биде згрижено прво в болница, па после во социјална институција. Сега мајката, која исто така не е арна со здравјето, шета тепана по улици и си го бара детето. Да не треба сега мандатарот да се јави да ја згрижат и неа?

За што ја плаќаме целата таа државна администрација од која никој не смее да биде избркан од работа, кога мора или да бркаш врски, или да те има на вести за да се ангажира министерот да се реши проблемот? И ќе се реши само поединечниот случај. Системски нема да се реши проблемот. Ова е само за да се избегне лош публицитет. До следниот прилог на телевизија.

Добро е додека институциите зависат од нас. Ама, не дај боже кога нам ќе ни затребаат институции.

3 Две недели е блокирано издавањето изводи од матични книги. Директорот на управата за водење матични книги Бујар Дардишта упорно вели дека нема никаков проблем, туку дека има анти-ковид мерка, барањето да го дадеш на едно место, а изводот да го добиеш на друго место, а на шалтерите на подрачните единици стојат залепени огласи дека има проблем со комјутерскиот систем.

Добро, каков е тој проблем со изводите што не може да се реши две недели? Зошто таа институција плаќа некого што не може да го реши проблемот? Да беше приватна фирма, системот ќе беше функционален за 24 часа.

Па и стварно не е некој голем проблем. Тоа се само изводи за раѓање, за умирање и за венчавање. За сенешто ти бараат извод не постар од шест месеци. Ама па, на колку луѓе им требаат тие изводи баш сега? И баш сега нашле да се жалат по медиуми.

4 Има една константа во програмите на владите во посткомунистичка Македонија. Тоа е најавата за изградба на автопат Велес – Прилеп – Битола.  Уште од 1994 година кога Бранко Црвенковски фрлаше лопата на патот преку Бабуна.

Колку министри од Прилеп и Битола се изредија во досегашните влади и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ? Ниту еден не успеа да им го наметне тој патен правец како приоритет на шефовите. Барем со леснотија да си се возеа до дома. Ај белким, овојпат штипјанецот Бочварски ќе им го почне патот. А може и не. Да има што да стави во програмата и следната влада.

А да. За малку ќе направев превид. И пругата за Софија ја има.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари