СПЕЦИЈАЛНО ПРЕВОСПИТУВАЊЕ

Какво ли е тоа превоспитување што Бугарија сака да го примени врз Македонија кое ќе биде поефикасно од превоспитувањето што го правеше со изим на Хитлер, а што сега ќе го прави со изим на Европската унија?

СПЕЦИЈАЛНО ПРЕВОСПИТУВАЊЕ

1 Што правите за почеток на преговорите со ЕУ? Ништо, еве чекаме Бугарија да нѐ  превоспита по европски стандарди.  Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер, рече дека неговата земја мора да ја спречи првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, оти „очигледно, тие не разбраа што е ЕУ и како работи. Имаа три години да се превоспитаат“.

Додуша, Бугарите пробаа да нѐ превоспитуваат и во Втората светска војна. Кога Хитлер ги испрати како окупатори, тие се претставија како ослободители и на крајот беа поразени и избркани како фашистички злосторници. Во трите години од фашистичката окупацијата, од 1941 до 1944, искористија повеќе ефикасни методи за превоспитување, ама не им успеа. Со бугарска управа, војска и полиција, со бугарски учители што ги тепале нашите мајки и татковци по рацете ако не знаеле да пишуваат бугарски, со забрана за школување на тие што се спротивставувале на окупацијата, со убивање на борците против фашизмот, со нивно фрлање по затвори, тепање по табаните, па за секој случај после ги фрлале и од прозорец, ранетите ги дотепувале, гробовите им ги откопувале за да им скапуваат телата… Во Ваташа дури и младинци стрелале како специјална воспитна метода.

Ама, во 1941 година тоа биле едни Бугари. А во 2020 се други Бугари. Тогаш превоспитувањето на Македонците го правеле со изим на Хитлерова Германија. А сега бараат поддршка од цела Европска унија.

Па нели во таа Европска унија можеш слободно да си кажеш како се чувствуваш, макар имал и бугарски пасош изваден за да можеш да работиш во Шведска, на пример? Па таман и сите Македонци утре да земеме бугарски пасоши, оти ни збоктиса од пимплањето на глупавата евробирократија и лечењето на фрустрации од историјата, па сакаме така прекутрупа да им влеземе во ЕУ, ние ќе продолжиме да зборуваме македонски јазик. Оти, бугарски не разбираме. Не сме го учеле тој јазик. И не сме пишувале на тој јазик. И не сме пееле на тој јазик. И не сме правеле филмови на тој јазик. Не сме читале весници и книги на тој јазик. Не сме играле драми на тој јазик.

И сега? Што правиме со фактот дека јазикот постои, дека нацијата постои и дека државата постои? Какво ли е тоа специјално превоспитување што Бугарија сака да го примени врз Македонија кое ќе биде поефикасно од превоспитувањето што го правеа со изим на Хитлер, а што сега ќе го прави со изим на Европската унија? Нѐ отекоа со самофалбите за демократија, право на самоопределување, заштита на човекови права, културен идентитет… Од седиштето во Брисел ќе ти раскажуваат бајки за идеално општество, а од Софија, Владата на нивна земја-членка ќе ти се заканува дека ќе те превоспитува. Оти не си воспитан како „благонадежен Б’лгарин“. Туку се чувствуваш Македонец.

2 И додека Зоран Заев води битка со двете ВМРО-а, едното на Каракачанов во Софија и другото на Мицкоски во Скопје, коалициониот партнер ДУИ си брка работа.

Прво, Артан Груби го пушти муабетот за државно субвенционирање на вработувања во приватни фирми. Крешник Бектеши продолжи да елаборира на истата тема. Па, за да не остане помалку Албанец се јави и Биљал Касами, лидерот на Беса, со уште понационалистичко барање: да има двојазичност и во приватните компании оти дипломираните Албанци не знаеле добро македонски. Биљал Касами од Беса. Ортакот на Заев со кого држеа двојазични прес-конференции во предизборната кампања оти нели, општество за сите. Стварно, каменот одблизу доаѓа.

ДУИ си ја киднапираше националистичката реторика уште од првиот ден на новата Влада на Заев. Секое појавување на министер на ДУИ – плус 1.000 гласа за нив, а 1.000 гласа помалку за СДСМ. Мицкоски неспособен, Заев попустлив, некаде ќе заминат тие гласови. Брзо ќе дојдат локалните избори и пак ќе има пазарење. Што послаба СДСМ, толку поскапа ДУИ.

3 А ова што ДУИ ни го продава како националистичка квота за вработување и по приватните фирми е само уште една ујдурма за цицање на државниот буџет за партиски вработувања. Малку им беше трупање по државни институции со наши пари, сега ќе прејдат на приватни. За државна работа смислија „пропорционална застапеност“, а овој пат на операцијата ѝ имаат смислено помпезно име, нешто поддршка, нешто меѓуетнички односи, нешто толеранција…

Тие за своите политички потреби ќе си ги викаат етнички вработувања, ама во суштина, тие пак ќе бидат партиски.  Штом државата во пазарна економија ти кажува кого да вработиш во фирма, тоа значи дека партиските списоци веќе им се пополнети. За свои пари во својата фирма ќе треба да вработуваш по партиски список, за да имаш пристап до субвенции. Што преведено на говорен јазик значи дека за да имаш пристап до своите пари, од партија ќе ти кажат кого да вработиш.

Џабе Заев ветува едно општетство за сите. Ова кај нас е едно општество за сите партиски членови. Тие што не се во партија нека извинат. Нема партија – нема општество.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира