1 Замислете, оној шизикот од Арачиново што се провозе со „бентлито“ низ новогодишните украси од срценца на Плоштадот Македонија да го направеше тоа, на пример, во Вашингтон, или Њујорк. На сите светски телевизии ќе се вртеше изрешетана кола со веста дека спречиле терористички напад во пешачка зона. И во Париз и во Лондон не верувам дека би ризикувале. Ќе мислеа дека е терорист и немаше да му дадат шанса да се објаснува со полицијата. Евентуално во Стокхолм, Берлин, Амстердам можеби ќе куртулеше, ама сега сигурно ќе беше сместен на психијатриско посматрање во некоја установа. Со одземена возачка дозвола до крајот на животот. А низ Цирих, или Женева ако им се повозеше низ божиќните декорации, колата веќе ќе му беше ставена под преса за старо железо. Возачката дозвола ќе му беше замината во историјата, со доживотна забрана за возење какво било превозно средство.
Ама кај нас, кој би помислил на тероризам кога сосем нормално е со коли да се вози на кејот на Вардар помеѓу клупите за одмор и гостите седнати по летните тераси на пијачка и лапачка и да се паркира под мостовите на Вардар. И затоа, за големо достигнување се смета кога некој таков шизик ќе го фати полиција, па уште и ќе го казни.
На возачот на „бентлито“ му била изречена казна од 45 евра. Лично, сметам дека висината на казната не е за дискусија. Важно е дека некој е казнет. Тој факт беше доволен за градоначалникот на главниот град Петре Шилегов да се пофали дека полицијата успеала некого да казни затоа што возел со кола низ пешачка зона во украсениот Тунел на љубовта. И доказниот материјал, записникот од прекршочната казна, го објави на Фејсбук. Тоа е историски чин во практикувањето на правдата, така што потоа, сосема заслужено, за овој подвиг на полицијата си се пофали и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
И ако самиот чин на казнување на некого што со кола поминал низ новогодишна декорација може да се прослави како голем успех, тогаш што да се каже за податокот дека казнетиот е од Арачиново? Е тоа е веќе триумф на правната држава.
Во земја-кандидатка за ЕУ не треба да се дебатира дали казната е мала, голема, соодветна или несоодветна. Самиот факт дека некој е казнет за возење низ плоштад, па уште и дека казнетиот е од Арачиново, треба да се забележи во следниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. Ова е исто како да сме затвориле едно поглавје од преговорите што треба да ги почнеме кога Бугарија ќе го тргне ветото.
2 Сосема друга приказна е дека во земјите кои сообраќајниот прекршок на плоштадот би го сметале за терористички напад не би можел ни да возиш „бентли“, ако пред тоа даночните власти не те истресат до гаќи за да откријат од кај ти се парите за да купиш толку луксузна кола. Кај нас, бидејќи возачот е од Арачиново, па уште плус бил и невработен и никогаш ништо не работел, даночните власти се плашат тој да не ги истресе од гаќи.
Бидејќи сиромашните сопственици на „бентлија“ немаат од што да плаќаат данок, неодамна Владата донесе одлука да ја помогне локалната власт на Општина Арачиново со 500.000 евра неповратна помош од државниот буџет. Пари од буџетот добија 75 општини. Владата распредели 35 милиони евра по општините за реализација на 99 инфраструктурни проекти. Сите општини што добија пари поднеле проект за што би ги трошеле парите. Кој канализации ќе прави, кој ќе чисти канали, кој ќе собира ѓубре, кој кружни текови ќе гради, кој ќе сади цвеќиња… Сите напишале домашно. Само Арачиново ќе добие пари оти им требаат. Немаат проект? Ај пиши нешто – имаат ковид криза.
Така што, и тоа може да се забележи во следниот извештај на Европската комисија. На Арачиново му се даваат пари за да им се најдат на општинската власт. Оти, имаат сиромашни граѓани на кои е греота да им се наплаќа данок. И неспособна општинска администрација да напише макар и лош проект. Им се даваат пари затоа што постојат. Поглавје за човекови права – затворено.
3 Всушност, во Арачиново имаат проект, ама уште им е во експериментална фаза, па не сакаат да се фалат со него. Општината е влезена како пилот-проект во рамките на владината програма „Акција 21“. Тие се лидери на приоритетот број 5 – Канабисот – лек и огромен економски потенцијал – од програмата на Владата на Заев за декриминализација на марихуаната.
Оние два тона марихуана што исчезнаа од фирма за производство на канабис во Јосифово, по што полицијата го најде напуштениот камион кај граничниот премин Блаце, а само нешто од марихуаната беше најдено во Арачиново, всушност не била кражба. Тоа било проект за независна проверка на квалитетот, од што ќе зависи успехот на владината програма за носење на европските стандарди дома.
Тоа не е кражба. Ако сакале да украдат, носителите на проектот ќе украле не еден, туку неколку камиони со марихуана. И ако било кражба, полицијата ќе го фатела камионот на патарина додека возел од Јосифово до Арачиново. Проект менаџерите само земале примероци за контрола на квалитетот, ама не само на производот, туку на целиот синџир поврзан со марихуаната – проверка на производството, чувањето, дистрибуцијата до крајниот потрошувач. Проектот има и географска компонента. Не случајно марихуаната патувала од крајниот југ до крајниот север на земјата. Па и тоа што камионот е најден кај Блаце не е случајно. Мора да се знае како ќе реагираат потрошувачите од Западниот Балкан, а потоа и од земјите-членки на ЕУ. Мини-Шенген, пи-ар, маркетинг, размена на искуства, Берлински процес, прекугранична соработка, ова-она…
Треба ли да се испита капацитетот на Арачиново како значајна локација за развој на туризмот? Колку легализацијата на марихуаната ќе придонесе за економскиот просперитет на општината која толку е сиромашна, што дури и возачите на „бентли“ им се невработени?
Тоа по ИПА стандардите се вика „Мапирање на практиките за креирање овозможувачка околина – #ПроектАрачиново“.
4 Ако те казнат, зошто те казнуваат. Ако не те казнат, зошто не те казнуваат. Ако те казнат 45 евра, зошто не те казниле повеќе. Ако те казнат повеќе, зошто не те казниле 45 евра.
Исто и со вакцините против ковид-19. Зошто во Србија дојдоа првите вакцини, а кај нас не доаѓаат? Ако дојдеа прво кај нас ќе беше – зошто први ние да се вакцинираме, зошто не почекаме другите да почнат да се вакцинираат? Ако ти даваат донација, зошто сами да не си ги купиме. Ако ги купиме, како сме ги купиле. Ако се донира чување во фрижидерите, зошто не си купиме фрижидери. Ако се оди на директно преговарање, како се купува без тендер. Ако се прави тендер, толку ли ќе чекаме, додека да заврши тендерската постапка сите ќе се изразболиме.
Не можеше веднаш да се купат вакцините оти нема закон. Зошто нема закон? Зашто никогаш не ни требало итна набавка на вакцини. Ама пандемија е. Три месеци имаме нова влада. А ние тие три месеци немаме поважна работа од таа да ги чекаме вакцините.
5 Пратениците на опозицијата блокираат две седници во Собранието со филибастеринг. Ама, сакаат филибастерингот да има ограничено работно време. Оти имале фамилии и си го планирале утрешниот ден. А тие што ги чекаат законите да бидат изгласани немаат фамилии и ич не си ги планираат деновите.
Башка, кога смислувале со бескрајни пријавувања за збор да го надмудрат Талат Џафери, заборавиле на кого му продаваат финти за филибастер. Па, тој го воведе филибастерингот во Собрание, кога рецитираше поезија и молчеше со саати на комисиските расправи во времето кога ДУИ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Талат е мастер филибастер.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST