1 Добро, има ли во државава некој што ќе го казни ова воено профитерство што се прави и со храната и со горивото? Од Влада не очекувам само да го осуди вештачкото правење недостиг на месо, брашно, горива… Од Влада не очекувам само да го осуди ширењето паника. Од Влада очекувам да ги фати мешетарите, да ги предаде на судските органи и судот да ги казни.
Сиромаштија е. Инвазијата на Русија врз Украина ќе ги дигне цените и кај нас, како што се дигаат во целиот свет. И не можеш да им се лутиш на граѓаните кои, под психолошкиот стрес на кој се изложени поради војната во Европа, ги фати паника и потрчаа да ги празнат супермаркетите и да ги полнат резервоарите со гориво. Ама, толку ли не може да се казни ниту еден што намерно ги повлекол продуктите пред одмрзнувањето на цените? Толку ли не може да се најде никој што намерно не точел гориво чекајќи ја новата цена за да ќари повеќе? Затвараа дискотеки во кои нашле млади без ковид сертификати, а тие што ја доведоа во прашање стабилноста на државата не се обидуваат ни да ги гонат. Една пумпа не можат да затворат. Уште и ќар ќе излезат.
Министер за економија вика дека супермаркетите намерно повлекувале производи. Претседател на Регулаторна комисија за енергетика вика дека бензински пумпи намерно не точеле гориво. Тие се државни функционери што треба да го спречат профитерството или пејачко друштво? Што фајде од изјавите на Крешник Бектеши и Марко Бислимовски, кога не чувме дека некој е казнет, дека некому му е затворен дуќанот, дека му е одземена лиценцата за работа. Никој нема да заврши на суд.
А, и да покренат некаква акција за казнување на воените профитери. Прво Обвинителството ќе отвори предистрага. Па таа ќе трае со месеци. Па после ќе отвори истрага. И таа ќе трае со месеци. Па ќе покрене обвинение. Па судот со месеци ќе го оценува обвинението. Па ќе почне судење. Па ќе се пензионира поротник. Па ќе нема превод на албански јазик. Па ќе им се зема полномошното на адвокатите. Па после пресудата ќе патува од една до друга зграда со месеци. Па после, ќе чекаме уште две-три години Апелација да одлучи за правосилност на пресудата. Дотогаш, којзнае кој нов светски поредок ќе го дочекаме. Ако воопшто и постоиме. Колку е брза правдата во Македонија, правосилна пресуда за воените профитери ќе има кога ќе заврши нуклеарната зима.
2 Војната ни е тука, само преку две граници, економската криза станува сè поголема, но тоа не е причина Собранието три дена да не води расправа за Фадил Зендели. Како да се на некоја друга планета. Три дена ВМРО-ДПМНЕ го бранеше Фадил од смена во Комисијата за избори и именувања. Три дена Собранието не можеше да донесе Декларација за осуда на руската инвазија врз Украина, оти Фадил не се предаваше и ВМРО не го даваше.
Христијан Мицкоски, за време на еден од неговите отчети на градоначалниците во Гевгелија, ги обвини Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски: „За нешто што се случува неколку илјади километри далеку од Македонија сакаат да го поделат народот. Да не мисли народот на сиромаштијата којашто тоне…“
Небаре Путин покрена стоилјадна војска да нападне друга држава, за да му овозможи на Ковачевски да го замајува народот со војната во Украина. И дека ако треба и нуклеарка ќе стисне за да му помогне на Ковачевски да не му даде на Мицкоски предвремени парламентарни избори.
Не е чудно дека Мицкоски тоа го зборува. Чудно е дека има луѓе што му веруваат.
3 Украина побара итно да биде примена во Европската унија. Кандидатски статус побараа и Молдавија, Грузија и Косово.
Еј, еј, еј… Чекајте малку. Има тука некој ред. Како ќе ја примате Украина во ЕУ, а ние уште Гоце Делчев не сме го решиле со Бугарите? Прво Гоце, па Украина. Прво минатото, па иднината за ЕУ.
Ама, што правиме ние со сегашноста? Нашиве политичари сега треба да им се качат на глава на лидерите на земјите членки на ЕУ, со предочување колку е штетно за европскиот мир и за иднината на Европа тоа што еве веќа трета година нè малтретираат со националистичките барања на Бугарија. Треба да се упорни, барем толку колку што беше упорен Фрчковски да добие амбасадорско место во Америка, па ако не може Вашингтон, тогаш нека биде Њујорк, и во секоја прилика да потсетуваат колку е опасно за Европа тоа што премногу долго себичните интереси на земјите-членки на ЕУ оставија црна дупка на Балканот.
Зарем премиерот Ковачевски и министрите толку не ги погоди изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир дека не треба да се прават споредби на условите што ги поставува Русија кон Украина со оние што ги поставува Бугарија кон Македонија? Што? Сега и споредбата меѓу руската и бугарската политика ќе ни ги земат за пречка да ги почнеме преговорите? Тоа што ги споредуваме Декларацијата на бугарското Собрание од 2019 и меморандумот на бугарската Влада за објаснување на ветото дека македонскиот јазик не постои и дека до 1944 двете земји имале заедничка историја, а Македонците се измислени од Тито , со образложенијата на Путин за инвазијата, дека „Ленин е авторот и архитект на Украина“, дека „таа е дел од нашата историја“ и дека „Русите и Украинците се еден народ, но на Украинците им беа испрани мозоците“.
Не треба да се споредуваат изјавите на бугарските политичари за Македонија, со изјавите на Путин за Украина. Исти се. Иако, евроамбасадорот Гир отфрла да се прават такви споредби, оти „во Украина гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија“.
Е да. Не е исто. Бугарите не нè гранатираат. Ама ако негуваш влажни империјалистички соништа од Сан Стефано ништо не е невозможно. Особено на Балканот.
4 Во Германската амбасада фатиле македонски граѓани кои за да добијат виза за работа аплицирале со фалсификувани сертификати за германски јазик.
Од амбасадата сигурно знаат дека пред неколку години кај нас со фалсификувани сертификати за англиски јазик се пријавуваа кандидати за обвинители. Сигурно чуле дека во Македонија има и легално фалсификувани пасоши и возачки дозволи. Дека, за македонските граѓани не е чудно ако некој сака со фалсификат да ја измами македонската држава. Ама, сигурно биле изненадени како некој си помислил дека ќе ја измами германската држава. Оттука и исклучително љубезното соопштение објавено на нивната фејсбук страница, во кое на барателите на виза им се обраќаат вака:
„Ве молиме обрнете внимание на тоа, дека Германската амбасада не прифаќа фалсификувани јазични сертификати во постапките за виза. Доколку доставите фалсификат вашето барање не само што ќе биде одбиено, туку исто така ќе бидете внесени во интеринституционалната ‘датотека за предупредување за визи’“.
Значи, да преведеме како тоа би го кажале на македонски јазик за граѓаните на кои им е нормално во државна институција да приложат фалсификуван документ. Да не ве навредиме дека сте глупави, љубезно ќе ви кажеме – Ние не сме сме глупави, ни корумпирани, ќе ве фатиме и ќе ве ставиме на црна листа за Германија и вас и тие што ви ги издале сертификатите. А вие, како сакате.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST