1 Владата отиде на преговори со Арачиново, со жителите и градоначалникот се договориле да дозволат да влезат екипи на ЕВН и да ги исклучат дивоприклучените на струја. За плаќање сметки ќе зборуваат во некоја подоцнежна фаза на преговорите.
Ајде сега, без политиканство и без да се обвинуваме кој е националист, а кој космополит, без да мешаме во приказнава Албанци, Македонци и сите останати наброени во Преамбулата на Уставот, да се обидеме со прости зборови да опишеме што се случи во Арачиново, откако цела општина остана без струја поради преоптоварување на трафостаниците затоа што имало многу диви приклучоци, а на ЕВН им било страв да влезат да го санираат дефектот. Во земја што е членка на НАТО и земја која сериозно се подготвува за преговори со ЕУ, Владата преговара со жителите на едно село да им дозволат на екипи на ЕВН, со помош на полицијата, да ги исклучат дивоприклучените што не плаќаат струја, за да може чесните граѓани што си ги плаќаат сметките да имаат струја.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека е точно оти во Арачиново има загуби на струја, но и во други општини има иста ситуација. Тој вели дека „крадење на електрична енергија е кривично дело, но тоа не е проблем само на една компанија туку на системот кој треба да ја реши оваа работа“, и додаде дека „во секоја општина и во секое семејство има некој кој не ги почитува регулативите“, па затоа „ќе побарам и од МВР да постапат во сите општини каде има големи загуби на електрична енергија“.
Е штом не е само Арачиново, тогаш веќе тоа е олеснителна околност. А зошто во Арачиново не може да влезат екипи на ЕВН? Кај мене во зграда кога доаѓаат луѓето од ЕВН да ги проверат струјомерите не доаѓаат со полиција. И на парнаџиите, кога ја регулираат температурата на греењето, без полиција им отвараме врата. Зошто треба да трошиме скапо обучен полициски кадар за да наплаќа комуналии? И зошто Владата кога тоа ќе го каже на телевизија очекува да го прифатиме како успех? Па уште и ќе отвoраме дискусија колку било нехумано да му се исклучи струјата на тој што ја краде од мене. Еве, солзи ми течат додека ги плаќам сметките и размислувам за тешкатa судбина на крадците на струја.
Туку, ќути, барем ЕВН има екипи за струја, па само уште полиција им фали да им помогне. И еве, во овој случај државата ќе ѝ помогне на приватна компанија да си ги наплати сметките. Но, кој ќе ѝ помогне на државата да си ги наплати своите даноци? Пак ли ќе влегуваат меѓународни преговарачи во Арачиново, како во 2001?
2 Сосем е нормално државата да ѝ даде на Општина Арачиново еден милион евра за да си ја среди канализацијата, оти живееме во 21 век и не е хумано некој во 21 век среде развиена Европа да живее без канализација. Ама, нормално ли е во 21 век државата во таа општина да не наплаќа ниту денар од данок на имот? Од каде да знае државата дека таму има некои имоти на граѓани на кои им треба канализација, кога за тоа нема евиденција? А граѓаните имаат демократски избрана локална власт. Која, ако била кадарна, уште кога државата од буџетот им даде пола милион евра, онака, да им се најдат за трошок, можеше барем да направи систем за наплата на данок на имот. Сами ќе си ја направеа канализацијата ако Општината си наплаќаше даноци.
Поранешниот премиер Зоран Заев во март 2021 изјави дека „таму има многу често изрази на насилство кога се бара да се наплати данокот на имот и треба да се стави ред и поредок“.
Ако јас го натепам инкасаторот, дали тоа ќе биде „израз на насилство“ или ќе дојде полиција да ме приведе? И многу е хумано и либерално мудрувањето со приказните дека арачиновци ионака многу придонесувале за општеството оти влегувале многу пари од иселениците. Тогаш, нека си ги прашаат роднините што живеат во Швајцарија што ќе им се случи таму, ако не си ги платат сметките за струја. Или оние што живеат во Германија, дали смеат да не плаќаат данок. Ако те фатат во Шведска како возиш „порше“ на пешачка зона на плоштад, веројатно ќе те прогласат за луд и ќе те приберат на лекување. Па уште и кога ќе откријат дека имаш скапа кола, а немаш никаква сметка, ќе те уапсат без око да им трепне. И Владата сигурно нема да расправа на специјална седница за неплаќачите. И никој нема да дебатира дали исклучување на дивоприклучени на струја е национализам.
3 Вкупната струја што се потрошила мора да се плати. Бидејќи загубите што ги евидентира ЕВН како резултат на крадење струја се товар само на граѓаните што плаќаат струја, оти така се пресметуваат крајните сметки, ајде сега МВР нека го реши и проблемот со енергетската криза што ни се заканува зимава.
Бектеши, за да сочувствуваме со арачиновци, рече дека загуби има и во Куманово 16,2 отсто, Тетово 10,7 отсто, Гостивар 19,3 отсто, Кичево 12,1 отсто, Скопје 19,6 отсто.
Значи, едноставно е. Зошто би штеделе жителите во градовите каде што струјата се плаќа? Не може државата да ги казнува чесните плаќачи поради нечесните неплаќачи. Тоа не е национализам. Тоа се – пари. Не треба да штедиме. Само полицијата нека ги фати крадците и – нема зима. Башка и ако треба да штедиме, да штедиме заради себе. А не заради тие што не плаќаат да можат да продолжат да не плаќаат. Глупаво се чувствувам кога државата не се грижи за тие што плаќаат, а се потресе за тие што не плаќаат.
4 Вицепремиерот Бојан Маричиќ треба под итно да формира арачиновски тим за преговорите со ЕУ. Тој тим да преговара за најтешките прашања, од Бугарија па до „кластерот фундаменти“. Греота е тој преговарачки капацитет на арачиновци да оди зијан во вакви клучни моменти за државата на патот кон ЕУ.
Тоа што премиерот Димитар Ковачевски вели дека „практично ние претставуваме општество кое што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности“ е апсолутно точно кога станува збор за почитување на етнички права. Впрочем, ние сме единствената земја во Европа во која има општина каде што еден од службените јазици е ромскиот. Или, има ли друга европска земја во која еден од службените јазици во општината е влашкиот? Така што, како општество ние немаме никаков проблем да ги ставиме и Бугарите во Уставот. Проблемот е што Бугарија не го признава македонскиот народ и македонскиот јазик, а ЕУ тоа го прифати како вредност. И ајде веќе да не се правиме будали, а богами ни кабает, кога збориме на таа тема, па уште и да се правдаме. Понижувањето што ни го направи ЕУ со Бугарија допрва ќе ни предизвикува внатрешнополитички тензии.
А тоа дека сме „Европа во мало“ нема врска кога зборуваме за коруптивните практики за трошење на јавните пари. Почнувајќи од паркирањето во локалните средини, носењето урбанистички планови и продажба на државни плацови, па сé до злоупотребите и пристапот до јавните пари преку тендерите за јавни набавки, ние сме уште многу далеку од Европа. А тоа многу лесно се средува, без да мора некој од ЕУ да ти го наложува како поглавје во преговорите. Ако се сака и ако не мора тоа да им го објаснуваш на тие со кои се дели авантата од коруптивните зделки.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST