1 Како можеше за четири години Зоран Заев од изјавата: „Да не дозволиме ова зло никогаш да се повтори!“, да дојде до дереџе да изјави: „Нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа влада од власт“?
Не е дека Заев не работеше за тоа, злото на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ никогаш да не се повтори. И не е дека и самиот не вложи многу личен напор и покажа многу храброст за тоа зло никогаш да не се повтори. Конечно, каде беше Заев пред само две години? Со скршена глава во Собрание. А каде е сега? Премиер на земја што за неколку месеци ќе влезе во НАТО, и тоа благодарение на неговото лидерство.
Ама, кога лидерот и државникот ќе каже „Ма остај, сите тие се педери“, тоа не е израз на одлучност. Тоа е израз на немоќ. Дека не може да се справи со скандалот „Рекет“. И израз на разочараност. И на лутина дека не му се признава сѐ што до сега има направено.
Нема зошто Заев да му се лути на „педерот“. Нека им се лути на „педерите по карактер“ во партијата. Вклучително и на самиот себеси, што дозволи да му се развие ваков скандал. Никој со сила не ги тераше. Ни пратениците, ни министрите, ни градоначалниците, ни бизнисмените, ни новинарските доајени да се сликаат со Боки 13, да си одат по вечери, да примаат подароци, да потпишуваат договори со божем хуманитарна, божем меѓународна, божем организација. А никој од нив да не праша ни од каде се парите, ни чија е телевизијата која толку многу ги задолжи.
Ене ги, на прославата на првиот роденден на телевизијата, до првоосомничениот Боки 13 седат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Десковска, потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, министерот за здравство Венко Филипче, директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со уште четворица обвинители од СЈО, меѓу кои и Фатиме Фетаи, и на крајот Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, која три месеци подоцна го отвори случајот „Рекет“. А тие што не можеле лично да го испочитуваат медиумскиот могул Боки 13 честитаа со видеопорака. Прво премиерот Зоран Заев, па лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, па претседателот на Собранието Талат Џафери. Оти, една година постоење на телевизија е многу значаен датум.
Среќен роденден на сите.
Педер – непедер, сите ги поеба.
2 И откако пукна „Рекет“ и бомбите во „Ла верита“, Владата формирaше „оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата и кој ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт“.
Штета што не го искористија роденденот кај Боки 13, уште на 30 март, да почнат „бескомпромисно да работат против криминалот и корупцијата“. Пола од оперативниот тим седат во почесниот ред со првоосомничениот. Уште тогаш можеа да „се координираат“. Оти секој од нив досега работел против корупцијата. Ама им фалел оперативен тим за координација. И оти досега против корупцијата се бореле со компромиси. Сега кога ќе ги искоординира Оливер Спасовски, ќе се борат бескомпромисно.
3 „Народното изразување“ на Заев можеби личи на онаа народната кога кравата сама ќе си го турне ведрото со млекото што го дала. Ама, ред е да се потсетиме дека оваа владејачка гарнитура го донесе законот за спречување дискриминација и според сексуална определба. И дека Заев даде лична донација за Сигурната куќа на ЛГБТ центарот. Истиот центар кој во времето на Груевски беше два пати нападнат и искршен, а напаѓачите уште не се најдени. Конечно, оваа власт го обезбеди и одржувањето на историската прва парада на гордоста.
А што се однесува до истечениот доказен материјал за „Рекет“ во италијанскиот „Ла верита“ и неговото масовно објавување во сите македонски медиуми, ред е е да се потсетиме дека во 2015 кога Заев почна да ги објавува бомбите од нелегалното прислушување на власта на Груевски, јавниот обвинител Марко Зврлевски им забрани на медиумите да ги објавуваат. Јавниот сервис МРТВ строго ја почитуваше таа забрана и никогаш ништо не објави. Сите други што објавуваа живееја во страв дека ќе дојде полиција да ги уапси.
Така што, не се сите баш исти. И ова не е релативизирање на изјавата на Заев. За „народното изразување“ за „педерите и суетниот новинар“ едноставно – нема оправдување. Ниту пак може да се одбрани извинувањето дека мислел на „педер како карактерна особина“.
Додуша, за неговата изјава извинување побараа и здруженијата за човекови права и новинарските здруженија. За „неколкуте криминалци“ никој не побара извинување. Оти криминалците не се суетни. А не се ни педери по карактер.
Одговорен политичар не смее да си допушти да дава квалификации и да стигматизира. Оти ако продолжи Заев со вакви неодговорни изјави, тогаш тоа што го прави ќе биде помалку важно од тоа што го збори. Е тогаш – сите ќе бидат исти.
4 Додека пукаа бомбите за “Рекет“, а владата, обвинителите и судовите одмараа, помеѓу две платени закажани објави на Фејсбук за владините успеси, се појави градоначалникот на Сарај Блерим Беџети и се закани дека ако Владата му ги одземе надлежностите поради дивите платформи на Матка, тој ќе организира референдум за жителите на Сарај да одлучат дали тие да се уриваат.
Оваа непосредна демократија со референдум, поранешниот министер за правда од ДУИ, Беџети изгледа ја научил од швајцарската дијаспора, што пука по свадби и дивее по патиштата низ западна Македонија. Оти, во Швајцарија уште на референдум не дошло да се гласа дали смее да се пука по свадби и да се вози над дозволената брзина.
И што ќе биде референдумското прашање во Сарај? Дали законот треба да се почитува, или не?
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST