3 Х СЈО

Ова е единствена држава во која пратеници преговараат за закон кој ќе го легализира криминалот на претходната власт

3 Х СЈО

1 Ние навистина мора да сме лудаци ако чекаме исход од ова што сега се нарекува „преговори за новиот Закон за Јавно обвинителство“. Море работни групи во Собранието, море консултации, море усогласување на амандмани, море после одморите ќе се наврателе на законските измени… Бре, бре, бре… Глумење демократски процес. Демек, меѓупартиски дијалог.

Тие преговори за новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши и иднината на предметите на СЈО, се фарса уште од моментот кога во нив се вклучија осомничени и обвинети, баш во предмети на тоа Специјално обвинителство. Има ли поинвентивно фингирање демократски процес од овој, кога осомничени криминалци преговараат дали треба да постои обвинителство што треба да ги гони баш нив за криминалот што го правеле додека биле на власт. Пратеникот Антонијо Милошоски преговара за оддржливо решение за правда, а го чувме како додека беше министер за надворешни работи нарачува лустрација на судија оти татко му требало евтино да купи државен имот. Мора да сме лудаци, ако очекуваме пратеникот  Илија Димовски да гласа за продолжување на предметите на СЈО, кога тој е еден од 21 висок партиски функционер обвинет баш од тоа СЈО за изборни измами.

Основната партиска линија на ова новово ВМРО-ДПМНЕ, од моментот кога не успеа да формира Влада, па преку нападот на Собранието на 27 април 2017, сѐ до денеска е дека не смеат да одат в затвор за криминалите што ги направија. За обвиненијата на СЈО за нелегалното прислушување, силеџиство, кражба на избори и украдени милиони и милиони евра, велеа дека им се врши политички прогон. А како што опасно се приближува 15 септември, кога треба да се одлучи за судбината на предметите што произлегоа од нелегалното прислушување и откако на државата ѝ се случи „Рекет“ сосе специјалната обвинителка Катица Јанева како една од осомничените, запеаја и друга песна. Демек, не треба да нѐ гоните нас, оти и вие крадете. Ај да не се апсиме за џабе.

2 Овие преговори за иднината на СЈО се со една единствена цел – никој од ВМРО-ДПМНЕ да не оди в затвор. А бидејќи партнер на СДСМ е ДУИ, за чии функционери исто така има истраги на СЈО од времето кога му беа партнери на Груевски, и тие не смее да одат во затвор. Овие преговори немаат никаква врска со право и правда. Немаат никаква врска со некаков правосуден систем што треба да функционира, а не пак да се реформира. Овие преговори се сведуваат само на надмудрувања како да не одат в затвор тие за кои што со свои уши чувме дека треба да завршат в затвор. Криминалот што го правеше ВМРО-ДПМНЕ до пред две години, треба да остане неказнет.

Ова е единствената држава во која во Парламент се преговара како да не одат в затвор политичари што се фатени во кражба и насилство. Ова е единствена држава во која пратеници преговараат за закон кој ќе го легализира криминалот на претходната власт. Со што создаваат легална основа да се легализира криминалот и на оваа власт. И на идните власти. Прво ние крадевме. Сега вие крадете. И кога пак ќе дојдеме на власт, пак ќе крадеме.

И не знам до кога ќе се чудиме со кое лице вмровскиве пратеници, сосе нивниот лидер Христијан Мицкоски, бараат расчистување на криминалот на оваа власт, а не дозволуваат да се расчисти со криминалот што нивната партија го направи додека беше на  власт. Еј, ВМРО-ДПМНЕ зборува за мафијашка влада, за режим, за хунта што ја гуши слободата на медиумите, за недомаќинско трошење на јавните пари… Еј, ВМРО, чиј лидер осуден на затворска казна, кој се маскира како почесен претседател, избега во Будимпешта.

Навистина, мора да сме лудаци ако уште се прашуваме каде е моралот на тие што ќе гласаат против закон со кој ќе се гони криминал и корупција на високи функционери. Моралот не живее во ова Собрание. А со чесноста изгледа биле скарани уште пред тоа.

3 Како што тргнала работава, за реформи на правосудството нам не ќе ни требаат три Специјални обвинителства. Едно, што ќе ги заврши до крај случаите со криминалите на ВМРО-ДПМНЕ што ги чувме во нелегално снимените разговори на Мијалков. Второ, што ќе ги испитува криминалите на СДСМ од снимките на Орце Камчев. А со ДУИ што правиме? Е, тие се недопирливи, оти тука тужат дури и ако некој против нив сведочи во њујоршки суд. Тоа Специјално обвинителство што ќе ги лови криминалите на ДУИ ќе мора да е ултраспецијално. Под покровителство на НАТО. Оти, секое испитување на криминалите на ДУИ се претвора во регионален безбедносен проблем.

4 Не знам дали треба да сме задоволни дека Катица Јанева е во притвор, а таа требаше да ги стави сите во затвор.  Ама, знам дека сме многу разочарани.

Но, дали поради тоа што еден обвинител е осомничен дека преминал на другата страна треба да престанеме да веруваме во вредностите за правда, еднаквост и слобода? И ако престанеме да веруваме во тие вредности, што тоа ќе значи за нас како заедница?

Треба ли да има правда во оваа држава? И дали таа правда треба да биде еднаква за сите?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира