1 Да не се занесуваме. Не е ниту до цар Самоил, ниту до Гоце Делчев. А уште помалку е пак за Бугарите што немаат права во Македонија. За разлика од Македонците што ги имаат правата во Бугарија. Тоа се само оправданија да продолжи бугарската офанзива за дестабилизација на Македонија.
Апсурдни се изјавите дека „не постои земја во Европската Унија што повеќе сака да ја види Северна Македонија во ЕУ од Бугарија“. Значи, Бугарите против своја волја го ставаат ветото!? Те моча од керамиди и ти вика дека врне.
Офанзивата против Македонија е дополнително засилена со изјавите од официјална Софија дека Албанија треба да се издвои во процесот и може да ги почне преговорите со ЕУ. Како да не знаеме каква дестабилизација би било тоа за Македонија. А тие сигурно знаат.
Ова се потези на класична непријателска земја. Бугарија не ни крие дека има територијални претензии кон Македонија и сè што не успеала со векови да реализира, сака да го оствари сега. И тоа како земја-членка на ЕУ.
Дали претседателот им е армиски генерал или студент на Харвард, нам исто ни се фаќа. Зошто би се надевале дека некој што дипломирал на Харвард би бил помалку националист од бивш телохранител на Тодор Живков, кога сите се повикуваат на националистичка декларација на бугарскиот парламент од 2019 дека македонски народ и македонски јазик не постојат. И тоа го прават при потпишан Договор за добрососедство.
И ако навистина е валидна последната анкета дека 70 проценти од Бугарите го оправдуваат ветото за Македонија, тогаш ние со соседиве сме во студена војна. И тешко е дека од таа војна Македонија ќе излезе неповредена.
2 Ај, некако и може да се разбере зошто Бугарија се радува на дестабилизација на Македонија. Ама, никако не можам да сфатам зошто ВМРО-ДПМНЕ и Левица се радуваат на третото бугарско вето. Браво Бугарија, одлично е тоа што ја дестабилизираш мојата земја.
3 Делегацијата на ЕУ во Скопја почна нова кампања „ЕУ со тебе“ посветена на европскиот зелен договор. На промоцијата на кампањата беше речено дека тој договор „поставува Музеј на иднината, како потсетник за тоа што може да се изгуби во текот на нашиот живот поради климатските промени и деградацијата на животната средина“.
Ја утнале темата. Кај нас ЕУ треба да постави Музеј на иднината како потсетник за тоа што може да се изгуби во текот на нашиот живот поради климата што ја созадоа прво грчкото, а сега бугарското вето и деградацијата на европските вредности. И таа поставка нека биде постојана.
Па после им било криво дека и покрај „ЕУ со тебе“ тука расте недовербата кон ЕУ, зашто сè побројни се тие што на анкетите одговараат дека треба да се свртиме кон Русија, зашто се воодушевени од секоја изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, зашто јакне Левица, зашто луѓето и по 30 години жалат за Југославија…
Онаа слика од авиончето на која Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи покажуваат со прстето дека сме добиле датум не е направена затоа што тројцата се договориле да нè лажат, туку затоа што биле излажани. Како да не се разочараш од Европската Унија? Како да не им се лутиш на некои за кои сме мислеле дека се паметни, вредни, чесни и си стојат на зборот?
Еј! Да убедиш држава да си го смени името. И после да ѝ речеш: Извинете, ама нам такви ни се прописите. Дозволено е земја-членка да ти каже дека не ти постојат ни јазикот, ни нацијата.
Наместо да ни викаат „Не откажувајте се“, почесно ќе беше да ни соопштат: „Извинете, ние пробавме сè, толку можевме, барајте си чаре“. Како што не е реткост во меѓународната политика да се прифати прагматичен принцип „стабилност пред демократија“, тогаш и ЕУ нека си го официјализира принципот „консензус пред цивилизациски вредности“. За европски вредности веќе нека не ни држат предавања. Оти во случајот со бугарското вето, навистина не знам какви вредности брани ЕУ со консензусот.
4 Да се вратиме на вестите од земјата.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека „во завршна фаза е процесот на формирање агенција за безбедност на патиштата“.
Наместо во завршна фаза да е изградбата на патиштата, тој во завршна фаза прави уште една институција за вдомување партиски послушници на наша сметка. Дека малку се две државни претпријатија за одржување на патиштата, плус приватни фирми на кои овие државни претпријатија им плаќаат да им ја вршат нивната работа. Дека без уште една агенција со директор, секретарка, возач и вработени за одржување на парламентарното мнозинство не можат да се обновуваат знаците, да се коси тревата околу патот, да се поправа оградата околу автопатиштата, да се бележат бели и жолти ленти…
Преставниците на ДОМ и ЛДП рекоа дека Заев, за да го неутрализира нивното незадоволство, им понудил министри без ресор. Заев ќе си оди. Нека си ги земе во фирмата ако се незадоволни од новата коалиција и нека си ги постави како директори без ресор. Нека им плаќа и секретарки, и возачи и коли и репрезентација. И нека ги одржува во кондиција до следните преговори за парламентарно мнозинство.
Идеите за вдомување на коалициски партнери се креативни. Ако се зафатени постојните институции, ќе се создадат нови. Проблем ли е да се отворат нови агенции, директорати, дирекции, управи, центри…Како ли не им текнало досега да отворат и Министерство за надлежности? Што ќе работи тоа министерство? Не се знае, ама сите ќе мора да добијат печат од тоа министерство. Ќе дава надлежност на сите што се ненадлежни.
5 Сообраќајот во главниот град беше блокиран неколку часа. Никој не знае зошто. Новата градоначалничка Данела Арсовска го обвини МВР дека не го регулира сообраќајот. МВР ја обвини дека не си ја знае работата, оти регулацијата е во надлежност на Град Скопје.
Најдоброто нешто што го знае секоја власт е да ја префрли вината на друг ако не знае да го реши проблемот. Ако вака продолжат локалната и централната власт да си префрлаат одговорност и надлежност, тогаш барем наредните две години ќе живееме во парализа.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST