ДА ЗАБРИШЕМЕ

Се претера и со антифашизмот

ДА ЗАБРИШЕМЕ

1 Ај, ќе збориме за иднината. Ќе се ослободиме од стегите на минатото. Тргањето на бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ има цена. И сетики, ќе ја платиме. Оти, колку и да се лутиме сега, идентитетските прашања и оспорувања ќе се затворат со влез во ЕУ.

Ама, смее ли некогаш да се искритикува Заев, а да не те обвинат дека си вмровец? Или бранковист? Или антиевропеец? Зошто кон сите кои сме се нашле повредени од неговите ставови во врска со Бугарија и тоа јавно го кажуваме, веднаш се почнува со дискредитации, со хејтање по социјални мрежи, со банерчиња од типот „сети се снао“, со пораки: „Не му заборавајте на Заев што сѐ направил“. Многу направил и многу издржал. Супер. Ама, белким и ние сме направиле нешто. И нашите претци направиле и издржувале. Еве, тетка ми Маре издржала три години во бугарски затвор во Битола. И по ослободувањето, цел живот издржала да не ни ја пренесе омразата кон Бугарите оти никогаш не раскажа што ѝ правеле во затворот.

Паметењето што сѐ направил Заев не треба да нè натера да заборавиме што направиле нашите антифашистички претци. Држава ни направиле.

Не верувам дека дури и самиот Заев толку им забележува на тие што му се лутат за ставовите во бугарското интервју, колку што се вознемирија партиските ботови. Не е за осуда тоа што го бранат и го дообјаснуваат, оти имал добри намери, ама лошо бил сфатен. Ама, во покажувањето лојалност и подлизурковство отидоа до таму да ги исмеваат луѓето што извадија слики од старите албуми и постираа споменици со имињата на своите претци кои се бореле против бугарскиот фашистички окупатор.

Што е тоа поразлично од оние што, за да му се додворуваат на Никола Груевски, пиеја вода од Дојранското Езеро за да докажат дека водата е чиста?

2 Народната мудрост вели: Јазикот коски нема, ама коски крши. Па дури и Бугарија да го тргне ветото и Македонија да ги почне преговорите со ЕУ до крајот на годината, ќе остане горчината на изреченото.

Ќе си речеш, ај Заев е таков. Му личи на табиетот. Не сака конфликти. Ги решава проблемите со договарање, со пазарење, со разбирање на другата страна. Практичар е. Па, тој им прости и на организаторите на нападот на Собранието на 27 април 2017 кога одвај извлече жива глава, а нема да им прости на Бугарите чии претци пред осумдесет години ги стрелале неговите претци? Ако можеше на суд да рече дека Трајко Вељаноски и Миле Јанакиески за организирање на нападот на 27 април биле изманипулирани од Груевски, тогаш нека ги оправда и Бугарите и нивниот цар Борис оти во 1941 година биле изманипулирани од Хитлер.

Ама, мораше ли за да ги успокои Бугарите да ги вознемири Македонците? Ние да се чувствуваме лошо, за Бугарите да се чувствуваат добро? Ние да се правдаме дека нашите се бореле против фашистите.

Француското вето од минатата година и новата методологија за проширување на ЕУ е смислена токму за во иднина да не им се случи грешка, па да им се протне некоја Бугарија. Таа Бугарија, која и по 13 години членство сè уште е под мониторинг на Европската комисија за реформи во судството, борба против корупцијата и организираниот криминал. И кога станува збор за преговарачката рамка, Германија како претседавач на Унијата е со нас. Останатите 25 земји се со Германија. Бугарија е сама. Лошото дете на Европа е осамено.

Тогаш, кој бараше од Заев да го бели историското петно на Бугарите? Кој бараше од него тој да си ја преземе врз себе вината за бугарската окупација на Македонија и соработката со фашизмот?  Европската унија ли го бараше тоа од него? Европската унија ли рече дека ние не можеме да им се придружиме затоа што сме се бореле против фашизмот?

Европско решение е кога канцеларот на тогашна Западна Германија Вили Брант во 1970 година клечеше во Варшава во знак на извинување за злосторствата што им ги направила фашистичка Германија на Полјаците. Во 2020 година, излезе дека европско решение е ние да клечиме во знак на извинување што Бугарите пред 80 години имале фашистичка власт, а ние сме биле на страната на антифашистите.

Па ај тогаш, да им се извиниме и на партизаните. Оти, според европска Бугарија, тие не се бореле против фашизмот. Решавале административни проблеми со „некоја администрација“. И министерот за одбрана на европска Бугарија Красимир Каракачанов не мора да праќа војска да ги брише плочите од спомениците на антифашистите. Сами ќе ги избришеме за да влеземе во ЕУ. Некоја друга желба да не имаат нашите драги браќа соседи и пријатели од европска Бугарија? Кога сме веќе со крпата в раце, да забришеме уште некоја дамка од нивната историја.

3 Туку, ај да не претеруваме со антифашизмот, оти сакаме да влеземе во ЕУ. Ете, се наѕира и компромисната формула дека „фашизмот нема етничка припадност“.

Нема да зборуваме за минатото и што биле Бугарите пред 80 години. Ајде да зборуваме за тоа што е официјалната бугарска политика кон Македонија денеска. Кои зборови смееме да ги употребиме кога земја-членка на ЕУ, во 21 век, правото на самоопределување, на различност, на употреба на јазик го става како услов за влез во ЕУ, а тие зборови да не се протолкуваат како јазик на омраза?  Што да се каже за земја членка на ЕУ која отворено не прифаќа ни да се зборува за некакво малцинство на нејзината тероторија? Еве, ние и да се откажеме од македонско малцинство во Бугарија. Што ако некој граѓанин во европска Бугарија сака да каже дека е Македонец? Ќе му забранат ли така да се чувствува? Колку е тоа европски?

Пред само три години, истата таа Европска унија го величаше Договорот меѓу Бугарија и Македонија како клучен за стабилноста на Европа. Потпишувањето на Договорот меѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов  го поздравија и САД и Велика Британија, а од ЕУ земјите посебно се јавија Германија и Холандија.

Кој го наметна сега овој глупав муабет како услов за влез во ЕУ? Ние си бркавме работа, си броиме кворуми во Собрание да менуваме закони, им ставаме европски знаменца, си се мачиме со реформи во судството, се расправаме со јавна администрација, си се бориме со корупција, со загаден воздух, со човекови права, со забрана за дискриминација, со забрана за семејно насилство, бараме поголема слобода на информирање… На нашиот пат кон ЕУ, ниту сме мислеле што биле Бугарите пред осумдесет години, ниту пак некако ги викавме. Дури, и спомениците на кои сега нè потсетија Каркачанов и Захариева ги имавме подзаборавено.

Ние тука наивни, ќе веруваме во европски вредности, а тие на дело ги кршат – европските вредности. А Европа гледа и вика – ваша работа, договорете си се.

И ајде сега, биди премиер и реши го проблемот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира