ДУХОТ ШЕТА

Груевски си го изведе бегството во согласност со позитивните законски прописи и Уставот на Република Македонија.

ДУХОТ ШЕТА

1 Што сè не преживеа овој Груевски. Жилав е. Отпорен. Како лебарка е. Утре во Будимпешта да падне атомска бомба и од таму ќе се спаси. А ние, еве тече веќе трета година од објавувањето на бомбите, а уште не можеме да се ослободиме од него. Телото му е во Будимпешта, а духот му шета низ Македонија. Таму, како во предизборна кампања се смее од плакатите на унгарската опозиција, а тука ни се смее на сите во лице пишувајќи ни пораки на Фејсбук.

Па уште од Будимпешта нè поздравува дека тој веќе влегол во ЕУ и НАТО. Големиот херој од Унгарија ќе се борел посветено за македонската кауза. Виктор Орбан му даде политички азил затоа што во Македонија не чинело судството. И немало добри услови во затворите. Па да го почекаме да ни се врати. За тој да нè внесе во ЕУ и НАТО. Да го оправи судството. Да ги извади од некоја фиока тефтерчињата на Гоца. И да ја праша секретарката кои имиња ѝ ги издиктирала претседателката на Судскиот совет, како што слушавме во бомбите како диктираше судијката Александра Зафировска. И што знаеше точно колку години ќе лежи Љубе Бошковски уште кога го уапсија. А на Фиат Цаноски му ја урна зградата „без тупење – со динамит“ оти му ја напушти коалицијата. И сега доби азил оти тој бил политички прогонетиот.

Кога војводата ќе се врати од Унгарија ќе ги реновира и затворите. По европски стандарди и прецизни насоки на братучедот Сашо Мијалков. Кој сега е ангажиран на твининг проект и вмрежување во реални услови во Шутка. Можеби и унгарскиот министер за правда Лазло Трошани ги слушал бомбите па изјави: „Да бидеме искрени, ако поранешен премиер оди во затвор сигурно нема да му биде лесно“. Е па го слушнавме Мијалков како му се фали на Латас во бомбите: „Да му пуштам некој понадарен“. И братучедот му се пожали на Орбан дека и него го чекале во затвор.

Сега фали уште Унгарија да нè блокира во НАТО и ЕУ оти сме имале многу корупција. Да не е многу? Па Орбан ќе ни го чува Груевски во Будимпешта, да го научи како да се бори против корупцијата. А неговите од партијата што ги терал да се потпишуваат наместо него нека си седат во затвор, оти тие не биле премиери, па затворот полесно ќе го поминат. Груевски ништо не потпишувал, а тие само желбите му ги исполнувале. Некој мерцедес му купувал, некој шамари удирал, некој уплатници за партијата пополнувал. Тој на каузата ѝ се посветувал. А тие потписи ставале.

2 Ај што Груевски ни се смее од Унгарија, земја на ЕУ и НАТО, туку и бегството го организирал поминувајќи ги границите на две земји – членки на НАТО, Албанија и Црна Гора. Сега се гледа дека како што посветено работел да се одржи на власт, со истата посветеност работел и на своето бегство. За жал, колку што тој бил организиран за да изведе бегство и да добие азил со операција изведена до совршенство, толку полицијата и тајните служби покажаа неспособност до совршенство.

Груевски ѝ побегна на државата со помош на цела инфраструктура што тој ја градеше цела деценија за да му ги сервисира потребите. Од претседателот на државата, па до Комисијата за заштита од дискриминација. Од МВР сосе професионалците кои го чуваа и го дочуваа, па до оние на кои не им било сомнително зошто одеднаш ги празни сметките. Си го изведе бегството, како што викаше, во согласност со позитивните законски прописи и Уставот на Република Македонија. Сè по закон шефе.

3 Дали Груевски е кукавица или херој, сега е сосема неважно. Дали го зезнал Сашо Мијалков, па додека тој шета низ Будимпешта, братучед му, кој му беше најсилната логистика лежи во Шутка, да не им се мешаме. Тоа е нивна фамилијарна работа. Нас нè интересира како успеа од државата да избега најбараниот криминалец. И кој е одговорен за неговото бегство. Нема белким главен виновник да биде судскиот курир што не ѕвонел упорно на вратата на станот каде што живее осуденикот. Или пак Боркица што на полицајците им рекла дека мажот ѝ моментално не е дома.

Груевски доби азил, меѓу другото повикувајќи се и на дадената, па потоа повлечена аболиција од претседателот Иванов. По разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошковски кои избегаа во Грција, Груевски е трет човек што ја користи аболицијата на Иванов да ѝ избега на правдата. Зарем тоа не е доволен сигнал Обвинителството конечно да почне да се занимава и со него.

Оваа операција не е смислена преку ноќ. Ако навистина сакаме да дознаеме како избегал Груевски, треба да се вратиме најмалку две години наназад. Барем до 12 април 2016 кога Ѓорге Иванов го аболицираше Груевски со уште педесетина политичари и нивни соработници за кривичните дела кои почнаа да се откриваат во бомбите. Од тогаш почнува и планот за бегање.

4 Премиерот Зоран Заев по секоја бомба викаше „Ова зло никогаш да не се повтори“. Искрено, не очекував дека она „никогаш“ ќе дојде толку брзо. Оти што е, ако не повторување на „ова зло“ целата шарада околу исчезнувањето на осудениот Груевски, комбинирана со прикаските за амнестија и помирување и некаква собраниска комисија која, наместо судот, ќе одлучува кој бил насилен, а кој не на 27 април 2017. Со оглед на тоа дека нема ни истрага ни бутур за бегството на Груевски, изгледа дека она „никогаш“, не само што ни се враќа, туку и ќе потрае.

5 А богами ќе потрае и со неписмените кадри на ДУИ и со уцените на Али Ахмети. Покрај Хазби Лика, што го плаќаме како вицепремиер, а не доаѓа на работа, конечно го видовме и министерот за екологија Садула Дураки. Прочуениот Командант Вентиљи кој во 2001 година го држеше Куманово без вода оти ги затвори вентилите на Липковското езеро конечно прозборе за загадувањето и рече дека тој нема работа со граѓаните. Добро де, можеби така не мислел, оти се виде дека или не го разбрал прашањето, или не знаеше убаво да се изрази. Поарно ќе беше да си молчи и сите да мислиме дека е паметен, отколку вака кога прозборе, па ги разби сите сомнежи.

По што би се разликувал министерот со рамковно вработување во Влада од шумарот со рамковно вработување во Македонски шуми? По платата, службената кола и по секретарката. Па барем од министрите што ги предлага ДУИ очекуваме да бидат малку пообразовани од оние што по партиски список ги примаат во Македонски шуми. Сепак тоа се министри на сите граѓани во Македонија. Не само на „своите“ 25 проценти.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира