ИМУНИТЕТ НА СТАДО

Ве малтретираат? Таква ви била среќата.

ИМУНИТЕТ НА СТАДО

1 Нема корупција. Има само перцепција дека има корупција. Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски вели дека сега граѓаните и медиумите се слободни и отворено зборуваат за корупцијата, граѓаните многу очекуваат, а од друга страна уште не е зајакната колективната свест за штетноста од корупцијата, па затоа на последниот извештај на Транпаренси Интернешнл, земјава е рангирана најлошо до сега, на 111 место од 180 земји во кои се мери перцепција за корупција.

На крајот на краиштата, во битката против корупцијата е и подигање на свеста кај граѓаните. Па ако порано за некои работи мислеле дека се нормални и вообичаени, сега сфатиле дека се корупција. И добро е што граѓаните барем мислат дека има корупција. Оти, ако се цени според завршени судски процеси, нови истраги за висока корупција против функционери, па и гонење корупција кај пониската државна администрација, и ако се избројат завршени предмети на Антикорупциската комисија, во Македонија корупција – нема.

2 Не е корупција само давањето пари во коверт. Корупција е силата што ти ја дава функцијата на која те поставила партијата. Може вицепремиерот Николовски да кажува приказни за етика и морал, ама и самиот знае како во Македонија се станува директор на јавно претпријатие или државна институција, член на Управен одбор, советник,  пратеник, градоначалник…

Партијата е расадник на кадри. Знаете какви сѐ директорски места има и кој сѐ станал директор? Веројатно, во партиските централи и забораваат кого сѐ поставиле на кое место. Тие луѓе не се ставени за директори или шефови затоа што заслужиле дека ги бива. Заслужиле оти добро се изгребале во партија. И нормално, бидејќи тие си знаат дека не би можеле ни да сонуваат да бидат таму каде што се според квалификациите што ги имаат, ја користат секоја минута за слава и пари. Мала држава сме. Ко да не се знаеме кој колку е кадарен.

Холандскиот амбасадор пред десетина дена рече дека му е чудно зошто дури и директори на национални паркови се менуваат кога ќе се смени власта. А ние одамна не се чудиме зошто кај нас од промена на власта стравуваат дури и чистачките во школите.

Чат-пат партијата и ќе убоде некој кадар што е вистински човек за вистинското место. Ама тоа се исклучоци, кои иако се покажале добри, ќе бидат сменети кога ќе се смени власта. Или кога ДУИ ќе го посака тоа место. Како може да се јави некој кој се чувствува способен, кога знае дека тоа место е резервирано за партијата. Луѓе кариера направија од партија. Малку во Шуми, па после во Катастар, па во Железница, па во некој институт за клатење врати, па некоја управа за водење нешто,  па некој Водовод, канализација, нешто кај што треба да се вработува, па пратеник, па министер за што и да е….

Така одат работите. Излегува дека најдобро е да си од партија. Па макар и од опозиција. Така си заштитен. Остај ги, да не се вратат, ќе ни се најдат. Тоа е цврст договор со себе дека те интересира само личниот и партискиот интерес. Оти партијата нема да те даде. И само партијата може да ти суди. Тоа се вика колизија во корупција.

Владата на Заев го смени речникот, ама не ја смени праксата. Затоа и перцепцијата на граѓаните е таква каква што е. И нема да се промени сѐ додека и јавната функција и приватниот бизнис зависат од партијата. Луѓето ќе имаат перцепција за корупција сѐ додека не видат дека може да им веруваат на институциите и растоварени од паразити да си ја бркаат својата работа и својот живот. Е тоа треба да си го признае власта. Па дури и да се работи само за перцепција, а не за реална состојба на корупција, перцепцијата за корупција е сосема легитимна.

3 Случајот со директорот на Струшката болница Мухамед Хасани, кој со години прегледувал дома во нерегистрирана ординација, што е? Перцепција ли е? Или класично беззаконие? Му забраниле да работи во ординацијата што нема ни дозвола да биде ординација. И што му рекле? Срам да ти е, нека ти служи на чест. Не можат да го сменат поради лекарска грешка оти со царскиот рез извадил и бубрег и јајник. Не можат да го сменат оти е директор на државна болница, а илегално прегледува дома. А директорката на Кожно, што била во Италија на скијање и болна од ковид-19 одела на работа, ја сменија преку ноќ. И казна си плати. И  други директори на клиники и здравствени установи можеа да бидат сменети без образложение, оти со новата прераспеделба на власта ДУИ не доби премиер. А овој, дека е од Струга, страв им е да помислат и да му се обратат. Зошто? Затоа што има слика во рамка со Али Ахмети во канцеларијата.

Исто како градоначалникот на Сарај Блерим Беџети кој, да не заборавиме, едно време беше и министер за правда. Сега околу Езерото Треска си урива како што сака. Исто како што на Езерото Матка им дозволи на кафеанџии да си ставаат диви платформи како што сакаат. Ама бидејќи и тој има слика со Али Ахмети во Кабинетот, никој ништо не му може. Освен партијата, ако ептен нешто  им згреши.

Имаме закони. Имаме подзакони. И имаме надзакон – ДУИ.

4 И сега ќе седиме по тркалезни маси, ќе дебатираме на телевизии, ќе џвакаме јазици што било перцепција, а што било корупција, синким судството и обвинителството не ни се одамна исперцепирани и синким не знаеме како функционираат и државата и општините.

Туку, ако си немате попаметна работа, седнете еден ден пред телевизија и гледајте една седница на Собранието. Да видите кого сте избрале да предлага и да носи закони и од кого ви зависи квалитетот на животот. Да се уверите колку државата ни е партиски заробена. И од владејачките партии и од партиите од опозицијата.

Никој нема свое мислење. Никој не отскокнува со свој персоналитет. Никој не се осмелува да каже нешто поинаку од партијата. Пратениците се партиски роботи и горди послушници. Тие таму не само што гласаат по команда, туку по командата од партијата одат или не одат на седница. Партиски стада. А бидејќи Уставот им дава пратенички имунитет, тие веќе имаат развиено имунитет на стада. Кој не ги заштитува од ковид-19. Ама ги штити од сѐ друго, па дури и од сопственото мислење.

5 Полицијата уште пред една година ја откри групата „Јавна соба“ во која на социјалните мрежи неовластено се споделуваа фотографии од жени и девојчиња. Ама насилниците си биле комотни цела година да малтретираат сѐ до пред неколку дена, кога жртвите излегоа со сведоштва што истрпеле и кажаа дека пријавувале во полиција, ама таму им рекле дека не можат ништо да направат.

Е можело. Четворица се уапсени. Ама можело дури откако се дигна галама на социјалните мрежи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лично се осети прозван да реагира, па дури и премиерот Заев се закани дека ќе ја укине мрежата каде што беше регистрирана групата.

Дефектен е системот во кој полицијата реагира под притисок на јавноста, а пријавите на жртвите ги игнорира.  Особено што жртвите се жени.

Ве малтретираат? Таква ви била среќата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира