ИСТРЕСЕНИ ГАЌИ

Да се мајтапиш со Мицкоски, а да се плашиш дека ќе победи на избори, тоа зборува за сериозен дефект во менталниот склоп на владејачката партија

ИСТРЕСЕНИ ГАЌИ

1 Во прв момент, целата оваа приказна изгледа многу забавно. Речиси е неверојатно како се испреплетуваат судбините на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со шоуменот Боки 13, со документарните филмчиња од скриените камери на Орце Камчев, со избеганиот поранешен премиер Никола Груевски во Будимпешта и со обвинителката Вилма Русковска, која толку многу се разочарала од судиите, што во состојба на афект среде ноќ им се заканува дека ќе им покрене финансиска истрага. Сето тоа, нормално, придружено од изјави на адвокати, ТВ снимки, новинарски извештаи, лекарски дијагнози, експертски анализи… Да гледаш сеир и да уживаш.

Ама, кога ќе ти слегне првичната возбуда, кога ќе се намали љубопитноста и кога сето тоа ќе се обидеш да го свариш со разум, затоа што од нивните испреплетени судбини зависи нашата судбина, сфаќаш дека ова што ни се случува е тежок очај.

Судиите, заедно со адвокатите на обвинетите од СЈО, ги употребија сите можни финти да ги одложат судењата, да ги вратат судењата на почеток, да ги застарат кривичните дела. Судскиот совет тие прашања не ги ни поставува на дневен ред. Обвинителката Вилма Рускоска на судиите што  ја пуштаат Катица од притвор во Шутка во домашен притвор им пишува смс пораки дека „ќе ги истресе од гаќи“.

Ај што Русковска се заканува, ама остава и писмен доказ. А јавен обвинител е. Би требало да знае што е доказ. Тоа ти е отприлика слично како кога Катица Јанева, која требаше да лови криминал врз основа на прислушувани разговори, на телефон и тоа пуштена на спикерфон, најспокојно вика: „Не се секирај. Сѐ ќе биде океј“. На чиј телефон зборува? На телефонот на Боки 13. Шоуменот со брендирани алишта без трансакциска сметка. И на кого му кажува дека сѐ ќе биде океј? На Орце Камчев!?

За правда збориме. Не за мир.

2 Туку, можеби имаме среќа дека секојдневно имаме вакви комични ситуации што ни го преокупираат вниманието, па немаме време да сфатиме колку во суштина комичните приказни се – трагични.

Значи, да резимираме. Прво, Специјалната обвинителка што требаше да ја испофаќа мрежата на криминалците што примале поткуп и давале поткуп, самата се фатила во нивната мрежа и обвинета е дека почнала да прима поткуп. Второ, судиите што ги судат високопрофилните личности што ги гонеше таа обвинителка гледаат како да не ги осудат. И трето, на обвинителката што го води случајот против колешката обвинета дека рекетирала осомничен што самата го гонела,  првото нешто што ѝ паѓа на памет кога како странка во процесот ќе се разочара е да им се заканува на судиите дека ќе им отвори финансиска истрага. А да не се разочараше, немаше ли да им отвори?

За обвинетите во „Рекет“ ги разбравме сите спектакуларни детали. И кому колку му е притисокот и кој повраќал и каква е процедурата за колоноскопија и кој мочал крв… Сѐ се дозна, само не се дозна кој е виновен што од Обвинителството истече записник од исказот на жртвата Орце Камчев. И не се дозна каде се парите. Каде се милион и пол евра што Боки 13 ги изнел од кај Орце дома во Луј Витон чанта?

А ние зборуваме за некаков датум за почеток на преговори со ЕУ, за отварање на некакви поглавја, за борба против корупција, за владеење на правото, за некакви француски нон-пејпери и методологии, за Емануел Макрон и за Ангела Меркел… Се бавиме со висока политика и се секираме за нешто што не можеме да смениме, оти не зависи од нас. А дома се давиме во гнилеж од правосуден систем.

3 Измешани се чувствата кон Катица Јанева. Затоа што таа го урниса единствениот идеал што се чинеше дофатлив со формирањето на СЈО. А тоа беше владеењето на правото и казнувањето на корумпираните. Но, уште ми е за неверување дека Катица за пари прокоцкала таква доверба, моќ и општонародно обожавање.

Ужасна иронија на судбината е спактакуларното спроведување на Катица Јанева од затвор во домашен притвор, на начин на кој што ниеден од тие што беа обвинети од неа не беше спроведен. Не видовме никого така да го шетаат, а некои се обвинети за многу поголеми криминали од нејзиниот. На пример, за злосторничко здружување. Досега не видовме ниеден обвинет како го носат во притвор и како го враќаат во домашен притвор, и не видовме дека полицијата дозволувала новинарите толку да му се доближат и да му се внесуваат в лице со микрофоните и камерите. Без никакви безбедносни мерки. Станува збор за Специјална обвинителка обвинета во специјален случај за висока корупција. Што ако меѓу новинарите се беше вмешал и некој платен убиец?

Катица Јанева е само обвинета. Не е осудена.  Па дури и да е осудена, не може да ја изложиш така што ќе ѝ ја загрозиш безбедноста. Во интерес на правдата е таа да го дочека судењето жива и здрава.

На крајот на краиштата, не е ни до Катица.  До правдата е.

4 Јас никако не би се мајтапел со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со лидерот Христијан Мицкоски по објавеното видео од средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, на Самитот на сестринските европски народни партии во Загреб. Можеби малку е смешна ситуацијата, околностите, сценографијата, масата, пијачките, тонот на разговорот, како Борисов му поставува прашања на Мицкоски, а тој му одговара час на македонски, час на бугарски јазик… Ама ништо од тоа што го чувме не е смешно.

Мицкоски се однесуваше исто како што се однесува дома. И му го кажува на Борисов истото што им го кажува на своите сопартијци и симпатизери. Ништо не кажува. И кажува дека ќе победи. А неговите му веруваат.

Не знам што е тука смешно.

Да се мајтапиш со Мицкоски, а да се плашиш дека ќе победи на избори, тоа зборува за сериозен дефект во менталниот склоп на владејачката партија. А богами и не само во партијата. Оти се мајтапат и тие што викаат „одвај чекам да не излезам да гласам“.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари