МАНГУПИ И ШИЗИЦИ

Наместо да ги тргнат мангупите што ѝ пречат на државата, државата ќе го тргне зеленилото што им пречи на мангупите.

МАНГУПИ И ШИЗИЦИ

1 Четири години се бореа против нелегалните урбанистички планови што ВМРО-ДПМНЕ ги носеше во четири саат сабајле и – се предадоа. СДСМ пак си пукаше во нога на три месеци пред локалните избори. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ го потпиша одобрението за градба на една од трите дваесеткатници кај „Холидеј ин“. Сега нека го повикаат инвеститорот МПЦ да им ја обезбеди победата во октомври. И нека ги гласаат идните станари на кулите.

Со какви ветувања ќе одат во предизборната кампања? Што ќе понудат? Станбени згради? Затнат центар на градот? Успешно го изедовме Водно, го потрошивме просторот во Дебар Маало и Кисела Вода, кај и да е и на Карпош ќе му го земеме воздухот, па ќе се свртиме и на Расадникот. Ќе имаме метропола на незадоволни жители и задоволни инвеститори.

Во случајот со „Холидеј ин“, ВМРО-ДПМНЕ им ги смени плановите, а СДСМ им ги доукрупни парцелите. Така што, нема спас. Денес е „Холидеј ин“, ама утре ќе биде Расадник. Не е проблем локацијата. Проблем е принципот. Ако денеска власта дозволува да се гради според план што не е усогласен со Генералниот урбанистички план, утре ќе си носи закони што не се усогласени со Уставот. Зошто? Затоа што така посакал инвеститорот.

Најбезобразно е што власта тоа го продава како развој. Да, де. Тоа е развој. Ама на бизнис плановите на инвеститорите, а не развој на градот и на квалитетот на живот. Па уште и ќе те прават идиот – ќе ти викаат – ама, вие сте завидливи, многу ќе бидат убави зградите. Е, уште да не бидат убави! И крајно навредливо е за развој да ти продаваат неконтролирано градење оти тоа на инвеститорите им носи профит, на Општините пари за комуналии со кои ќе ја плаќаат партиската војска во администрацијата, а нам што сме решиле да живееме тука ни носи прегреан и загаден град, без зеленило и светлина, без пристап за пожарни возила и брза помош, пренатрупан со коли.

Инвеститорот не го гласаме на избори. Од него не ни очекуваме да го штити јавниот интерес. Баш му е гајле дали ќе има доволно школи, градинки, амбуланти, паркинг места, брзо проодни улици, паркови…  Ама, навистина, баш му е гајле. Ќе си ги продаде становите, ќе си ги земе парите и ќе си замине на нова локација. Децата и внуците ќе си ги прати во странство со тие пари,  за да не се мачат тука во нехумани услови за живеење. А проблемите ќе останат и ќе се трупаат од еден до друг циклус избори. Оти, власта не ги штити ни тие што ќе ги купат новите станови, а не пак и тие што веќе живеат таму. Инвеститорот си ја брка својата работа. Проблем е што власта не си ја брка нашата работа.

2 Исто како што во битката со пандемијата државата вели дека не може приватниот интерес на антиваксерите да го загрозува јавното здравје, така не може и приватнииот интерес на инвеститорите и сопственици на парцели да го загрозува општото добро. Да, приватната сопственост во капитализмот е светиња, ама приказната дека приватниот интерес е над јавниот интерес е од пред четири века. Впрочем, за тоа постои државата. Да ги постави правилата на игра, да ги обезбеди стандардите за општото добро и да ги штити некој да не ги загрози.

Имавме еден што така си го сфаќаше развојот на Скопје – дека приватниот интерес е над јавниот, па ене го, заврши избеган во гепек во Будимпешта и ги остави тие што му го одработуваа „развојот“ во Шутка.

3 На примерот на Општина Центар се покажа дека дури и кога има градоначалник што сака да смени нешто, кога ќе дојде наредба од партијата, сè што било ветено паѓа во вода. И така, наместо да ги сервисираат интересите на жителите, тие ги сервисираат интересите на партиските фирми и фирмички. И згора на тоа, тука се и корумпираните службеници што од внатре ги саботираат сите напори да се ревидираат лошите урбанистички планови.

Така е затоа што градоначалниците и советниците по Општините не работат за интересот на граѓанките и граѓаните, туку работат за да им се бендисаат на тие „од горе“ за пак да ги кандидираат. А последните четири-пет месеци од мандатот ќе садат цвеќенца и грмушки, надевајќи се дека тие што ги гласале ќе добијат амнезија и нема да се сеќаваат колку ги измамиле и изневериле.

4 Малку се претера со успесите на власта. По промоцијата на донација од Швајцарија за противпожарни возила во Берово, вицепремиерот Љупчо Николовски на својот фејсбук профил напиша: „Владата континуирано вложува во подобрување на условите за живот во секоја општина, во секој сегмент што е важен за секојдневниот животот на граѓаните.“

Кој вложува? Па, Швајцарија вложува. Што е влогот на Владата? Што ѝ дозволиле на Швајцарија да ни подари четири возила, опрема за нашите пожарникари и да ги обучи за шумски пожари? Тоа навистина е владин успех. Ама на Владата на Швајцарија.

Истиот ден беше објавено дека и германската Влада купила машина за сушење и пеглање алишта во градинка во Пехчево.

Странците прават попис што им треба на нашите граѓани, а нашиве веќе направиле попис кои службени возила треба да се заменат со нови. На пример, Фондот за здравство купува две коли за 80.000 евра, а Германската амбасада подарува фрижидер за трансплантација на коски од 6.500 евра. Што ќе му се случеше на Фондот за здравство да купеше една кола помалку и да им останеа пари за фрижидер?

Растураат амбасадите со успеси. Додека нашава влада и локалните власти прават список на локации за укрупнување и список на желби за партиските инвеститори, странските амбасадори прават списоци на потребите за нашите граѓани. Додека МПЦ гради станбени згради за свој профит, САД и ЕУ ни ги реновираат црквите што се културно богатство. Се рашетале низ Македонија странците и прецизно забележале што конкретно им треба на општините – противпожарни возила, фрижидери за болница, амбулантни возила, базени за рехабилитација, водоводи, канти за ѓубре, кабинети за аутистични деца, помагала за слепи… Единствен пропуст на амбасадите е што не забележале дека нам ни фалат и пасоши и лични карти и регистарски таблички и свидетелства, па и тоа да почнат да ни даваат. Да не губиме време во процесот на иселување.

5 За кинеските автобуси што ги купи Груевски за Скопје нема резервни делови, украинските се распаѓаат и градската власт секако мора да купува нови возила за јавниот превоз. И бидејќи е глупаво и на овие избори да се ветува трамвај, како што се ветува еве веќе триесет години, сега ќе имаме „метро над земја“. Или „трамвај на тркала“. Или, уште пошизичко е да го викаме „бас рапид транзит“. Дека многу е просто да го викаш „брз автобуски транспорт“.

Оти, на крајот на денот, ова што го промовира градоначалникот Петре Шилегов е баш тоа – брз автобуски превоз. Само што во нормални држави и во нормални градови, дури и тука, во европската дупка на Западниот Балкан, тој брз автобуски превоз се обезбедува со жолта линија на крајната десна лента, а не се уништува средишното зеленило на булеварите. Зошто? Затоа што кај нас, крајната десна лента е зафатена од мангупи што пијат кафе додека си ги гледаат колите и од полицајци што наместо да ги казнуваат шизиците, ги оставаат колите на улица и тркнуваат до кладилница.

Така е тоа кај нас. Наместо да ги тргнат мангупите што ѝ пречат на државата, државата ќе го тргне зеленилото што им пречи на мангупите.

АУДИО ВЕРЗИЈА

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира