1 Слика број 1: Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова на собир на десничарските европски партии во Брисел заедно со лидерот на партијата Христијан Мицкоски зад таблата на која пишува ВМРО-ДПМНЕ.
Слика број 2: Кандидатот на СДСМ и ДУИ Стево Пендаровски навива на фудбал во друштво на генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски.
Што бара професорката што самата се промовира, а партијата што ја кандидира уште повеќе инсистира на тоа дека е „натпартиски“ кандидат, на партиски собир? И како тоа „натпартискиот“ кандидат оди на фудбал со шефот на изборниот штаб кој му го одредила партијата што го кандидирала? На фудбал се оди со другарчиња, не со партиски другари.
2 Митот за „натпартизмот“ е измислен од ВМРО-ДПМНЕ, за новово раководство да го обели образот за криминалите и злосторствата што ги правеа Груевски и дружината. Професорката Силјановска-Давкова може колку сака да се претставува за „ натпартиска“, но што фајде кога самата е кандидат на партија што не само што не се извинила за злосторствата што ги правела во минатото, туку не покажува ни свест дека тоа биле криминали. Почни од нелегалното прислушување, заврши со нападот на Собранието на 27 април 2017. За кражбите што се правеле во меѓувреме, да не отвараме муабет.
„Како тргнавте со апсењата, ќе нема политичари во опозицијата“, ќе напише професорката по право за апсењето на поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски. Самата знае дека лаже. Оти Стевчо не е уапсен затоа што како лидер на ГРОМ е во опозиција, туку затоа што како градоначалник ја злоупотребувал својата служба. Толку бил моќен, што дури и фирмата преку која се злоупотребувале општински пари се викала „ГРОМ промет“.
Само професорката си знае зошто прифатила преку неа да се обелува образот на нереформираната партија, која уште е извалкана од злото што го правела 11 години. Јасно е дека ќе го брани и Стевчо ако треба, а ќе ги брани и сите за кои ќе ѝ кажат во партијата. И така, професорката стана уште еден мeгафон на почесниот азилант од Будимпешта. Оти, тука не ни беа доволно гласни мегафоните Мицкоски, Игор Јанушев и друштвото во Белиот дворец. Па ни фалеше уште еден – натпартиски мегафон.
3 Јасно ми е зашто ВМРО-ДППМНЕ инсистираше да ни го продаде митот за „натпартиски кандидат“. Ќе смислат и ќе направат сѐ што треба, за да продолжат да нѐ убедуваат дека процесите против криминалот што партијата го направи кога беше на власт се политички прогон.
Туку, зошто на СДСМ му требаше да ја прифати таа игра? За и тие ли да му го обелуваат образот на ВМРО-ДПМНЕ? Зошто едноставно не кажаа: Да, ние одиме со партиски кандидат. Затоа што сме одговорна партија и сакаме да ја преземеме одговорноста за владеењето. И затоа немаме потреба да се криеме зад „натпартиски кандидат“.
Толку ги бива. На сѐ што ќе каже ВМРО, тие мора да стават капак. Никогаш не им текнало нешто први да кажат. Да ги престигнат ујдурмите на ВМРО-ДПМНЕ со нешто свое и паметно. И така вистински да ги придобијат натпартиските граѓани. Вака – каскај по паметот на ВМРО.
4 Што ќе се случи ако централната власт ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Сарај и тргне да го урива дивите платформи на Матка, за кои градоначаникот Блерим Беџети рече дека нема да ги легализира, ама нема ни да ги урива? ДУИ ќе ја напушти Владата? Ќе ги повика своите гласачи да гласаат за Силјановска наместо за Пендаровски? Војна ќе направат?
Изјавата на градоначалникот на Сарај е многу искрена и суштински го отсликува однесувањето на државата кон криминалот во градежништвото. Општината не е надлежна, Градот не е надлежен, Инспекторатот не е надлежен, Министерството не е надлежно… И на крај, ќе се појави Уставен суд како најнадлежен кога не треба и ќе ги легализира дивоградбите.
Јавниот интерес не го ферма никој. Од општината до Уставниот суд. Во Уставот, како една од темелните вредности е запишано „уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата“. А уставниот судија Дарко Костадиновски, укинувањето на мораториумот за градба во Општина Центар што го бараат градежните компании го образложува со зборовите „Не може оправдание да биде хуманото живеење и поквалитен живот“.
Значи, уставниот судија е убеден и не се срами да каже дека профитотот на бизнисмените од градежните компании е побитен од здравјето на граѓаните.
Така што, не плашете се. Војна нема да има. Оти, платформите на Матка не се политички проблем со ДУИ. Туку се проблем со криминалот. Аминуван дури и од Уставниот суд.
5 Дали ја видовте макетата за зградите што треба да никнат спроти „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје, ако се реализира планот што сега го ослободи Уставниот суд? Три кули пет пати поголеми од „Холидеј ин“. Од еден трговски центар влегуваш во друг, па од него излегуваш и влегуваш во трет. Сега во тој паркинг не можеш да влезеш и да излезеш без застој на сообраќајот. А како ли ќе биде кога тие шеесеткатници ќе се населат и кога во трговскиот центар ќе дојдат гости?
И ова, и власта и бизнисмените и Уставниот суд ни го продаваат како развој.
Кога во 2009 го гледавме спотот за планираните градби на „Скопје 2014“, мислевме дека никогаш нема да се реализира. Скопје 2014 е грдо и неквалитетно. Ама ова што ќе нѐ снајде ако се реализираат плановите во Општина Центар ќе биде нехумано. Како стојат работите, уште и ќе си го бараме „Скопје 2014“ како утеха. Сосе галиите, каруселот и панорамското тркало.
6 Министерството за образование се прогласи за ненадлежно да стави мораториум на школските екскурзии, по автобуската несреќа кај Ласкарци што откри криминални практики на превозникот. Им препорача на школите да бидат внимателни кога избираат компанија со која ќе ги возат учениците.
Како да бидат внимателни школите? Директорите ли да ги проверуваат кочниците? Сами ли да прават технички прегледи на автобусите? Како да бидеш внимателен, кога видовме како се лажираат технички прегледи. И што ќе ти значи документ за исправен автобус, кога пусулчето му го издал братучедот? Или самиот превозник си го издал, оти има фирма за технички преглед.
Ако Министерството за образование не е надлежно за контрола на автобусите, тогаш нека биде надлежно да нема екскурзии додека не се најде надлежен што ќе гарантира безбеден превоз.
Секогаш кога државна институција треба да донесе нешто во корист на јавен интерес, се прогласува за ненадлежна. Ама за да се заштити бизнис интерес, тогаш ако треба и Уставниот суд ќе се активира. Не може да биде „Не!“Мора да биде „Да!“.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST