ОДИМЕ НА МАРС

Пред очи ни се распаѓа цело Скопје 2014 за што се потрошени скоро милијарда евра наши пари, а власта на Фејсбук се чуди заедно со нас како тоа се распаѓа, иако има ем обврска, ем инструменти да утврди кој е одговорен за тоа

ОДИМЕ НА МАРС

1 На третата годишнина од првата бомба на Зоран Заев и од смртта на Тамара, време е фејсбук револуционерите од тоа време да си ги препрочитаат статусите. Особено оние што добија функции и одговорни раководни места во власта. Да се потсетат како пред три години прашувале: „Кој ќе ја преземе одгворноста?“ И убедувале: „Не смее да се дозволи вакво нешто да се повтори“.

Многумина од нив кои тогаш се бореа и бараа правда сега се во позиција да сменат нешто. Оти седат во институции кои треба да ги направат промените: Собрание, Влада, министерства, општинските совети, јавни претпријатија, регулаторни тела…

Не велам дека нема промени. Дојде живот. И оптимизам има. И сѐ уште држи оптимизмот. Се реши проблемот со Бугарија. Од мртва точка се мрдна решавањето на спорот со Грција. НАТО ни се насмевнува. Вратата за ЕУ се подотвара.

Ама, што е сменето во суштината на секојдневната живеачка? Поголеми плати? Повеќе вработувања? Зголемено индустриско производство? Похумано здравство? Поефикасна државна администрација? Понезависно судство? Подобро образование? Почист воздух?

И уште поважно. Што е сменето во суштината на практикувањето на власта? Нема проблем. Можеме ние уште да им прогледуваме низ прсти. Ама, веќе доволно долго се на власт за да видиме дека не преземаат ништо за да се смени начинот на владеење. Вистинска промена би била кога неодговорно владеење ќе се смени со одговорно владеење. А таква промена, и покрај најдобрата волја уште да им се простува – не гледаме.

2 Не можам да разберам, како е можно никој од власта да нема условен рефлекс да бара одговор на прашањето кој е виновен за тоа што нова зграда, во која се сместени и Државниот архив и Археолошкиот музеј и Уставниот суд, се поплавува на секој дожд? Ги однесе водата сите 42 милиони евра во Вардар и – никому ништо. А точно по име и презиме и по име на фирма се знае кој е проектант, кој е ревизор на проектот, кој е изведувач, кој е надзор.

Конечно, ако нема нема одговорност за зградите пуштени во употреба само пред четири години, зошто да се бара одговорност за утнатата траса на автопатот за Кичево? Како што, впрочем, никој не праша зошто десест години се возиме на брановиден асфалт на делницата од Неготино до Демир Капија на пријателскиот автопат кон Грција. Како на никој не му дојде да истражи кој е одговорен за вакво штетно однесување со нашите пари?

Ако власта не е кадарна да утврди одговорност за лошо изградени згради и автопати, за што е кадарна? Можеби за опремата вредна милиони евра што нова, неупотребена, со години скапува неотпакувана по подрумите во болниците?

Ова е амнестија на дело. На пример, пред очи ни се распаѓа цело Скопје 2014, за што се потрошени скоро милијарда евра наши пари, а власта на Фејсбук се чуди заедно со нас како тоа се распаѓа. А има ем обврска, ем инструменти да утврди кој е одговорен. Не ме занима што мислат на Фејсбук и колку се вицкасти на Твитер. Нека кажат што направиле. Кога ќе направат нешто.

3 Будно ја следам стручната дебата за тргањето на галиите од Вардар што го најави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Никако не можам да ја сфатам дилемата дали галиите ќе се влечат низ Вардар, или ќе се дислоцираат со кран.

Да го викнеме Илон Маск да му го реши проблемот на Петре со галиите. Да ги лансира во вселената. Како што си го лансираше автомобилот „тесла“ што сам си го направи. Визионерот Маск за 90 милиони долари испрати кола во вселената со најмоќна ракета направена до сега. А кај нас, за 42 милиони евра градиме згради што прокиснуваат на секое врнење.

Ако е за утеха, бидејќи Маск има намера до 2025 да испрати човечка мисија на Марс, ние според потрошените пари за зградата што прокиснува веќе сме на пола пат до Марс. Ако ги собереме сите пари од другите фушерајски објекти од Скопје 2014, ние ќе можевме да го колонизираме Марс не само со трите галии, туку и сосе каруселите, коњите и целата фамилија на Александар. А патните трошоци се веќе исплатени во Собранието.

Тоа е нашиот план Б. Ако не успееме да го решиме проблемот со Грција и не успееме да влеземе во ЕУ, која вика дека можеби евентуално ќе станеме членка во 2025, Марс не ни бега.

4 Спас на Марс ќе бараме оти до 2025 година Македонија ќе остане без лекари. Лекарската комора објави дека од 220 завршени  на Медицинскиот факултет во Скопје годишно, 170 побарале документи за иселување. И дека за две години во Македонија ќе има само 13 матични педијатри.

Па ние не треба да го менуваме името за да нѐ снема. Нас веќе нѐ снемува. Тие што избегале од земјава, избегале. Тие што ќе останеме ќе изумреме. Најиздржливите ќе се спасат на Марс.

5 Никола Груевски се закануваше дека се врти тркалото. И, на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за нецел месец навистина му заврте тркалото. Отиде на пат за Америка. Полета од аеродромот „Александар Велики“. А ќе се врати на Меѓународен аеродром Скопје.

6 ВМРО на денот и овојпат е асли ВМРО. Миле Јанакиески на судењето за уривањето на „Космос“ во судницата рекол: „Судија, кога донесувате одлуки ставете се малку и во наша кожа“.

Во која точно кожа да се стави судијата? Во кожата на оној што договараше уривање со динамит? Или во кожата на оној кој договараше проценти со жутите? Или во кожата на оној што најавуваше пиштење, вриштење? Или во кожата на оној што се распрашуваше како се отвараат вреќите со гласачките ливчиња?

Миле можеби со право бара судијата да се стави во негова кожа. Затоа што, во една од бомбите чувме како претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски договара со Миле местење докази за случајот „Глобал“ против Заев.

Вангеловски веќе му се ставил во кожа на Миле. Повисоко од претседател на Врховен суд – нема. А, ни поскапоцена кожа – нема.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира