ПРИВИЛЕГИРАНО ЧУДОВИШТЕ

Власт што ги поттикнува своите граѓани единствена амбиција во животот да им биде државна плата не може да се нарече реформска.

ПРИВИЛЕГИРАНО ЧУДОВИШТЕ

1 Овие од СДСМ имаат намера да го тепаат ВМРО-ДПМНЕ со нивното оружје. Мицкоски со конкурс за кандидат за претседател на државата. И Заев со конкурс со кандидат за претседател на државата. СДСМ го глуми ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии глумат демократија. Сите ние глумиме лудило. Само ДУИ глуми разум.

Не знам само дали е паметен тој што се јавува на партиски оглас за шеф на држава. Или е будала тој што нема да се јави на оглас.

2 На два месеца до изборите за претседател на државата, двете најголеми партии не знаеле кој ќе им биде кандидат. Во Македонија, каде што на локални избори со уште непреброени гласови се знае кој е кандидат за директор на некој Водовод и канализација во Свирипичино, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ решиле на претседателските избори да ни создаваат мит за натпартизам.

Не знаат кој ќе биде претседател на државата. Ама сигурно знаат кои ќе бидат заменици директори на државните институции и јавните претпријатија што мора да ги има, оти Собранието донесе закон.

Не помина ни еден саат откако министерот за надворешни работи Никола Димитров во Брисел го потпиша Пристапниот протокол за влез во НАТО и власта во Скопје се фати со најприоритетните реформи. СДСМ и ДУИ во Собранието изгласаа закон со кој во државните институции ќе има заменици директори. Мора да се отворат добро платени државни работни места за разни беси, меси, сдсма, домови, либерали, демократи, еманципатори, независни вмровци, па и за зависните вмровци ќе има место ако затреба…

Не за џабе Никола Димитров цело време вика: „Ќе нѐ биде!“. Е, бивало ли НАТО без заменици директори?

3 Бивало ли НАТО и без да се вработат децата на функционерите во државна администрација и државни  фирми?

Пратеничката од независната група на ВМРО-ДМНЕ Емилија Александрова ја вработила ќерката во државниот Фонд за иновации. И кога медиумите тоа го објавија, таа изјави: „Разочарана сум од тоа како медиумите ги третираат семејствата, децата на јавните личности“.

Таа е разочарана!? А граѓаните што ги претставува и што ѝ даваат плата и нејзе и на ќерка ѝ, не се разочарани. Навредена е оти граѓаните прашуваат за своите пари. Башка, не прашуваат за ќерка ѝ. За неа прашуваат. Оти таа е пратеник. Неа ја бирале на избори. Или баш ѝ е гајле. Оти, таа своето гајле си го пребрала. Впрочем, како и други нејзини колешки и колеги, пратеници и други државни функционери. Само, не знам што е попоразително. Кога пратеничка се разочарува од прашања на јавноста како баш ќерка ѝ била квалификувана за државна служба, или кога министерката за одбрана Радмила Шеќеринска ќе каже дека Македонија е мала држава и сите се или роднини, или пријатели.

И како баш роднините на функционерите наоѓаат добра работа на државна плата кога блиските им се на функција, а не добиваат кога не се на функција?

Да не си правиме бајрам на умот дека непотизам има затоа што Македонија е мала земја. Таман да си и нобеловец, нема шанси да влезеш во државна компанија ако немаш партиска книшка. Или, барем да те има во некое партиско тефтерче.

Целата смисла на постоење на државата се сведе на сервисирање на таа привилегирана класа – вработени во државна администрација и државни фирми. Не дека таа класа не постоела од секогаш. Но, на пиедестал на врховна амбиција ја постави  11-годишнното владеење на ВМРО-ДПМНЕ што ја негуваше како главен клиент за да се одржи на власт. А СДСМ само продолжи таму каде што застана ВМРО. Да го храни тој клиентелизам, на сметка на сите други граѓани.

Таа привилегирана класа е едно чудовиште што се занимава само со своите интереси. И во тоа дувло царува послушност, некадарност, мрзеливост, себичност и тупост. Битката да се влезе во таа класа по секоја цена е тоа што ќе ја дотепа Македонија. Таа класа не им служи на граѓаните. Таа класа си служи сама себеси. А се храни од граѓаните. Ама, до кога? Власт што ги поттикнува своите граѓани единствена амбиција во животот да им биде државна плата не може да се нарече реформска.

4 Ме обесхрабрува и кога премиер на Влада ќе каже дека интересот на приватниот бизнис е поважен од јавниот интерес. Како што Заев му вети на „чичко Никола“  дека лично ќе се потруди да му овозможи да изгради „мало објектче за семеен бизнис“ од 7 соби и 8 апартмани на четири ката во заштитената зона на помалку од 10 метри од брегот на Охридското Езеро.

Заев навистина изгледа има намера да го тепа ВМРО-ДПМНЕ со оружјето на Никола Груевски. Тој  решаваше проблеми пред камери со мобилни телефони. Груевски носеше песок од Грција и палми од Кина за да прави морски плажи во езеро, а Заев, бидејќи е дил ориентид, со смс пораки дава дозволи за градба. Па вели: „Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. ‘Не бива’, не може најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’“.

Значи, во Македонија има граѓани за кои важат законите. И граѓани за кои премиерот вика дека не важат законите.

Оти „објектчето“ од 4 ката на чичко Никола на кого Заев сака да му учини е во заштитена зона на брегот на Езерото што е светско природно и културно наследство. Тоа „објектче“ крши 12 закони и Устав и е во спротивност со препораките на УНЕСКО.

Значи, премиерот лично ќе ургира за да го погази јавниот интерес.  А наивните граѓани што плаќаат данок и веруваат во институции, кога од устата на институцијата премиер ќе чујат дека тој е подготвен лично да погази 12 закони и Устав заради приватен интерес, се прилично скептични дека ќе нѐ биде. И разочарани дека живот во Македонија тешко ќе дојде.

Сега останува уште премиерот да каже дека е разочаран од тоа како медиумите ја третираат неговата изјава во Охрид. И – така сѐ почнува.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира