ШПРИЦЕР ПО ПРОТОКОЛ

Македонецот повторно пред историски крстопат. Дали да стане Бугарин и да ризикува да го стават на американската црна листа, или да си чека трпеливо датум за почеток на преговори со ЕУ?

ШПРИЦЕР ПО ПРОТОКОЛ

1 Пробајте во иста реченица да ги ставите зборовите „ДУИ“, „убаво“ и „држава“. Кога ќе ја чуете најавата дека Лидерот на ДУИ Али Ахмети в сабота ќе соопшти нешто добро за државата, па уште и кога ќе се додаде дека тој предлог ќе предизвикал дебата во јавноста, јас попрво би се плашел, отколку што би се радувал.

Што може да соопшти ДУИ, а да биде добро за државата? Можеби в сабота ќе се тргаат дивите платформи на Матка? Или Али Ахмети ќе се слика пред македонското знаме? Веста ќе ни ја соопшти на македонски јазик? Или овој викенд нема да се запали ниту една трска во Струга? Или во Тетово ќе пуштат вода и во погорните делови од градот? Или пајакот ќе дига коли и во Чаир и на Бит пазар во Скопје, без опасност некој полицаец да се самоповреди? Или ДУИ ќе ја смени градоначалничката од СДСМ во Арачиново и ќе направи регистар, за да почне конечно и жителите на таа општина да плаќаат данок на имот?

И на Заев му се допаднало тоа што ќе го соопшти Ахмети. Ама рече да почекаме и „да не додаваме шлагче, црешка и од тоа да правиме торта“. Значи, тие двајцата не споделуваат само тендери. Туку си споделуваат и тајни.

Како двајцата да се излезени од истата драмска школа на Артан Груби. Иако, досегашните претстави со неизвесен крај до крајот не биле на арно ни за Албанците, а не пак за Македонците. Фразата „убаво за Македонија“ во иста реченица со ДУИ, некако не иде.

2 Добрата вест во сабота е што на крајот на третиот бран од ковид пандемијата можат да се организираат и свадби. Со посебни протоколи за заштита, кои ни во болница не може да се почитуваат.

Протоколите не предвиделе дека на свадба се оди да бидеш активен учесник. Не одиш да гледаш претстава како играат невестата и зетот. Како го смислиле, божем одиш на Свадбата на Фигаро и ќе дремнеш на пауза.

Сè е разработено до детали. Список на гости, ковид менаџер, мерење температура, во веце само со маска, музиката на 5 метри од гостите и не смее да шета меѓу маси, забрането гушкање и бацување, само невестата и младоженецот може да играат заедно, другите секој сам за себе ќе си биде ороводец… Замисли некој од страна да го гледа тој спектакл – се собрале 100 души и секој сам си игра во своите 4 квадрати.

Арно ама, Комисијата за заразни болести го заборавила најважниот детал. На свадба се пие алкохол. А со алкохол и концентрацијата за дистанца попушта.

Што е за право, дури и да ограничат пиење алкохол, опасноста за губење концентрација и преминување во туѓите 4 квадратни метри за играње останува. Оти, на секоја маса мора да има и средство за дезинфекција. Кај има средство, има и вода. Шприцер по протокол. Ако е зорт, де.

3 Продолжува и претставата со неизвесен крај до крајот што ја игра Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Зоран Заев изјави дека е спремен да ја моли Софија да го симне ветото, а бугарскиот претседател Румен Радев рече дека Бугарија ќе бара гаранции од ЕУ за Македонија.

Какви гаранции ќе бара Бугарија од ЕУ? Дека до крајот на преговорите, кога ќе треба да нè примат во ЕУ, Македонците ќе станат Бугари? Со што може една мала Македонија што не е членка на ЕУ да ја загрози Бугарија, што е рамноправна со уште 26 земји што го сочинуваат најмоќниот сојуз во Европа? Дури ни во степен на корупција не може да ги загрозиме. Поголеми се, побогати и имаат подолга традиција на коруптивни практики.

Сега, кога САД ставија на црна листа неколку бугарски бизнисмени поради корупција поврзана со власта и ја прекорија Бугарија, членката на ЕУ, дека недоволно остро се справува со високата корупција, Македонецот е повторно ставен пред историска дилема: Дали да стане Бугарин и да ризикува да го стават на американската црна листа, или да си чека трпеливо датум за почеток на преговори со ЕУ?

4 Моли Заев, ама моли и Венко. Заев моли во Софија за датум, а Венко го моли Белград за вакцини. Побарал од српскиот министер за здравство Златибор Лончар, ако може македонските граѓанки и граѓани што во Србија примиле прва доза вакцина против ковид-19, втората доза да ја примат поблиску, во Ниш или Врање.

А бе, ваква држава загрижена за своите државјани нема никаде во свет. Македонски министер го моли српскиот министер да им овозможи на македонските здравствени осигуреници, што плаќаат здравствено осигурување на македонската држава, да не тепаат пат до Белград, туку да одат поблиску до граница да се вакцинираат. Српскиот министер вели дека ќе ја разгледа можноста да им помогне на македионските осигуреници. А македонскиот министер тоа го претставува како успех и потврда за неговата грижа за сопствените државјани.

Тие граѓанки и граѓани што во март решиле да тргнат за Србија да се вакцинираат ионака не чекале решение за ковид проблемот од македонската држава. Туку, ако веќе Венко стварно сака да не им го комплицира животот, оти ако ништо друго му го зголемија процентот на вакцинирани дома и му заштедија на трошок за вакцини, барем нека обезбеди со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тој викенд да нема застој на Табановце, како што имаше последниот викенд од март. И ако може, барем тој викенд да не се правда МВР дека е нормално понекогаш да има и пад на комјутерскиот систем. Да не си помислат луѓето дека Владата ги казнува затоа што се вакцинирале надвор, оти државата не им обезбеди вакцини дома.

5 Од рубриката „Сè по закон шефе“, неделава издвојуваме: „Одлука за неспроведување на стратегиска оценка за животната средина при донесување на Детален урбанистички план“.

Бидејќи самото тоа, да донесеш одлука да не спроведуваш нешто што треба да спроведеш, е апсурд, се обидов да разберам што всушност значи. Над детската болница за белодробни заболувања во скопско Козле, на падините на Водно, во заштитен појас, ќе се гради нова населба. Општината Карпош тоа го овозможува со повикување на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена од 2015 година. Се сеќавате дека СДСМ тогаш обвинуваше оти градоначалникот Стевчо Јакимовски нетранспарентно и преку ноќ ги менувал плановите што ги гласаа советниците.

Сега, СДСМ е на власт и распоредот на силите во Советот е поинаков. Ама и тогаш и сега, очигледно е дека советниците немаат проблем за носење одлука за неспроведување на оценка што се однесува на животната средина.

Тоа во праксата значи ова: Имаме европско законодавство за заштита на животната средина. Значи, работиме по закон. Ама, ако треба носиме одлука да не спроведуваме закон. И тоа е исто така – по закон.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира